Од што медиумите треба да бидат независни

15.01.2021. / 09:04

Независните медиуми им се потребни на сите.

На публиката која своето мислење и многуте одлуки ги дефинира врз основа на содржината од медиумите, на институциите на земјата во која се наоѓаат медиумите, но пред сé на општеството.

Со оглед на тоа дека сме во 21-от век и дека бројот на медиумите (пред сé онлајн порталите) расте со енормна брзина од ден за ден, независноста на медиумите не можеме да ја перципираме како некогаш. Само за пример можеме да го земеме истражувањето „Нови медиуми – стари проблеми 2019“ спроведено во Црна Гора во кое се наведува дека во 10 месеци во Црна Гора е регистриран дури 21 нов портал. И понатаму е проблем што постојат многу медиуми кои не ја почитуваат дури ни препораката за регистрација на веб страницата на Агенцијата за електронските медиуми (АЕМ), туку делуваат во целосно нерегулирана средина.

Од што медиумите треба да бидат независни

За да можеме да зборуваме за медиумските слободи, плурализмот и независноста, реален одговор на ова прашање е: од сé.

Медиумите треба да бидат независни од какви било влијанија врз создавање на информациите, истражувањето на приказните и бирањето на темите за кои ќе известуваат.

Кога се зборува за независноста на медиумите, стереотипно е размислувањето дека медиумите треба да бидат независни од влијанието на државата и политиката. Ако го имаат тој вид независност, нема проблеми. Сепак, владеачката структура и политиката се само делче од влијанијата со кои медиумите денес се носат.

Влијание на владата

Слободните и независните медиуми можат да дадат информации за злоупотреби на моќта, информации за корупцијата, можат да овозможат јавна расправа за критичните прашања и да им дадат јавно признание на сите сектори на општеството. Медиумите можат да влијаат врз изградбата на довербата во институциите, но и врз надзорот врз институциите, агенциите и останатите органи кои се финансираат со парите на граѓаните. Сето тоа го можат исклучиво независните слободни медиуми кои не мораат да им прават отстапки на разните извори на моќта за да опстојат.

Како се влијае врз работата на новинарите и медиумите?

  • Со прикриено уредување на текстови кои не само што имаат неочекувана опрема на текстот, туку и додадени цели параграфи,

  • бирање на прашањата кои новинарот треба да ги постави,

  • произволно одлучување кога некој сака или не сака да се појави во медиумите...

Foto: https://www.poynter.org/business-work/2020/covid-19-deepened-serbias-local-media-crisis-heres-what-one-nonprofit-did-to-help/   
Фото:​​ https://www.poynter.org/business-work/2020/covid-19-deepened-serbias-local-media-crisis-heres-what-one-nonprofit-did-to-help/

Влијание на политиката

Работењето во медиумите мора да биде објективно и независно од која било политичка опција.

Ова би значело да им се даде целосно еднаков третман и еднаква шанса на сите политички опции и да им се даде еднаков простор во медиумот.

Пристрасноста во известувањето или застапувањето на исклучително една политичка опција може да ги доведе граѓаните во заблуда, особено ако медиумот се претставува како независен, но е далеку од тоа.

Без оглед на демократизацијата на општеството, влијанијата на политиката секогаш биле присутни, а отпорноста на медиумите на ваквиот тип на влијанија и слободата јасно да се известува за тоа си имаат своја цена, а таа цена не е поволна. Имавме пример пред неколку години, кога една политичка опција ги искористила институциите на државата, упаднала во редакцијата на порталот Klix.ba и вршела претрес.

Foto: Prt scr Klix.ba
Фото: Prt scr Klix.ba

 

Влијание на спонзорите и донаторите

Новите модели на финансирање поставуваат нови етички прашања со кои се соочуваат медиумите. Постојат ситуации кога со финансиските средства доаѓаат и определени барања кои не мораат да бидат прифатливи за медиумот.

Етичките прашања кои The Online News Association’s ги нуди за анализа на ситуацијата во која се наоѓаат медиумот и новинарите се:

  • Ако сопствениците и донаторите директно и транспарентно му ја наметнале својата идеологија на медиумот, дали тоа ви е прифатливо?

  • Дали ви е прифатливо да работите за организација чијашто идеологија не ја споделувате?

  • Дали ќе ви пречи да ве прикажуваат како заговарач на една или друга опција?

  • Дали ќе инсистирате на тоа организацијата да биде транспарентна во поглед на својата положба, особено ако тоа влијае врз вестите?

  • Ако сопствениците и донаторите кажат дека во целост ќе ја разделат уредничката политика од бизнисот, дали медиумот ќе го очекува целосниот молк во врска со новинарството што го создава?

  • Дали за медиумот е прифатливо донаторот да бара преглед на трудот пред објавувањето?

Без оглед на тоа како би одговориле, самите прашања ви покажуваат дека тука постојат ограничувања на слободата, особено во ситуациите кога известувањето носи непријатни информации за оној кој ги дал парите.

Влијание на огласувачите и бесплатни подароци

Огласувачите имаат право да одбираат во кој медиум ќе се огласуваат.

Веднаш е јасно дека својот оглас не го сакаат таму каде што ги критизираат, каде отворено се пишува и зборува за темите кои не му одговараат на огласувачот, таму каде што позитивно се пишува за конкуренцијата на огласувачот, таму каде што темите не се во согласност со угледот на оној кој го плаќа огласот...

Јасно ви е дека медиумите кои секогаш во сé се дипломатски ориентирани или не се реални или не се објективни. Одбегнувањето на ваквото влијание значи да се има добар план на финансирање на медиумот и извонреден менаџер кој со ова излегува на крај.

Велат дека нема бесплатен ручек.

Ако на новинарите и уредниците на медиумите им се нудат бесплатни подароци, веројатно еден ден тие ќе дојдат на наплата, затоа The Online News Association предлага неколку прашања со кои медиумот ќе се преиспита:

  • Дали треба да им се дозволи на новинарите и уредниците да прифаќаат подароци?

  • Дали треба да постои ограничување на паричната вредност на подароците?

  • Што е со „подароците“ (како бесплатно крстарење) кои нудат можности за известување кои инаку еден медиум не може да си ги приушти?

  • Дали можат новинарите да подаруваат?

Ако се работи за подарок кој се дава тајно и поединечно, за возврат сигурно ќе се очекува определен вид известување. Ова имплицира создавање на сериозни проблеми кои во иднина не мораат да завршат единствено како етички проблем.

Независноста на медиумите како способност за донесување одлуки во согласност со својата логика

Независноста на медиумите е отсутност на надворешна контрола и влијание врз институцијата или поединците кои работат во медиумите. Тоа е мерка за нечија способност да донесува одлуки и да делува со своја логика.

„Во некои од највлијателните демократии на светот големи сегменти од населението повеќе не добиваат непристрасни вести и информации. Не затоа што новинарите се во затвор, како што би можело да се случи во авторитарните окружувања. Наместо тоа, медиумите станале жртва на изнијансирани напори да се намали нивната независност. Вообичаените методи вклучуваат промени во сопственоста кои ги поддржува владата, регулаторниот и финансиски притисок како и јавно клеветење на чесните новинари.“ наведува Freedomhouse.org во својот извештај.

Ocijenite kvalitet članka