Алгоритамските порти

14.12.2018. / 12:05
Autor
Share
algorithm mashine
Algoritamska mašina
algorithm mashine

Силиконската долина не ја разбира вистината како потрага или искушение туку инженерски предизвик.“

Ф. Фоер

 

Алгоритамската машина

Технолошката утопија заснована врз константната интеракција на податоците и алгоритамските машини, до таа мерка ги смени нашите животи, ги помести границите на приватното и јавното, вистинитото и лажното, што динамизмот на дигиталното постоење, речиси да не остава простор за разбирање на евидентната токсичност на окружувањето кое на големо го прифативме, иако знаеме дека во него манипулацијата е постојана. Манипулирањето со јавното мнение преку социјалните мрежи со посредство на софтвери кои го имитираат човечкото однесување (ботнет мрежи, лажни профили, автоматски тролови, мрежи на влијанија) е потпрено врз непроѕирноста на алгоритамската машина. Застрашувачката способност на новомедиумското креирање на општествениот консензус на мрежната јавнот, не само дека се втемелува врз кибернетичкиот модел на црната кутија во која е сместено програмираното, вмреженото општество, туку овој „напад“ врз  јавната сфера, парадоксално, е можно да се окарактеризира како „напад“ врз самата слобода на говорот. Иако се чини дека никогаш како денес не сме биле послободни, од тоа да ги изнесуваме своите мислења и да го дистрибуираме својот говор во децентрираното мрежно окружување, смисленото учество во разговорот стана ирелевантна категорија, важна е циркулацијата. Капацитетите на компјутерските алгоритми преку онлајн надзор да се мешаат (да набљудуваат, анализираат и идентификуваат) во животите на корисниците создаваат претпоставки на нова биополитичка моќ со категоризација на секојдневните активности на дигиталните животи кои откриваат склоности и навики врз основа на кои се чини дека е можно да се „отклучи“ внатрешната шифра на колективната психа и потоа со нејзе машински да се управува. Оттаму не треба да чуди што темелниот налог на т.н. податочно општесто (datafied society) е содржан во очекувањето дека единственото што не смее да (пре)стане е „истекување“ на податоците за да платформите на лажните пророци на дисрупцијата продолжат да растат.

Алгоритамската порта

Со редуцирањето на светот на податоци, алгоритамските порти, не само што главечки ја превртеа новинарската економија, туку вредностите на технолошките гиганти се наметнаа како вредности на (новата) јавна сфера. Она што некогаш ја сочинуваше клучната сила на демократијата, посветеноста на слободата на говорот и слободната размена на идеи, денес е нејзино место на сопнување, нејзина најранлива позиција ако ја земеме предвид пролиферацијата на лажните вести (демократизација на пропагандата) и дезинформираноста во виорот на  бучавата на гласовите: сите зборуваат, никој никого не слуша, па дури и полошо, тие што слушаат и што ќе слушнат имено се алгоритамски политички ботови кои ги зголемуваат спектрите на дезинформациите до моментот кога со свое превземање дополнително ќе ги афирмираат мејнстрим медиумите. Темелите на западната демократија се растргнати во оној момент кога е загубена довербата во силата и значењето на јавниот говор, а токму индиферентноста кон вистината заради трговија со „експлозија“ на информации во, како што ја нарекува Франк Пасквале „автоматизираната јавна сфера“, така воедно ja претставува и суштината на јавниот пораз. Алгоритамските машини во рацете на корпоративните техно-гиганти се во состојба сѐ подиректно да управуваат, произведуваат и да ги претпоставуваат нашите информациони потреби, со други зборови, да манипулираат со нашата комуникациска ситуација. Како во таквите околности воопшто да се зборува за вредноста на информацијата? Како да се занемари технолошкиот и податочниот фетиш како општествен факт, а притоа да се продолжи да се верува во добротворните намери на нивните месии кои ги повторуваат мантрите  за креативната економија?

