Инклузивното новинарство им е потребно на сите медиуми

05.04.2021. / 08:05

„Во ова време на пандемијата на Ковид-19, за жал, бевме сведоци на тоа како различноста сè повеќе се користи како основа за виктимизација, ширење лажни обвинувања, теории на заговор и говор на омраза кон немнозинските заедници. Оттука, новинарите/ките мора да имаат многу поактивна улога во поттикнувањето разбирање и прифаќање на различноста меѓу луѓето и да обезбедат тие различности да се одразуваат во нивните приказни. Инклузивното известување може да биде лепило кое ги лепи општествата и ги одвраќа од овие деструктивни појави.“ -  вака кон крајот на минатата година изјавила Марина Тунева, директорката на Советот за медиумите во Северна Македонија.

Таа е авторка на извештајот „Насоки за инклузивно известување во медиумите за Ковид-19“, кој е објавен во декември 2020 година.

Денес, со едноставно пребарување на Интернет можете да пронајдете голем број различни насоки и совети како медиумите да бидат повеќе инклузивни.

Колешката Ирена Омазиќ неодамна пишуваше за тоа колкава е важноста на инклузивните медиуми и дали сме свесни за причините за нивно постоење.

Што значи инклузивно новинарство

Инклузивноста едноставно се опишува како „квалитет на обидот за вклучување на многу различни типови лица и постапувања со сите чесно и еднакво“.

Инклузивноста претставува вклучување на недоволно застапените лица во нашето општество. Таа ја надминува расата, етничката припадност, националноста, сексуалната ориентација, и ги вклучува сите перспективи и контексти, како што е рамноправно вклучување на градското и руралното население, верниците, атеистите, политичките конзервативци/ки но и либералите/ките и слично.

„Инклузивното новинарство исто така значи зголемување на видливоста на маргинализираните групи во темите кои не се поврзани со нивните идентитети. Нечии години, пол, етничко потекло, религија, правен статус, инвалидност, брачен статус, или сексуална ориентација треба да се спомнуваат единствено кога тие се релевантни за приказната. Неважните референци можат да создадат стигма и дискриминација. Во согласност со тоа, пандемијата на Ковид-19 не би требала да биде поврзана со која било локација, држава, регион, националност или етничка припадност.“ – се наведува во Насоки за новинарите/ките и медиумските професионалци кои известуваат за пандемијата на Ковид-19 на УНИЦЕФ.

Она што концептот на инклузивното новинарство го нуди е потенцијалот да се „отвораат скриените линии на медиумскиот дискурс и да се отпакува процесот за легитимирање на доминантните перспективи“.

Затоа инклузивното новинарство е множество на нормативни дискурси, уредувачки политики и практики за известување кои се појавиле и се развиени за да дадат различност на гласовите во сферата на новинарството. Уредниците/чките имаат голема одговорност и обврска да го свртат вниманието  врз ваквиот пристап кон известувањето, а на своите новинари/ки да им обезбедат дополнителни  едукации за ваквиот вид на известувања да стане секојдневна практика, а не исклучок. 

Верица Рупар,

 авторката на статијата Инклузивно новинарство: Како да се расветлат гласовите кои традиционално се изоставуваат во известувањето, наведува дека „целта на инклузивното новинарство е да се развие инклузивна комуникациска компетенција која ќе овозможи рефлективно размислување, искуство на социјалниот, политичкиот и културниот плурализам и препознавање на другоста и критичкиот став кон процесот на конструкција на идентитетот (Рупар и Пешиќ 2012). Како аналитичко средство, инклузивното новинарство ја набљудува медиумската застапеност на луѓето во општественото окружување. Изборот на новинарот/ката и одлуката да вклучат и исклучат, се во корелација со функционалната диференцијација, каде утврдувањето на тоа кој е внатре, а кој надвор од границата, го дефинира „вклученото“ само во однос на „исклученото“.“

Што новинарите/ките можат да направат за да бидат поинклузивни

„Во идеален случај, новинарите треба да користат неутрален јазик без елементи на сензационализам, трудољубиво да известуваат и создаваат точни, засновани на факти, независни, непристрасни, и пред сè, такви што ја покажуваат човечноста, а кои ги земаат предвид загрозените групи. Луѓето треба да бидат претставени како луѓе, наместо како претставници на немнозински групи. Медиумите исто така мора да одбегнуваат откривање на детали за поединците/ките за да се спречи стигматизација и штетно влијание и треба да бидат внимателни кога известуваат за говорот на омраза за да ја спречат социјалната стигматизација и стереотипите.“ – наведува Марина Тунева во својот извештај.

