Започна вторaта по ред лабораторија за иновации во медиумите - Media Innovation Lab: Ден за инспирација

01.11.2019. / 13:51
Share
Innovation Lab networking with participants
Media Innovation Lab Inspiration
Innovation Lab networking with participants

Втората по ред годишна конференција на USAID BMAP Media Innovation Lab, која нуди креативни и иновативни содржини за медиумските професионалци/ки, дизајнери/ки и за сите лица кои сакаат да бидат во тек со новите медиуми, и со предизвиците и промените што тие ги носат почна вчера во Скопје.
Овогодишната тема на Media Innovation Lab е Иновации на содржините во дигиталниот формат. Учесниците и учесничките ќе имаат прилика во наредните четири дена заедно да работат на развивањето на своите идеи што ги предложиле. Ова е единствената прилика на едно место да добијат најнови информации за новите медиуми, и за развојот и прилагодувањето на содржината кон публиката во онлајн сферата. Преку инспиративни презентации, и работа со ментори/ки на развојот на нивните идеи, најдобрите учесници и учеснички на крајот на Media Innovation Lab ќе добијат финансиска поддршка за развој и унапредување на нивните проекти.

Во текот на денешниот ден се претставени четири мошне значајни теми за изградба на содржините во дигиталниот формат.

ИНОВАЦИЈА НА СОДРЖИНИТЕ ВО ДИГИТАЛНИОТ ФОРМАТ

Првото предавање го одржа Мите Кузевски, извршен директор на Фондацијата за дебата и образование ИДЕА Југоисточна Европа и основач на ВидиВака. Тој всушност ги воведе учесниците/чките во темата иновација на содржините во дигиталниот формат. Во текот на своето предавање се осврна врз фактот, дека во денешно време не е доволно да се произведува единствено една форма на содржина – единствено видео, аудио, или единствено текст, туку дека денешната публика сака повеќе за истата тема. Исто така, новите медиуми можат да поднесат и различни формати, па тој факт е и клучен за креирање на содржините во онлајн сферата. Не можеме истиот формат да го поставуваме на различни платформи, нема да ѝ бидат интересни на публиката која ги користи. Мошне е важно кој формат го користиме за која социјална платформа, бидејќи од тоа ни зависи и ангажираноста на корисниците/чките.

Голем дел од своето предавање тој го посвети на производството на видео содржините, како и на фактот дека новинарите/ките мора да се прилагодат на предизвиците на новите медиуми. Тој нагласи дека е во ред да се прават грешки, но дека од тие грешки секој медиумски професионалец/ка мора нешто да научи и на тој начин да ја унапреди својата содржина. Правилата на креирање на новинарска содржина од класичното новинарство до денес се многу изменети, но многу е важно да се нагласи дека и денес се менуваат. Го наведе примерот со кратки видеа на Facebook кои беа популарни на почетокот, меѓутоа сега веќе полека подолгите формати доаѓаат до израз и до поголема побарувачка. На учесниците/чките преку проектот ВидиВака, кој донеодамна немаше ни своја веб-страница, туку целата содржина ја пласирал на социјалните мрежи, им претстави на кој начин тие креираат различни мултимедиумски содржини. Преку анализа на видео прилози, тој зборуваше за разбивањето на различните новинарски правила, и за креирање на нови. Но, тој нагласи дека без оглед на важноста на свртувањето на вниманието врз креирањето на визуелниот дел, и понатаму е многу важно да се држи до етичноста и приказните да се претставуваат на хуман начин. Бидејќи станува збор за непрофитен медиум, тој го сврте вниманието врз три типа на видео промоција. Првиот е, секако, плаќање на реклами на социјалните мрежи. Вториот е дополнително креирање на билтен (Newsletter) и испраќање на истиот до сите медиуми, со надеж дека другите медиуми ќе ја пренесат неговата содржина. Третиот начин на промоција е воспоставување на континуирана соработка со другите медиуми, и на тој начин доаѓање до пошироката публика. Тој подвлече дека е неопходно да се следи развојот на онлајн платформите, и на тој начин да се прилагодува својата содржина кон публиката која ги користи токму тие платформи.

ИНФОГРАФИКА КАКО ИНОВАЦИЈА

По ова предавање, Феѓа Куленовиќ од Internews накусо ја претстави важноста на користењето на инфографики за пласирање на приказните. Тој нагласи дека постојат едноставни и бесплатни софтвери кои можат да се симнат од интернет, а со чија помош новинарите/ките можат да креираат инфографики. Клучно во контекстот на креирање на инфографиките е да се раскаже целата приказна, водејќи се од клучните пораки и од правилото за пет секунди со кои ќе ја заинтересирате публиката да пројде низ целата инфографика.

АУДИО ФОРМАТ ВО ДИГИТАЛНОТО ОКРУЖУВАЊЕ

Попладнето беше резервирано за темата аудио и видео подкасти. Преку интересна презентација Даниел Евросимоски од радиото МОФ зборуваше за различните формати на аудио и видео подкасти како сегашност но и иднина на новинарството. Паметните телефони, кои им се достапни на сите, станаа главен уред од кој луѓето добиваат информации, и во тој поглед слушањето и гледањето на аудио подкасти станува се попопуларно. Радиото МОФ токму користејќи се со оваа иновативна форма за креирање на дигитална содржина дојде до нова публика, и преку аудио и видео подкасти обработуваат различни теми. Предизвиците со кои се среќаваат се токму прилагодување на содржината кон различните формати на социјалните мрежи. Преку анализа на содржината што ја произведуваат, на учесниците/чките на Media Innovation Lab тој им покажа како изгледа подготовката, креирањето и прилагодувањето на содржината за сите дигитални платформи.

ПРОМОЦИЈА НА МРЕЖАТА

Последното предавање првиот ден го одржа Дарјан Раденковиќ од Brainster на тема Facebook и Google рекламирања на содржини. Иако веднаш изгледа како нешто што се прави со неколку кликнувања, постојат многу податоци кои треба да се следат за да со своето рекламирање на содржини ја допреме публиката. Facebook и Google генерираат голем број информации од сите корисници, за всушност да дознаат кои реклами да им ги понудат. Зборувајќи за огласувањето тој спомна и кои се тоа револуционерни функционалности за рекламирање на содржините. Тоа се детално таргетирање на можностите, детална аналитика, флексибилност на буџетот и ремаркетинг. Повеќето од овие карактеристики можат да се пронајдат во опциите кога креирате реклама. Зборувајќи за рекламирање на Facebook, тој  нагласи дека е многу важно да не се оди директно преку статијата на бустирање, бидејќи не нуди доволно информации и можности за избор на публиката. Бустирањето е подобро да се прави преку влегување на вашата Facebook страница, и заминување на одделот за рекламирање. Во таа секција ќе добиете многу повеќе аналитика и можности колку што е можно подобро да дојдете до целната публика. Покрај оваа можност, многу е важно да се има поврзана сметка на Google аналитика, и да се знае да се анализираат и користат  достапните податоци кои ги нуди Google аналитика. Своето предавање го заклучи со тоа дека токму од аналитика можете многу да научите за својата публика, бидејќи аналитика не лаже, туку ви ги дава фактите.
Повеќе за сите презентации ќе имате можност да читате и да гледате наскоро.

 

Ocjenite kvalitet članka