AdavisS: Сервис за медиуми со креирани дата визуелизации

25.05.2021. / 10:25

 

Пандемијата ни покажа дека податоците се многу важен фактор во медиумското известување. Поседувањето на знаење и вештини за подобро разбирање и анализирање на податоците, и визуелизација на истите претставува голема важност и потреба во сферата на дата новинарството.

Сортирањето на информациите е отсекогаш присутно, а со технолошкиот развој и со појавата на интернетот податоците енормно се зголемиле. Новинарите/ките се соочени со мноштво на информации кои е потребно многу внимателно да ги обработат и да ги интерпретираат, и за тоа им се потребни посебни вештини и алатки за да можат колку што е можно поедноставно да ги користат тие податоци. Моќта на дата новинарството е огромна, затоа што статистиката на податоци нуди голем број на нераскажани приказни.

Иновативни идеи на полето на дата новинарството

Пред половина година одржан е третиот USAID BMAP Media Innovation Lab на кој се натпреварувале шест тимови со иновативни и креативни идеи чиј фокус бил на пандемијата. Една од победничките идеи била поврзана со креирање на онлајн платформа со напредна визуелизација на податоците со користење на дата новинарството.

Од почетната идеја до реализацијата минале неколку месеци и денес во полн сјај можете да го користите овој сервис во своето секојдневно известување.

Сервисот го носи името AdavisS и неговата цел е да допринесе кон професионалното известување преку податоците во нашиот регион. Како што наведуваат во описот, сервисот нуди јасна техничка иновација која ќе го зголеми корисничкото разбирање на претставените податоци.

Сакаме да ја подигнеме летвичката кога е во прашање професионалното известување и со тоа да им дадеме алатка на медиумските куќи да известуваат етички. Ние покажуваме точни податоци,нудиме интерактивна содржина и користиме сценарија од животот кои ќе ве натераат да се запрашате.“наведуваат во описот на својот сервис.

Сервисот нуди инфографики, графикони и други различни визуелизации кои се креирани со цел новинарите/ките да можат лесно да ги користат и да ги поставуваат во своите написи.

Што е AdavisS и како медиумите можат да го користат

Разговаравме со еден од креаторите на овој сервис, Ermin Sočo, кој ни кажа нешто повеќе за изгледот на сервисот и за начините на кои овој сервис можат да го користат новинарите/ките во своите медиуми.

Balkansmedia: Половина година по завршувањето на Media Innovation Lab, вашата иновативна платформа за напредна визуелизација AdavisS веќе наголемо е онлајн. Може ли да се вратиме малку наназад и да ни кажете како дојдовте до идејата за креирање на една ваква платформа, од каде потребата?

Ermin Sočo: Самата идеја настана нешто пред Media Innovation Lab во опуштен неврзан пријателски разговор, како би било интересно да се направи некој вид на сервис за визуелизација на податоци. Едноставно сите бевме помалку изнервирани со лошата обработка на податоците и комплицираните статистички објаснувања во тој момент на пандемијата.

Balkansmedia: Како функционира вашата платформа, што нуди и на кој начин е овозможен пристап на широката заедница, особено на медиумите за кои е и примарно наменета?

Ermin Sočo: AdavisS моментално како некој блог сервис преиодично нуди визуелизации првенствено со осврт на пандемијата на Ковид – 19. Онлајн медиумите можат потполно бесплатно да ги преземат тие визуелизации и врз основа на нив да ги креираат своите новинарски приказни или да ги користат како додаток на своите текстови. Визуелизациите можат многу едноставно да се интегрираат во содржината на веб порталите на повеќе понудени начини.

Balkansmedia: Кои се критериумите кои ги следите при бирањето на темата која визуелно ќе ја претставите и ќе им ја понудите на корисниците/чките?

Ermin Sočo: Скринингот на медиумите е во моментот единствен критериум, актуелноста на темите кои се провлекуваат низ медиумите, секако сеуште примарно поврзани за пандемијата, а во иднина ќе се свртиме и кон темите како заштитата на животната средина, економијата... Медиумите исто така може да ни се јават со идеја за визуелизација, би биле исклучително задоволни кога тој вид на комуникација би се подобрил во иднина.

Balkansmedia: На кој начин доаѓате до податоците, како ги верификувате  (fact-checking) и како изгледа процесот на работата на визуелизација на тие податоци?   

Ermin Sočo: Засега исклучиво користиме достапни официјални податоци кои потоа ги визуелизираме со цел да бидат едноставни за разбирање на пошироката публика. Примарната цел ни е разбирливоста па дури потоа естетиката на визуелизацијата.

Balkansmedia: На кој начин медиумите можат да пристапат кон вашата содржина, дали таа е бесплатна, односно кои се условите за користење на вашата содржина, и на кој начин можат да ве контактираат идните корисници/чки?

Ermin Sočo: Сѐ што корисникот треба да направи е да се регистрира бесплатно на adaviss.com. Во случај на прашања или идеи за визуелизација или соработка можат да ни се јават и на adaviss@adaviss.com. Би биле секако среќни да одговориме на сите потенцијални прашања.

Balkansmedia: Иако неодамна ја покренавте платформата, дали постојат некои медиуми кои веќе ги користат вашите визуелизации, и дали имате некоја порака за медиумите кога е во прашање контактирањето и користењето на вашите визуелизации?

Ermin Sočo: Некои од БХ веб порталите веќе станаа стандардни корисници на нашата содржина. За останатите кои тоа не се можеби е најдобро да видат еден од примерите подолу. Визуелизацијата го претставува уделот на лицата со моментален имунитет на Ковид – 19 во Европа.

Топло препорачуваме да се регистрирате на овој сервис и да погледнете кои податоци до сега ги обработиле и визуелно ги претставиле. Веруваме дека како медиум ќе пронајдете нешто што ќе ви биде корисно за темите на кои работите и дека некои од нивните визуелизации ќе можете да ги користите за да ги употполните своите приказни. 

Ocjenite kvalitet članka