Motionbox алатка за едноставно креирање на видеозаписи

09.08.2021. / 10:18

Сѐ повеќе новинари/ки внатре во медиумските организации, во различни улоги, сега уредуваат и креираат видеозаписи. Луѓето кои снимаат и креираат видеозаписи веќе не се ограничени на висококвалификуван тим на креатори/ки на видеозаписи, тие се денес новинари/ки со различни нивоа на искуство во видео продукцијата.

Видеото било популарно и претходно, но пандемијата уште повеќе го актуелизирала користењето на видеото. Cisco веќе проценил дека до следната година неверојатни 82% од сите создадени содржини ќе бидат во видео формат.

Користењето на видеа во медиумите е секојдневие, а во забрзаната дигитална сфера, да се имаат алатки кои ќе помогнат тие видеозаписи да настануваат брзо, со следење на сите можни трендови, особено кога зборуваме за социјалните мрежи, станува голема потреба. Во врска со тоа, од година во година, настануваат различни алатки кои овозможуваат брзо и ефикасно креирање на видеозаписи за сите видови на онлајн платформи. Денес ви го претставуваме Motionbox, уште една алатка со која брзо и едноставно ќе креирате супер професионални видеозаписи.

Заедничка работа на видеото

Motionbox е онлајн алатка за уредување на видеозаписи која овозможува создавање на видеа со еден клик, додавање на титлови, конвертирање на Youtube во MP3 и е бесплатна за користење.

Motionbox е алатка слична на Canvа, но е само за видео. Им овозможува на корисниците/ките заедничка работа од далечина за уредување на видеозаписи во реално време. Позитивно влијае на текот на прегледите и на одобрувањата, забрзувајќи го процесот на заедничкото уредување и овозможувајќи им на тимовите да постигнат повеќе и побрзо.

"Видеото е иднина на многу начини, но многу компании се нервозни во обидот да се фатат во костец со тоа, грижејќи се дека изработката на видеозаписите ќе биде скапа и долготрајна. Со Motionbox создавањето на видеа и соработката ги правиме далеку попристапни и донесуваме низа на деловни предности во тој процес" – вели Peter Selmeczy, директорот на маркетинг во Motionbox.

Motionbox нуди голем број на шаблони, визуелизатор за музика, подкаст функционалност на видеозаписот, можност за едноставно додавање на титлови и текст и средства за режење на звукот, режење на видеозаписот, промена на големината на гифовите и друго. Притоа нуди идеално окружување за динамичко, соработничко уредување, зголемувајќи го квалитетот и ефикасноста на видеото. Го намалува времето за производство на видеозапис дозволувајќи споделување со својот тим, и на тој начин го прескокнуваат времето потрошено на извоз, на испраќање и на чекање на повратни информации.

Motionbox можат да го користат оние со или без искуство во уредување на видеа, што е секогаш одлична предност за било кој вид на редакција. За многу тимови оваа алатка за прв пат ја отклучува можноста за поврзување со корисниците, со потенцијалните клиенти и со персоналот преку видео.

"Едноставноста на користењето на Motionbox – како и на неговите бројни можности – навистина ги изненадуваат луѓето. Ова е уредување на видеа без граници, а сепак не ви треба искуство за да бидете брилијантни. На овој стил на видеозаписи соработката е сеуште релативно нова и драго ни е што Motionbox на овој начин постави стандард.“ – наведува Peter.

Што нуди Motionbox

Motionbox нуди низа на различни ресурси кои можат да ви помогнат да креирате професионални видеозаписи со различен формат, приспособени на сите денешни потреби.
Во оваа алатка можете да пристапите кон галеријата на фотографии и видеозаписи, како и до голем број на веќе готови шаблони за што полесно и побрзо да ги креирате вашите видеозаписи.
Ова се некои од карактеристиките кои ги нуди:

Спојување на видеозаписи

Со Motionbox можете едноставно да ги споите видеозаписите на мрежата за неколку секунди. Го олеснува спојувањето на вашите видеозаписи и комбинирањето на видео исечоци од сите формати.

Додадете текст на својот видеозапис

Оваа алатка нуди единствени и приспособени можности за анимиран текст. Едноставно можете да изберете една, а потоа само да го промените текстот и бојата и вашиот анимиран текст е подготвен.

Автоматски титлови за видеозаписи

Нуди автоматско додавање на титлови, со едноставна доработка и приспособување на фонтовите и бојата на текстот. Титловите автоматски се генерираат, но како и обично не се сеуште приспособени на нашиот јазичен простор. Но ако правите видео на англиски јазик, оваа опција добро ќе ви послужи за целта.

Промена на големината на гифовите

Тешко е да се трансформира ГИФ содржината во нова форма. Со опцијата Story Creator, можете едноставно да го пренесете ГИФ-от и да му ја промените големината според било кој сооднос/големина што ја сакате.

Кропување на видеозаписи

Без некои посебни вештини со неколку кликови можете да го кропувате видеото и да го приспособите за секоја социјална мрежа.
Кога на сето ова ќе му ја додадете можноста на видеото истовремено да работи повеќе од едно лице или да има увид во тоа што вие го работите, и ви сугерира промени, можете само да очекувате поцелосна и попрофесионална верзија на вашата приказна раскажана во форма на видео.

Motionbox доаѓа во три верзии: бесплатна, Про и Бизнис. Верзијата Про чини 15 долари месечно, а Бизнис верзијата чини 83 долари месечно.

Про и Бизнис верзијата доаѓаат без воден жиг, со HD квалитет на видеото, со премиум поддршка и со различен простор за складирање и количина на видеозаписи кои можете да ги направите на месечно ниво. Бесплатната верзија доаѓа со воден жиг, со стандарден квалитет на видеозаписот, со минимална поддршка и со ограничување од пет видеозаписи месечно.

Но, дури и со овие ограничувања, може да биде одлична алатка за дополнување на вашите новинарски приказни каде можете да ја тестирате подготвеноста на вашата редакција за заедничка изработка на видеозаписите, а после сето тоа и со мерењето на успехот можете да донесете одлука дали да го користите Motionbox или некоја друга алатка со слични перформанси која веќе сме ви ја претставиле.  

 

Ocijenite kvalitet članka