Алгоритамската амплификација

Единствениот раст кој го донесоа новите медиуми е порастот на манипулацијата. Изобилство на технологијата го умножува напредниот вид на ефективни ментални дебили, како што уште поодамна има забележано Дени де Ружмон, истакнувајќи го како континуиран проблем на научно-техничката цивилизација на Западот општото одбивање пред секоја индустриска и трговска примена на некаков изум да се воочат неговите последици, кои премногу лесно се нарекуваат „револуционерни“. Алгоритамската амплификација на производството и дистрибуцијата на говорот отиде веќе толку далеку што сѐ позачестено можат да се слушнат прашањата како: дали ботовите (интелигентни софтверски агенти) како доминантно нова сила на јавниот дискурс имаат право на слобода на говорот, дали треба да се штити приватноста на лажните профили, на крај, како да се управуваат (регулираат?) приватните, дерегулирани социјални платформи кои ја опфаќаат виртуелната јавна сфера од две милијарди мрежни граѓани. Распаѓањето на традиционалниот информациски екосистем веројатно поради тоа е најдобро да се претстави со метафора на црната кутија во која е сместено „алгоритамското око“ кое има речиси универзален пристап кон големи податоци  кои непрестајно се прибираат за нас. Класичната теорија на чуварите на портата (gatekeeping theory), која во изминатите педесетина години нудеше доволна рамка за анализа на селекцијата и контролата на јавните информации, е неадекватна во контекстот на дигиталната култура, децентрализираното производство, организација и дистрибуција на (дез)информациите. Новиот културен пејзаж или дигиталната состојба, како што опишува Феликс Сталдер, го одбележуваат три форми преку кои оперира културната практика на денешницата:

a. референцијалност во производството на значењето и конституирањето на самоидентитетот (употреба на постоечки културални ресурси за сопствената продукција, нивното реаранжирање односно ремиксување, со поместување и семантичко отворање на референтноста);

б. заедништво во стабилизирањето на значењето преку заеднички споделената референтна рамка (при што динамиката на Мрежата ги реконфигурира поимите за автономија и присила) и  

в. алгоритмичност односно автоматизираност при процесот на одлучување која проистекува врз основа на екстракција на информации од изобилството на податоци кои ги произведуваат машините.

Оваа трета карактеристика, во целост го менува начинот на кој се среќаваме со информациите директно менувајќи го нашето читање и навиките. Токму таа промена и ги предизвикува прашањата дали, и воопшто во која мерка, можеме и понатаму да зборуваме за релевантноста на класичното поимање на новинарството.

Алгоритмите и корисниците

Доминантната форма на производство на информации денес ја одбележува односот помеѓу корисниците и алгоритмите, бидејќи децентрализираните механизми за избор на информации и обликување на јавниот интерес (конструкцијата на социјалната реалност) стануваат опфатени со платформи како централен авторитет. Коегзистенцијата на комплексните мрежни односи на информациските канали и текови оттаму најпрвин упатува на разбирање на новомедиумската екологија која единките ги претвора во оние кои ги објавуваат и реконтекстуализираат информациите за својата публика со што ги дестабилизираат позициите на традиционалните чувари на портата, токму како што, од другата страна, чуварите на портата подеднакво ги претставуваат и алгоритмите кои ги прибираат информациите и ги дисеминираат. Она што обично се предвидува е дека алгоритмите, токму како и индивидуите, се вклопени во специфични (социјални) системи односно подложени се на специфични сили на организациите кои управуваат со нив. Потпирање врз платформските механизми за чување на портите претпоставува дека врз основа на множество на интеракции помеѓу поединците на микро нивото се „произведува“ избор на истакнати теми. Во тоа светло, позицијата на мрежните граѓани (netizens) да избираат и објавуваат информации станува ирелевантна освен во случај таа содржина да не е одново избрана и објавена од страна на другите. Конструкцијата на социјалната реалност оттаму опстојува врз правилата на игра кои ги воспоставуваат платформите како мрежни јазли за воспоставување и оптимизирање на т.н. алгоритамска јавност. Одговорноста за масовно дезинформирање на јавноста, очигледно, нема да ја превземат силите на глобалниот пазар на чиј олтар се жртвува демократијата: кусок на информираност, вишок на огласување.

