Media Innovation Lab: Мултидисциплинарен пристап кон етичко известување

03.12.2020. / 10:17
Share
Media Innovation Lab: Мултидисциплинарен пристап кон етичко известување
Media Innovation Lab: Мултидисциплинарен пристап кон етичко известување
Media Innovation Lab: Мултидисциплинарен пристап кон етичко известување

Денес е веќе третиот ден на Media Innovation Lab а тимовите наголемо ги развиваат своите проекти. Од почетничките идеи, набљудувањето на различните аспекти, вклучувањето на иновациите, па сé до приспособувањето на форматот и содржината кон публиката.  Media Innovation Lab (MIL) на тој начин им дава на сите учесници/чки платформа на која можат на единствен начин да им пристапуваат на своите идеи и со помош на ментори/ки да ги унапредат своите идеи.

Токму по тој повод разговаравме со овогодинешните ментори за тоа како тие го доживуваат MIL, и на кој начин можат да придонесат за овогодинешните тимови.

Етичко известување и ментално здравје

Со оглед дека темата на овогодинешниот Lab е фокусирана врз етичкото известување за време на пандемија, Лидија Арамбашиќ, професорката по клиничка психологија од Загреб, смета дека „психологија и психолозите/гките можат да помогнат со подучување за природните, вообичаените показатели на тоа како им е на луѓето во текот и по стресните трауматски настани (овие другите се оние кои го загрозуваат човечкиот живот и здравјето). Кон тоа, психолозите знаат дека начините за ублажување на стресот и траумата зависат од многу различни фактори и дека не постојат оние кои се универзално корисни. Конечно, психолозите знаат да кажат и многу работи за (не)делотворните начини за давање поддршка на луѓето под (трауматски) стрес. Јас тоа нагалено го викам „Ова не можете-ова можете да го правите“. 

Даница Илиќ, експертката за дигитални и социјални мрежи, која со години се занимава со етичките стандарди на новинарството во дигиталното време, смета дека „етиката – етичкото известување, како и етичкото ‘добро’ управување со медиумите (good governance) е клучно за враќање на довербата во медиумите и информациите како такви. Етиката се вратила во фокусот или сé уште се враќа со појавата на социјалните мрежи, со сеопштиот пад на стандардите во известувањето, со огромен раст на бројот на ‘автори’ на информации и дезинформации – на публиката ѝ се потребни медиуми од доверба. Таа потреба уште повеќе е изразена во време на епидемија и глобална криза на општеството, неговите политички и економски институции, климатското пропаѓање и изгледа, на непоправливата нееднаквост помеѓу народите, половите, расите, класите.“  

Мултидисциплинарниот пристап кој го нуди MIL е всушност она што може да придонесе за етичко известување.

„Одлично е што тимовите работат со ментори од различни области така што можат да ги согледаат и развиваат своите идеи од повеќе аспекти. Би кажала дека ова е мултидисциплинарен пристап кон проектите и едно такво искуство може многу да им користи на новинарите и медиумите.“  - наведува Марија Вучиќ, експертка за проверка на факти во Raskrikavanje.rs.

Проверката на вистинитоста на информациите со кои располагаат новинарите/ките е важен аспект на етичко известување и во тој контекст да се знае како да се проверуваат фактите е од исклучително значење за секој новинар/ка.

„Се надевам дека мојата асистенција ќе им помогне да ги развијат своите идеи размислувајќи и за фактчекингот, односно да се погрижат сé што ќе пласираат на своите платформи да биде точно и прецизно контекстуализирано. Помеѓу останатото, темата на овогодинешниот MIL е етичко известување во време на пандемија, а етичкото известување е неразделно од точното и вистинитото известување. Мислам дека во последните месеци, соочени со глобалната здравствена криза, ние всушност и сведочиме на тоа колку е важно да се проверуваат информации и да се бираат извори на кои ќе им веруваме.“ – наведува Марија.

Дигиталното доба во новинарството

Горјан Јовановски, македонскиот еко-активист, претприемач и софтверски инженер вели дека ваков вид соработка на Балканот е исклучително важен, бидејќи се „соочуваме со слични проблеми и имаме слична публика, така што искуството на едно лице од една земја може да биде супер применливо врз сите останати. Давањето поддршка на тимовите, како финансиски, така и менторски е пресудно во помагањето за нивните проекти да заживеат.“

Со оглед дека Горјан е софтверски инженер со десетгодишно искуство во создавање на различни општествено корисни проекти, неговата помош на тимовите ќе се огледа во сфаќањето на корисноста на технологијата, и на најдобрите начини и формати за доаѓање до публиката.

Ламија и Елдин Херенда се незаменлив менторски тим на Media Innovaton Lab и тука се од самиот почеток. Ламија е мултимедијална директорка, а Елдин е графички дизајнер, па со самото тоа многу придонесуваат во сферата на визуелните решенија и презентацијата на самите идеи.

