Потенцијалот на YouTube за унапредување на дигиталното новинарство во областа на културата

21.06.2021. / 08:04

Појавата и развојот на дигиталното новинарство ги принудило медиумите да креираат нови стратегии кои се однесуваат на креирањето, дистрибуцијата, маркетингот и промоцијата на вести од различни области на делување. Соочени со оваа потреба за реконструкција, успешните светски медиуми сѐ почесто бираат користење на аудиовизуелни канали кои ќе им овозможат посигурен досег до поголем број на луѓе. Еден од тие канали, кои се покажале како многу корисни за медиумите е YouTube.

Во еден од претходните текстови зборувавме за дигиталното окружување на новинарството во областа на културата, во кој особено внимание се посветило на идентификување на неопходните знаења и способности на новинарите/ките кои ја покриваат областа на културата, но и на можностите кои ги нуди дигиталниот простор и користењето на нови алатки за поврзување со читателите/ките, збогатување на нивното искуство од истражувањето и информирањето за актуелните настани во областа на културата. Работата на британскиот веб портал The Guardian, послужил како пример за добра практика на известување за културата во дигитално окружување, и квалитетно искористување на потенцијалот кој го нуди. Следејќи го тој пример, помеѓу останатото, ќе покажеме на кој начин и домашните медиуми можат да ги искористат можностите кои ги нуди YouTube, со цел зголемување на бројот на нивните редовни читатели/ки.

Зошто е YouTube корисен за известување за културата?

YouTube е моќна платформа и алатка кој им овозможува на медиумите, во сите области на нивното делување, да досегнат до милионска публика преку интересни видео материјали. Тоа особено може да биде корисно на полето на новинарството во областа на културата, и тоа на следниот начин:

  • Зголемување на бројот на публикатаповеќе од милијарда корисници/чки го посетуваат YouTube секој ден. Токму поради тоа, примарната мотивација на медиумите да го користат YouTube се гледа во искористувањето на можностите кои ги нуди оваа алатка со цел зголемување на бројот на луѓето кои ја следат нивната работа.

  • Поврзување со публикатасо споделување и коментирање на видео содржини поврзани со случувањата во областа на културата и културната работа, се зголемува можноста за воспоставување на цврста врска со публиката. Тоа може да се постигне на било кој од следните начини:

  1. Гледачите/ките можат да се претплатат на каналот кој го сакаат; видеата од овие канали се појавуваат во YouTube одделите под називотШто да се гледа“ („What to Watch“) иМои претплати“ („My Subscriptions“).
  2. YouTube каналот е интерактивен; гледачите/ките можат да им поставуваат прашања на медиумите и да добиваат одговори на нивните прашања во самите видеа, или во коментарите под видеата.
  3. Публиката на YouTube споделува видеа кои им се допаѓаат наместо пасивно конзумирање; тоа е всушност платформата на социјалните медиуми, и споделувањето е основен дел на искуствата на YouTube корисниците/ките.

  4. Гледачите/ките можат да додадат видео материјали на плеј листа, за содржините кои ги сметаат за интересни и/или корисни да ги гледаат почесто.

  5. Искуството и задоволството на корисниците/ките може да се анализира преку опцијата „Ми се допаѓа“ и „Не ми се допаѓа“, која е сместена под видеата.

  • Остварување на приходи. YouTube е единствена платформа за социјални медиуми која на креаторите на содржината им овозможува остварување на приходи. Партнерската програма на YouTube дистрибуира приход од огласување врз основа на времето на гледање, гледаноста и задржувањето на публиката. YouTube зема надомест од 45% од вкупниот приход на каналот. Иако овој процент бил предмет на многу расправи, добивката која медумите ќе ја остварат на овој начин им овозможува да надоместат некои од трошоците на нивното производство.

Како да се искористи потенцијалот на YouTube?

YouTube е огромно место на кое граѓаните, без оглед на струката и професијата, можат да споделуваат видео материјали и да комуницираат едни со други. Со повеќе од две милијарди единствени корисници на YouTube (што е речиси третина од корисниците/ките на интернет), во повеќе од 100 земји на 80 јазици, со милијарда саати на прегледани видеа дневно, оваа платформа за споделување на видеа може да привлече многу луѓе – многу повеќе отколку било која телевизија, радио или весник ширум светот.

Ова може да биде многу корисно и кога станува збор за новинарството во областа на културата. Покрај тоа што медиумите од областа на културата можат да го користат како информативен канал на кој објавуваат интересни содржини и актуелни настани, YouTube може да обезбеди континуиран извор на информации за актуелните настани од светот на културата.

