Како системското размислување овозможува подобри новинарски приказни

26.04.2021. / 08:43

Приказните одсекогаш имале моќ да влијаат на текот на општествените случувања, да допрат до луѓето, да му дадат смисол на нашиот хаотичен свет, да ги разбудат заспаните емоции и да започнуваат промени. Приказните го обликуваат начинот на кој го разбираме светот, нашето место во него, и нашата способност и желба да го промениме. Денес, во ерата на дигиталното новинарство, кога приказните на различни луѓе и настани, од различни делови на светот, се одалечени на само еден клик од нас, нивната важност е можеби и уште поголема.

Новинарите/ките со својата работа и начинот на известување за одредени проблеми и настани, можат да допринесат за постигнување на позитивни промени. Медиумските написи можат да бидат директен пат до емоциите на читателите/ките, можат да разбудат емпатија кон другите и различните, и со самото тоа да одиграат важна улога во нивното донесување на одлука за активно вклучување во промените.

Мигрантската криза, тероризмот, климатските промени, кршењето на основните човекови права, се само некои од проблемите со кои светот се соочува, и за кои новинарите/ките ширум светот секојдневно известуваат. Меѓутоа, многу е важно да се знае дека овие проблеми се составени од мноштво други, меѓусебно поврзани, проблеми кои взаемно делуваат еден на друг. Токму поради тоа, на известувањето за овие и слични проблеми, му е потребен системски пристап, како иновативен начин за подобро разбирање на комплексните проблеми, кој особено може да биде корисен на новинарите/ките во нивната работа.

Системското размислување е начин на гледање на светот и на основните врски, обрасци и идеите кои го обликуваат. Тоа е збир на алатки за разбирање на сложените проблеми и препознавање на можности за учење и промени. Да се види светот во системите ни помага да погледнеме подалеку од непосредните случувања и подлабоко да ги истражиме силите, структурите и општествените вредности кои ги движат.

За новинарите/ките, системското размислување е начин да ги контекстуализираат настаните за кои известуваат, да објаснат што е тоа што го одржува постоењето на проблемот, и да ги истражат можностите за промена на системот.

Алатки за развој на системско размислување

Системското размислување може да служи како корисен начин на размислување на новинарите/ките со цел подобро и потполно разбирање и известување за комплексните проблеми, на начини кои се практични, реални и кои се дел од нивниот секојдневен начин на известување.

Журнализам+Дизајн развил низа на алатки за системско размислување за новинари/ки за своето известување да го фокусираат на основните причини на комплексните проблеми: политиката, динамиката на моќта и уверувањето кои ги поттикнуваат системите кои активно нанесуваат штета, маргинализираат, или носат корист само на поединци/ки.

Една од практичните алатки за развој на системското мислење која новинарите/ките можат да ја користат, без разлика на тоа дали имаат кратки рокови за пишување на текстот, или станува збор за опсежна истражувачка работа, наречена еСанта мраз“. Оваа алатка може да им помогне на новинарите/ките да нурнат подлабоко и да ги согледаат поединечните настани за кои известуваат, следејќи ја трагата на основните обрасци на претходните настани, структури и идеи кои го прават системот одржлив. Со користењето на оваа алатка за развој на системското мислење новинарите/ките можат полесно да ја видат целината, односно не само врвот на сантата мраз, туку и она што се крие под површината на водата. Различните нивоа на размислување представени се како различни нивоа на сантата мраз.

sae

1. Ниво на настани

Ако го набљудуваме врвот на сантата мраз ќе добиеме само одговор на прашањето што се случува моментално, на кои настани и проблеми сведочиме. Со ваков пристап во известувањето настаните и проблемите се набљудуваат изолирано, фокусирајќи се само на нивните последици, но не и на причините. Суштинскиот проблем на овој пристап е фактот дека изолираната вест можеби нема на вистински начин да ги поврзе бројните фактори кои претходеле на одреден настан или проблем, и читателот/ката нема да може да ја види комплетната слика на начинот на кој одвоените делови се поврзуваат и ја сочинуваат целината на приказната.

