Што е Open source и како може да им биде корисен на медиумите?

07.05.2020. / 11:25

Терминот Open source (отворен или слободен софтвер) се користи за да се опишат софтвери кои корисниците/чките можат да ги користат целосно бесплатно и без ограничувања на начинот на користење. Изворниот код на софтверот во овој случај во целост му/ѝ е достапен на корисникот/чката, и тој/таа во целост може да го прилагодува кон своите потреби. Корисниците/чките имаат и можност за дистрибуција на копии од изворната програма  колку што сакаат. Важно е да се напомне дека за open source софтверите најчесто не треба да се плаќаат никакви надоместоци за лиценцирање или други ограничувања на софтверот.

Изразот настана во контекст на развојот на софтверот за да се означи специфичен пристап кон креирањето на компјутерските програми. Денес, „open source“ означува пошироко множество на вредности – она што го нарекуваме „начин на отворен код“. Проекти, производи или иницијативи со отворен код ги прифаќаат и поддржуваат принципите на отворена размена, заедничко учество, транспарентност и развој насочен кон заедницата.

Open source софтверите обично се развиваат во рамките на определени заедници, транспарентно и со отворена можност кој било да му се придружи на развојниот процес. Големите софтвери можат да вклучуваат илјадници поединечни програмери и голем број компании кои работат врз определени делови на тој софтвер. 

Целта на ваквиот пристап кон развивањето на софтвер е тој како таков да остане отворен, сигурен и флексибилен. 

Многу организации од цивилното општество се определуваат за користење на open source софтвери, пред сѐ бидејќи тие се бесплатни.

Еден од најпознатите оперативни системи кои се open source е Ubuntu Linux. Овој оперативен систем можете да го инсталирате на неограничен број ваши компјутери, и да го копирате онолку пати колку што сакате и да го споделите со вашите колеги/шки. Дури можете, доколку се разбирате во програмирање, да го преземете изворниот код на програмата и да го измените онака како што ви одговара, и така можете да создадете ваша верзија на таа програма. Сите лиценци за слободни софтвери ви овозможуваат да менувате кодови, додека лиценците на затворен извор поставуваат ограничувања и најчесто оригиналните верзии морате да ги платите. 

Моментално некои од популарните open source софтвери се Firefox, Chrome, LibreOffice, OpenOffice, и Linux

Предности и недостатоци на open source софтверите

Најважната предност која ја нудат open source софтверите дефинитивно е фактот дека тие се целосно бесплатни. Во врска со тоа не морате да се грижите за лиценцирање на софтверот кога го преземате. Проблемите со безбедносни пропусти имаат тенденција да бидат откриени и брзо поправени. Генерално, софтверот кој е достапен е со многу висок квалитет. Често можете да го прилагодувате софтверот за да ги задоволите своите специфични барања. 

Некои од недостатоците кои се врзуваат за open source софтверите е фактот што понекогаш е тешко да се задржи ажуриран софтвер, бидејќи некои апликации се менуваат речиси секојдневно. Услугите за поддршка при проблемите е тешко да се добијат. Проблем во користењето знае да биде и компатибилноста со другите, поради различни формати на документи. 

s

Зошто да се користат open source софтвери

Сѐ повеќе луѓе преферираат користење на open source софтвери од повеќе причини. Некои од тие причини се контрола, безбедност и стабилност.

Многу луѓе повеќе сакаат софтвер со отворен код бидејќи имаат поголема контрола врз таков софтвер. На тој начин можат да го прегледаат кодот за да бидат сигурни дека не го прави она што тие не го сакаат, а можат да ги променат деловите кои не им се допаѓаат. Корисниците кои не се програмери исто така имаат корист од софтверот со отворен код, бидејќи овој софтвер можат да го користат за било која цел – а не само онака како што некој друг мисли дека би требало.

Некои повеќе сакаат софтвер со отворен код бидејќи го сметаат за побезбеден и постабилен од сопственичкиот софтвер. Бидејќи секој може да го прегледува и модифицира софтверот со отворен код, некој може да ги забележи и исправи грешките или пропустите кои изворните автори/ки на програмата можеби ги пропуштиле. Со оглед дека толку програмери можат да работат врз парче софтвер со отворен код без барање на одобрување од оригиналните автори/ки, тие можат да го поправат, ажурираат и надградат софтверот со отворен код  побрзо отколку што можат да бидат сопственички софтвер.

Многу корисници/чки повеќе го сакаат софтверот со отворен код од сопственичкиот софтвер за важни, долгорочни проекти. Со оглед дека програмерите/ките јавно го дистрибуираат изворниот код за open source софтвер, корисниците кои се потпираат врз тој софтвер за критични задачи можат да бидат сигурни дека нивните алатки нема да исчезнат или пропаднат ако нивните оригинални создатели престанат да работат врз нив. Покрај тоа, софтверот со отворен код тежнее и да се вклучи и да работи во согласност со отворените стандарди.

Open source софтвери за медиумите

Заедницата на програмерите/ките чиј фокус е врз изработка на софтвери кои можат да бидат корисни во новинарството секојдневно работи врз развивање на отворени софтвери кои новинарите/ките можат да ги користат без надоместок. Постои голем број на отворени софтвери создадени токму за да бидат корисни во медиумските редакции.

Open Expo Europe во 2019 година направи листа на open source извори кои можат да придонесат за истражувачкото новинарство. Исто така, Sourcefabric нуди голем број на open source софтвери за новинари, кои можете да ги пронајдете на овој линк. Newsrewired на овој линк нуди линкови до open source софтвери за прибирање на материјали за приказни, за пронаоѓање на податоци онлајн и за визуелизација на податоците. 

Некои од отворените софтвери се ManyEyes, бесплатната онлајн алатка на IBM за визуелизација на податоци. За помош околу средување на големи бази на податоци може да ви помогне NEO4j. IFTTT е уште една алатка која може да ви ја олесни работата со податоците без било какво кодирање, а кога зборуваме за чистење на податоците тука е Open Refine. Datawrapper може да ви помогне околу визуелизација на податоците. Flourish исто така вашите податоци ќе ги претвори во супер интерактивни визуелизации. JS Timeline може да ви помогне да изградите интерактивни хронологии на настани. Со StoryMap JS можете да направите интерактивни мапи, а повеќе за оваа алатка пишувавме порано.

Важно е да се нагласи дека освен безбедносните потенцијали кои ги овозможуваат open source софтверите, тие долгорочно можат да ги намалат трошоците бидејќи во овој случај редакциите би ги насочувале парите врз одржување на системот, а не врз потенцијално плаќање на оперативните системи. Секако, open source софтвери можат да предизвикаат и проблеми во работата доколку новинарите/ките не се обучени да работат во определен open source софтвер. Би било важно да се остави простор и да се вложува во човечки потенцијали внатре во редакциите, за да ги сведете на минимум проблемите со незнаењето за користење на овие софтвери.

Ocijenite kvalitet članka