Исто така, YouTube овозможува пристап до едукативни видео содржини кои можат да им бидат корисни на новинарите/ките во нивното професионално усовршување. Видео презентациите и предавањата на водечките светски новинари/ки во областа на културата, можат да помогнат во унапредување на нивното разбирање на целта и на специфичноста на работата во оваа област, но и на можностите кои унапредувањето на новинарството во областа на културата може да ги има во подигнувањето на општествената свест, развивањето на критичка мисла, и создавањето на активно и прогресивно општество. Еден од тие примери е онлајн курсот на Maya Jaggi, „Introduction to Cultural Journalism“, во кој преку кратки видео презентации објаснува што е новинарство во областа на културата, кои се основни форми на новинарството во областа на културата, и исто така кои се начините за изградба на публика за култура. На YouTube каналот на Art Basel, помеѓу останатото, може да се пронајде предавање за  дигиталните медиуми и новинарството во областа на културата.  Matthew Anderson, уредник за BBC Culture, од Лондон; George Chen, Водител на јавните политики за Хонг Конг и Тајван за Facebook, од Хонг Конг; Nonny de la Peña, основач на Emblematic Group, од Санта Моника, зборуваа за тоа како трендовите кои со себе ги носи дигиталната револуција (брзи вести, известување во живо на социјалните мрежи, виртуелна реалност), влијаат на критиката на уметноста и новинарството во областа на културата.

Ова се само некои од примерите на бројни вебинари, предавања, презентации и бројни други едукативни содржини поврзани со новинарството во областа на културата ширум светот, до кои новинарите/ките може да ги доведе пребарувачот на YouTube.

YouTube како информативен канал на медиумите

Работата на британскиот веб портал The Guardian, се покажала како добар пример на успешна работа и квалитетно искористување на потенцијалот кој го нуди дигиталното окружување во известувањето за културата. Токму поради тоа, ќе се осврнеме на начинот на кој токму овој веб портал ги користи можностите кои ги нуди YouTube.

Имено, The Guardian на својот официјален YouTube канал има 1,67 милиони претплатници/ки. Покрај тоа, поседува уште шест YouTube канали, меѓу кои е и Guardian Culture, наменет за споделување на најновите видеа на The Guardian од областа на културата и уметноста.

Анализирајќи го начинот на кој The Guardian ја искористува платформата YouTube, можеме да дојдеме до следните забелешки и заклучоци кои можат да им бидат корисни и на домашните медиуми со цел унапредување на нивната работа:

  • Кратки видео материјали. Без оглед дали се работи за најава и/или претставување на изложба, концерт, ново достигнување во филмската или театарската уметност, претставување на уметници и/или вработени од светот на културата, овие видео материјали воглавно не траат подолго од 10 минути. Во светот на брзи вести, многу е важно да го претставите настанот и/или лицето од светот на културата на интересен и информативен начин во што пократко време.

  • Креирање на кратки документарни филмови за на пр. одреден правец во уметноста, начинот на кој тој оставил трага на лицето на современата култура, но и начинот на кој тој и денес постои, може да биде многу интересен начин на негово претставување. Со оглед на тоа дека оваа форма на видео материјал е најдолготраен, може да послужи и како добра алатка за зголемување на бројот на заинтересирани лица за оваа содржина, и со самото тоа и на бројот на лицата кои го следат вашиот YouTube канал.

  • Известување во живо (live streaming). Можеби најефикасен начин за привлекување на вниманието на публиката и зголемување на бројот на лицата кои го следат вашиот YouTube канал е известувањето од културните настани во живо.

  • Впечатливи наслови, описи и тагови се клучни фактори кои го привлекуваат вниманието на корисниците/ките на YouTube. Токму поради тоа, тие мораат да бидат формулирани на начин кој ќе ја разбуди љубопитноста на корисниците/ките на YouTube, и да ги мотивира во морето на други содржини да ја изберат вашата.

  • Актуелни и популарни теми се секогаш најинтересни. Известување за доделувањето на наградата Оскар, или познати и славни лица кои читаат важни книжевни дела, се некои од начините на кои Guardian Culture настојува да го привлече вниманието на што поголем број на луѓе.

  • Плејлистите им овозможуваат на корисниците на YouTube на едно место да ја пронајдат целата видео содржина поврзана со одредена тема. Покрај тоа, како што покажува примерот на Guardian Culture, оваа опција може да се користи и за прикажување на развојот на одредена тема од светот на културата.

Без оглед на значењето кое го има во секој дел од општественото постоење, културата е потисната на маргините на интересирањето и приоритетите. Затоа не изненадува фактот дека таа, поради недоволното интересирање за оваа категорија, многу често е потисната на маргините и кога е во прашање известувањето за културните настани. YouTube е платформа чиј потенцијал домашните медиуми сеуште не го искористуваат во целост, што е особено видливо ако се осврнеме на споменатите потенцијали кои тој ги има, а кои светските медиуми веќе одамна ги препознале. Со искористување на овие потенцијали на претставените начини, не само што би се унапредило дигиталното новинарство и начинот на известување за културата, туку би се придонело и на промоција на културата и на сѐ она од што е таа сочинета.

Ocijenite kvalitet članka