2. Ниво на обрасци на претходните настани

На делот на сантата што е сместен веднаш под површината на водата, се наоѓа второто ниво на размислување, кое се однесува на обрасците на претходните настани. На ова ниво на размислување можеме да дојдеме до одговор на прашањето како се настаните поврзани, односно да ги препознаеме сличните настани кои се случувале во минатото, а кои на новинарите/ките можат да им бидат корисни за предвидување и/или спречување на на идните настани.       

За да го постигнат тоа, Журнализам+дизајн на ова ниво на новинарите/ките им препорачува поставување на следните прашања:

  • Кои се трендовите и обрасците кои го движат овој настан и/или проблем?

  • Што се случувало во претходниот период?

  • На кои податоци или истражувања можат да укажат, а кои се поврзани со овој проблем?

  • Како овој настан се поврзува со слични искуства?

3. Ниво на структурата

Ако нурнеме подлабоко, доаѓаме до следното ниво на размислување, кое се однесува на политиките, врските, и динамиката на моќта кои влијаат на обрасците на претходните настани и кои го обликуваат системот. Ова ниво одговара на прашањето што ги предизвикува обрасците што ги набљудуваме, и која е меѓусебната врска помеѓу различните настани кои претходеле. На ова ниво доаѓаме до разбирање на начинот на кој системот функционира, а во тоа на новинарите/ките може да им помогне одговарањето на следните прашања:

  • Кои политики ги движат трендовите и обрасците? Тоа можат да бидат формални закони и политики, или неформални интерни стандарди.

  • Кои динамики на моќта се во игра? Кој има највеќе корист од постоењето на таков систем, и на кој начин тие ја остваруваат таа корист? Кој е највеќе оштететен и на кој начин?

  • Какви се институционалните правила и пракси кои ги движат овие обрасци?

4. Ниво на ментални обрасци

Во самиот корен на сантата мраз, односно набљудуваниот систем, сместени се менталните обрасци, кои се однесуваат на однесувањето, верувањата, моралните начела, очекувањата и општествените вредности кои ѝ допуштаат на структурата да продолжи да постои и да функционира на начин на кој функционира. Тоа се верувања кои обично несвесно ги учиме од општеството или семејството, и за кои можеби не сме свесни, што ја прави нивната идентификација многу предизвикувачка. Одговорите на следните прашања можат да помогнат во тоа:

  • Кои лични претпоставки и верувања ги имате кога станува збор за оваа тема?

  • Кои погледи на свет, верувања, или идеи ги обликуваат политиките кои ги идентифициравте?

  • Кои се тие неизговорени претпоставки кои се неопходни за да функционира системот на начинот на кој функционира?

Сантата мраз е само една од алатките за примена на системското размислување која новинарите/ките можат да ја користат. Работната книга Системска пракса“ („Systems Practice“) содржи мноштво алатки и техники кои можат да помогнат во унапредувањето на системското размислување, но и да им послужи на новинарите/ките кои сакаат системски да пристапат кон известувањето за комплексните проблеми, и да допринесе  во постигнувањето на некои одржливи општествени промени.

Зачекорете наназад

Ако го набљудуваме само врвот на сантата мраз, постои голема веројатност дека нема да сме свесни за постоењето на подлабока, поголема маса која се наоѓа под површината на водата. Токму поради тоа, за новинарите/ките клучно е да направат чекор наназад за да можат настанот или проблемот (врвот на сантата мраз) за кој известуваат да го сместат во соодветен контекст, односно за да ја видат целосната слика, да ги идентифицираат различните агли на пристап, и да ги истражат креативните идеи за начинот на кој известувањето за одреден настан или проблем може да допре до заедницата во која тој се случил.

Системскиот пристап кон размислувањето им помага на новинарите/ките своето известување за одредени комплексни настани и/или проблеми, да го сместат на последните два слоја на сантата мраз. Резултат на таквиот начин на работа и размислување се медиумските написи кои се фокусирани на помагање на читателите/ките подобро и полесно да го разберат начинот на кој системите се дизајнирани, но и врските, моќните сили и идеи кои ги движат и ги прават одржливи, што допринесува за подобрување на шансите за постигнување на позитивни промени на тој систем.

Ocijenite kvalitet članka