Во овој извештај таа наведува низа примери кои новинарите/ките можат да ги усвојат за да го надградат своето медиумско известување со поголема инклузивност. Не е доволно за маргинализираните групи, за обесправените и дискриминираните да известуваат само специјализираните медиуми, ова правило треба да се однесува на сите медиуми, особено на оние чијшто досег ги надминува националните граници.

Некои од тие примери се:

  • Користете прецизен речник и водете отворена дискусија

  • Избегнувајте широки генерализации и етикетирање

  • Не користете фрази како што се „вирусот од Вухан“, „кинескиот вирус“ или „странскиот вирус“

  • Бидете внимателни кога пренесувате изјави од јавни личности коишто може да поттикнат стереотипи и ксенофобични ставови

Во овој извештај таа низ поглавјата нуди посебен осврт на медиумското известување за расата и етницитетот, сиромаштијата, лицата со попреченост во развој и инвалидитет, за жените, за мигрантите/ките и бегалците, за старите, за известувањето за религијата, за прашањето за известување за LGBTIQ лицата, како и за децата и младите. Преку овие осврти, за секоја наброена група одговара на прашањето што новинарите/ките можат да направат за нивното известување да биде попрофесионално и поинклузивно. Препорачуваме да го прочитате извештајот и да добиете нови увиди во поинклузивно новинарство.

Препознавање на предизвиците

Мелба Њусам, независната новинарка и уредничка во Charlotte во Северна Каролина, работи врз креирањето на различни обуки за новинарите/ките токму на темата за инклузивноста и различноста.

Таа неодамна го објавила прирачникот „10 чекори до поинклузивно известување“ во кој дава насоки како медиумите би можеле да бидат повеќе инклузивни во своето известување.

„Наспроти децениите создавање на причини за поголема инклузија и застапеност во новинарството, повеќето редакции сè уште не се точното огледало на општеството кое настојуваат да го фатат и информираат. Напредокот е бавен, а жените и луѓето со поинаква боја на кожа од белата и понатаму се недоволно застапени во главните медиумски приказни, што автоматски доведува до недостаток на довербата меѓу определени популации.“ – наведува таа.

Во насоките таа идентификувала четири предизвици кои го спречуваат инклузивното новинарство:

  • Потпирање врз исти извори

Искусните новинари/ки имаат навика да ги повикуваат истите извори повеќе пати, бидејќи знаат дека можат да добијат одговор а и добар цитат. Новите новинари/ки кои имаат мала или непостоечка изворна мрежа можат да ги прашаат долгогодишните новинари/ки за контакти, што ја засилува навиката за која се надеваме дека ќе ја прекинеме.

  • „Различно“, но не и поинакво.

Иако медиумите можат да се потрудат да вклучат различни гости/нки и панелисти/ки, тенденцијата е тие да се потпираат врз истите гласови. Тенденцијата е да се оди со испробана и вистинита стока, но тоа всушност не го шири кругот на гласови и перспективите. Проширете го тој круг прашувајќи ги редовните соработници/чки кого тие уште го познаваат.

  • Реагирање наместо известување.

Репортерите/ките можат да бидат повеќе склони кон реакција на настаните, наместо редовниот ангажман со лица во заедницата. Важно е да се разберат заедниците кои ги покривате за да имате посолидна база на разбирање кога ќе се случуваат големи приказни во таа заедница.

  • Поминуваме покрај вратарите.

Институционалните вратари ја нудат својата листа на гласноговорници/чки и имаат тенденција истите луѓе да ги ангажираат за сите барања на медиумите. На новинарите/ките е да побараат некој друг.

Она што новинарската инклузивност придонесува за медиумите е дефинитивно побогата содржина и релевантност во покривањето на сите актуелни теми од различни агли. Преку вакво известување медиумите можат да дојдат до нова публика која бара токму повеќе инклузивна содржина која за нив ќе биде порелевантна.

Публиката ја забележува и ја цени содржината која им зборува или им служи на нејзините идентитети. Ако се потпирате врз истите луѓе или ресурси, постојат шанси дека ќе ја пропуштите можноста да ја проширите својата публика, а можеби и ќе пропуштите важни приказни кои сè уште не се раскажани.

Доброто новинарство покрива цел спектар луѓе, места, политики и позиции. Тоа е она што го нуди инклузивното новинарство.

Ocijenite kvalitet članka