Алгоритамското обликување на комуникациите

Алгоритамското редефинирање на она што и како мислиме, односно знаеме, оттаму бара контекстуализација на примената на алгоритмите. Со други зборови истражувањата на софтверот во социјалното поле не се само неопходни за да се разбере улогата на алгоритмите, туку тие се директно артикулирани прашања, во врска со монетизирање на комуникацијата односно со современите стратегии за медиумска моќ. Алгоритамското обликување на комуникациските процеси и мислења се одвива под закрила на општествено добро (иако компјутерите и нивните мрежи не се демократизирани туку се централизирани со услугите во облакот) па би можеле да заклучиме дека недостатокот на критичката јавна свест потпомага, како што забележува Герт Ловинк, во согласување со „лажната утеха“ на црните кутии кои дури доколку се отворат би можеле да придонесат кон намалување на „алгоритамската аверзија“ која се јавува поради нетранспарентноста на нивната (зло)употреба. Значи, алгоритмите треба да ги наречеме со вистинското име, „оружје на математичката деструкција“, како што тоа и го направи Кејти О’Нил чија книга изнесува детални описи на дискриминацијата и општествениот инженеринг кои ја поткопуваат еднаквоста и ја уриваат демократијата. Ако не знаеме како алгоритмите одлучуваат, дали можеме да им веруваме? Алгоритмите директно ја примаат формата спрема карактеристиките на оние кои ги пишуваат (кодираат). Зависно од податоците кои се користат за „тренирање“ на моделот на машинско учење софтверите ги одразуваат вредностите и предрасудите на своите создатели (програмери), со други зборови, рафинираните статистички алгоритми (корпорација и влада) потенцијално носат дискриминаторни категории и класификациски пристрасности кои им одговараат на потребите на нивните сопственици. Понатаму, кој ги програмира и контролира ботовите? Ако трошоците за управување со лажни онлајн идентитети непрестајно паѓаат, а напредокот на машинското учење ветува уште пошироки можности за манипулирање со јавноста, бот економијата (четботовите односно софтерите кои користат вештачка интелигенција за да ја стимулираат конверзацијата) и понатаму ќе го диктираат темпото на деградација на довербата во јавниот дискурс на интернет мрежата. Имено, работната оперативност на софтверот сѐ уште се одвива под велот на претпоставки и уверенија за технолошката неутралност, свеста за техно-капиталистичкото производство на моќта (како и за интернет гигантите како „сили на напредокот“ чии огромни профити, како што пишува Роберт Мекчесни, се резултат на монополски повластувања, мрежниот учинок, комерцијализмот, експлоатираните работници и множесто на владини политики и субвенции), неретко останува потиснато во уверувањата дека дигиталната револуција ќе ја реши кризата на демократијата иако таа не може да биде решена без непосредно соочување со (комуникацискиот) капитализам. Етосот на Силиконската долина стои во уверувањето дека нашите животи можат да бидат програмирани за да бидат поефикасни и, како што тоа го подвлекува Френклин Фоер, со дизајнирање на архитектурата со која се ослободуваме од товарот на избор, на крај, се довршува и управувањето со процесите на одлучување. Нелагодноста која денес ја чувствуваме можеби токму и проистекува од сопствената немоќ да се одбраниме од „повикот“ на чаурата во која ќе се потврдуваат нашите усталени интереси, а со тоа за жал, ќе се обвистинат и предупредувањата според кои потпирањето врз компјутерите, како медијатори за разбирањето на себеси и на светот околу нас, на крај и самата човечка интелигенција ќе ја направи вештачка.

Ocijenite kvalitet članka