Интервју: Дигитален музеј со фокус врз обичниот човек

16.12.2020. / 12:21

Вчера имавте можност да го прочитате интервјуто со Ермин Сочо, едниот од овогодинешните победници на Media Innovation Lab.

Media Innovation Lab веќе три години по ред нуди креативни и иновативни содржини за медиумските професионалци/ки, дизајнери/ки и сите лица кои сакаат да бидат во тек со новите медиуми, како и со предизвиците и промените кои тие ги носат.

Covidmembrance Project од Северна Македонија, заедно со својот тим сака да работи врз мултимедиумски проект кој го нарекле „Covidmembrance“, а кој би се состоел од пет куси документарни филмови. Приказните кои би ги опфатил проектот би се однесувале на различните аспекти предизвикани од социо-економските, културните и психолошките промени кои ги донела пандемијата со Ковид-19.

Нивната платформа ќе биде интерактивна и ќе поседува различни категории преку кои публиката ќе има можност да се вклучи во овој проект.

Во продолжение погледнете го финалното излагање за проектот Covidmembrance, и прочитајте го интервјуто во кое ги прашавме каков впечаток им оставил овогодинешниот MIL, иако тој бил онлајн, како течел процесот на усовршување на идејата, колку им помогнале менторите/ките во развивањето и подобрувањето на почетничката идеја, и што е за нив етичко известување.

 

Balkansmedia: Како го доживеавте овогодинешниот Media Innovation Lab, особено бидејќи тој беше во онлајн сферата?

Covidmembrance Project: Знаете кога некој ќе каже „Ќе имаме четири дена конференција и ќе бидеме по 5-6 часа онлајн“ и потоа поминува низ главата она „што?“. Е тоа траеше помалку од две минути бидејќи луѓето од MIL веднаш нé освоија со својата енергија. Од првиот ден, кога не контактираа дека сме дел од MIL-от, па сé до последниот момент кога нé прогласија за еден од победничките тимови, бевме благодарни што ги имавме овие луѓе да нé водат низ целиот процес. Онлајн, да, но како сите да сме биле некаде во живо.

Balkansmedia: Колку ви одговараше ваквиот начин на работа во кој интензивно во четири дена ја испитувавте и ја надградувавте вашата почетна идеја?

Да, беше интензивно, но беше позитивно. Ние сме сигурни дека кога сето тоа би било во живо, би било само уште поинтересно, би ги опипале луѓето поинаку, би дознале повеќе за другите и би размениле повеќе размислувања и идеи. Но како што велиме, секој од нас бил на различни онлајн конференции но ниту една не била интересна и енергична како оваа. Во текот на четири дена можевме пред сé да работиме, но потоа и да пиеме кафе кога било да посакаме дома, да не внимаваме толку на облеката, а можеби таа слобода најмногу придонела за кусок на тензија и за константен фокус врз идејата. Со тие 5-6 часа работа, луѓето кои учествуваа само нѝ помогнаа да ја доработиме првичната идеја и му се заблагодаруваме секому подеднакво.

Balkansmedia: Колку вашата почетничка идеја е променета? Како таа изгледаше на почетокот, а како на крајот на MIL-от? Кажете нѝ нешто повеќе за тоа што е вашиот проект?

Нашата идеја се промени, веруваме, само во вистинскиот колосек. Размислувавме само два-три дена од кога го видовме конкурсот, но кога се сретнавме, само 15 минути нѝ беа доволно за да се усогласиме како треба да изгледа идејата.  Од оние пет документарци не бевме подготвени никако да се откажеме и си кажавме што било да се случи во текот на MIL-от, ние само ќе ги прифаќаме идеите и ќе одговараме на прашањата без било какви калкулации и најискрено. Нам нѝ беше драго кога слушнавме од повеќе ментори дека нашата идеја е интересна и знаевме дека одиме во насоката којашто сме ја замислиле.  Но знаете што, енергијата и креативноста се поклопија со фидбекот и не ни почувствуваме дека четири дена, по 5-6 часа бевме онлајн. Драго нѝ е што тимот на организаторите и менторите ја препознал идејата „Covidmembrance“ онака како што сме ја замислиле, значи да се занимаваме со оние теми за корона за кои ретко кој или никој не разговарал, не информирал. Во тие пет документарци ќе ги прикажеме социјалните трансформации, феномени и парадокси. Ќе ја прикажеме експертската страна, но повеќе ќе се занимаваме со обичниот човек и со неговото лично патување низ пандемијата, но и со тоа што нé чека во наредниот период. „Covidmembrance“, како што кажува самото име, е проект кој остава архива за едно време кога луѓето се промениле, но исто така покажува што луѓето знаеле или не знаеле, како тие се мотивираат низ најопасните моменти за својата безбедност но и како се однесувале со луѓето околу себе. „Covidmembrance“ е дигитален музеј.

Balkansmedia: Колку и на кој начин за развојот на вашата идеја придонел овогодинешниот тим на ментори/ки?

Конкурсот е одличен, тимот е одличен, идеите беа интересни. Верувавме дека имаме најоригинална идеја од почетокот до крајот, што е и неопходно. Но без тие ментори не можевме да ја развиеме идејата вака. Од оној момент да го прикажеме замислениот дизајн до оној начин како да ја продадеме идејата. Како да размислуваме стратешки околу промоцијата и маркетингот.

Balkansmedia: Темата на овогодинешниот MIL беше етичко известување во време на пандемија. Што е за вас етичко известување и како тоа ќе биде составен дел на вашиот проект?

Ако го земеме примерот на известување во време на пандемијата, не само во Северна Македонија, туку и на многу поголеми медиуми во светот, поголемиот дел од известувањата спаѓа на бројките на новозаразени, умрени и оздравени. Како да заборавивме на другите теми, или барем на темите околу Ковид-19 но на некое друго ниво. Колку нашите права се ограничени, како луѓето заработуваат сега, зошто државниот апарат не ги субвенционира барем витамините, како последниот семеен буџет се троши за превенција и лекување. Кога ќе зборуваме околу важноста на помошта или емпатијата? Кога ако не сега ќе анализираме или ќе слушнеме што им е неопходно на луѓето? Содржините се преполни се шпекулации, како на социјалните мрежи, така и во медиумите. „Covidmembrance“ проектот ќе помогне во разгледувањето на овие важни прашања каде човекот ќе биде во центарот на тие прашања. Ќе го редуцираме сензационалистичкиот пристап кој создава морална паника. Нашата цел е преку различни лични аспекти да едуцираме, за да се известува подобро во кризните ситуации, за да ја подобриме граѓанската одговорност и да ги намалиме идните последици.

 

 

Ocjenite kvalitet članka