Медиумската иновациска лабораторија донесува уште содржини

02.11.2019. / 14:34

Учесниците на Медиумската иновациска лабораторија, настан во рамки на Програмата на УСАИД за поддршка на медиумите на Балканот кој оваа година се одржува во Скопје, во текот на вториот ден ги претставија своите иновативни идеи кои ќе имаат можност да ги развијат во следните три дена.

Претпладневните сесии беа резервирани за работа во групи со менторите на Лабораторијата, кои се експерти  во различни области – програмирање, графички дизајн, дигитален маркетинг, социјални медиуми, анализа на податоци. Целта на работата со менторите е развој на иницијалните идеи, како и изнаоѓање креативни решенија за идеите кои учесниците на настанот ги развиваат во областа на новите дигитални формати за медиумска содржина. На втората по ред Медиумска Иновациска Лабораторија учествуваат шест тима и тоа три од Србија (SisterAnalyst, БИРН Србија и Белградска отворена школа), еден од Црна Гора (портал Аналитика), еден од Косово (новинска агенција InfoGlobi) и еден тим од Северна Македонија (ИДЕА Југоисточна Европа, платформа Види Вака).

Најдобрите ќе добијат финансиска поддршка за понатамошен развој на идеите.

Во текот на вториот дел од вториот ден од Лабораторијата се зборуваше за две многу важни теми кои на учесниците може многу да им помогнат како нивната содржина и идеи на кои работат да стигнат до различна публика. Љубица Поповска од Радио Слободна Европа, сервисот на Северна Македонија зборуваше за тоа како да се таргетира помладата публика и како таа да се заинтересира за медиумските содржини. Во таа насока, се зборуваше за користење на социјалните мрежи за промоција на медиумската содржина, како и прилагодување на содржината преку користење на различни дигитални формати. Ваљон Ибраими од Агенцијата за маркетинг и рекламирање New Moment од Северна Македонија зборуваше за важноста на содржината и дигиталниот маркетинг, давајќи примери од праксата.

Имер Муховиќ со неговата инспиративна презентација го опиша патот на проектот за анализа на податоци од самиот почеток до испорачувањето на крајните резултати. Поттикнат од фрустрацијата од недостиг на користење податоци во политичките анализи во Босна и Херцеговина, ја дизајнира, разви и објави анализата, а подоцна и ја искористи како основа за следење на општите избори во 2018 година. Преку своето излагање, тој ги сподели своите искуства и лекции, научени во текот на овој проект. Една од најважните научени лекции е дека треба да се внимава податоците да бидат едноставно подредени за да може тие полесно да се обработат и да се користат.

Учесниците продолжуваат да ги развиваат своите идеи со кои ќе се обидат да го убедат жирито дека токму нивната е најдобрата идеја за новите дигитални формати за медиумска содржина.

Сите предавања во видео форма наскоро ќе бидат достапни на Balkansmedia.org

Ocjenite kvalitet članka