„Најголемата предност на Media Innovation Lab е таа што учесниците и учесничките можат да ги евалуираат своите идеи, да ги преиспитаат и да добијат фидбек од навистина шареноликиот тим ментори и експерти од областите кои на нив можеби им се страни. Освен од менторите тие учат и едните од другите. За време на MIL не постои конкуренција, само желба за подобрување, непресушна инспирација и секако квалитетно дружење. На MIL новинарите имаат можност од прва рака да дознаат што се случува во регионот, да ги запознаат своите регионални колеги, односно колешки и што е најважно, да соработуваат. Има нешто волшебно во креативните спринтови и навистина е задоволство да се менторира со вака креативни луѓе од кои и самата учам толку работи.“ – вели Ламија.

Таа наведува дека тие како дизајнери/ки и видео продуценти/ки сакаат да ги доближат новите форми до новинарите/ките и да нагласат дека светот се менува, го сакале ние тоа или не. „Важно е да се научи да се плива во овие нови струи, за лошата и невистината содржина да не ги преплави социјалните мрежи и портали само затоа што е подобро спакувана.“

„Начинот на кој Internews и USAID, со проектот на МIL се обидуваат да ги поттикнат луѓето да се занимаваат со иновации и со навистина секогаш извонреден и разноличен тим на ментори од речиси сите сфери кои можат да им бидат од помош, дава шанса тие прекрасни идеи да се заокружат или барем да се филтрираат и прочешлаат е навистина нешто за што луѓето кои ќе ја добијат можноста да учествуваат на MIL, можат да бидат единствено благодарни.“ – вели Елдин.
 
Ламија и Елдин директно работат со тимовите, и со нивните инпути ги бараат грешките и им укажуваат за нив за да ги отстранат колку што е можно повеќе и за колку што е можно подобро да ја спакуваат идејата во финална презентација.

„Ние доаѓаме од реалниот сектор каде борбата за парче колач секогаш е грчевита но никогаш не сме дозволиле тоа да влијае врз нашата креативност и желбата за напредување и откривање на нови работи и од таа причина сметам дека нашето искуство од креативна индустрија и бизнис страната на тоа може да им биде од големо значење.“

Дарјан Раденковиќ, шефот за маркетинг во Brainster, се согласува со своите колеги/шки ментори околу важноста на ваквиот пристап.

„Со помош на ментори, секој тим може да се фокусира врз оние активности кои низ заедничкиот бреинсторминг ќе се издвојат како најрелевантни за проектот, за сметка на оние кои менторите од искуство мошне рано во развојот на проектот можат да ги оценат како редундантни или неефикасни за крајната цел на проектот. Воедно, се мотивира пивотирање и трансформација на идеи уште во раната фаза на проектот што е многу важно за одржливоста на секој проект. Исто така, имајќи пристап до менторите кои се специјалисти од различни области, секој од проектите добива на експертиза од повеќе аспекти кои можеби не биле покриени со профилација на самиот тим кој е носител на идејата, а кои можеби би можеле да ја загрозат ефикасноста на проектот ако не се адресирани во оваа фаза.“

Дата новинарството во време на пандемија е популаризирано

Со оглед дека дата новинарството е мошне важен сегмент од новинарската работа, па така и од овогодинешните проекти, особено бидејќи темата на MIL се потпира врз пандемијата, Имер Муховиќ, биоинформатичкиот инженер, познат по следењето на изборните резултати и креирањето на визуелизации, како ментор на MIL придонесува токму во оваа сфера.

Одговарајќи на прашањето колку е важно да се знае да се разберат и визуелно разбирливо да се претстават податоците за да се одбегне погрешно толкување на податоците, тој вели: „Податоците можат да се злоупотребат на два начини, едниот е со незнаење, другиот е намерно со погрешно толкување, противотровот за двата е познавање на основите на работењето со податоците и визуелизацијата, бидејќи во визуелизацијата нема многу основни елементи, па лесно може да се стекне доволно знаење за да се одбегнат манипулациите.“

Токму во тој сегмент тој и придонесува за овогодинешните тимови. „Јас гледам дека ќе можам да им помогнам за транспарентно прикажување на податоците и толкувањето на истите, најмногу со нагласување на тоа кои се аспектите врз кои мораат да внимаваат во текот на известувањето за пандемија за да не ја наведат случајно публиката на сосема погрешни заклучоци.“

Важноста на здравјето на новинарите/ките

И за крај, осврнувајќи се врз важноста на зачувувањето на менталното здравје во време на пандемија, Лидија Арамбашиќ заклучува: „Сосема е погрешно уверението дека стручноста (од кој било вид) може да нé заштити oд тешките настани на кои сме изложени. Со оглед на тоа дека тука станува збор за Media Innovation Lab, ќе ги истакнам единствено новинарите кои, како и нивната публика, исто така се луѓе со свои приватни животи и таа човечност не е можно да се раздели од работата (иако многумина настојуваат да нé уверат во тоа). Значи, т.н. синдром на согорување и посредна трауматизација итекако се присутни во новинарската работа и тоа треба да се сфати мошне сериозно.“

Ocjenite kvalitet članka