Наједноставно кажано, да се биде агилен значи да се има способност за брзо приспособување на новонастанатите ситуации. Затоа, не е случајност што агилниот менаџмент, како метод, почна да се применува во почетокот на 2000-тите, како одговор на напредокот на дигитализацијата (или како нејзин резултат). За тоа што е агилен менаџмент, кои се неговите вредности и принципи, кои се неговите најпознати методи и каква е неговата врска со новинарството, во еден претходен текст ни објасни Лејла Хуремовиќ. Денес зборуваме нешто повеќе за начинот на кој Agile се применува во новинарството, за предностите од неговата употреба, за принципите на агилниот менаџмент и за Scrum методологијата во новинарството.
Agile во новинарството – како и зошто?
На светот во кој роковите стануваат сѐ пократки, а вестите сѐ побрзи, потребни му се луѓе кои имаат способност брзо да реагираат, да се менуваат и да се приспособуваат. Агилниот менаџмент е применлив во која било ситуација која бара флексибилност и способност за иновативно размислување. Затоа, не нѐ изненадува фактот дека бројни светски медиуми го препознаа потенцијалот на неговата примена во секојдневната работа.
За да се опстане во светот кој бара брза трансформација и приспособување на новонастанатите ситуации, сѐ појасна е потребата од менување на начинот на управување и раководење со медиумската организација. Печатените изданија не исчезнаа, но веќе одамна не се главен извор на вести и доаѓање до нови информации. Едноставноста, брзината и пристапноста сѐ она што ги направи онлајн вестите значително подоминантни во однос на нивните печатени претходници. Сето ова со себе ги носи предизвиците за приспособување кон новонастанатите ситуации, бидејќи секој нов извор на информации преку кои медиумите доаѓаат до публиката (печатените изданија, веб порталите, социјалните мрежи и сл.) бара проширување на работата и на делувањето на други полиња, како што се промоција, дизајн но и програмирање.
Дигиталната ера подразбира обезбедување на услови за читателите/ките кои ќе им овозоможат поквалитетно и поцелосно искуство за собирање на информации. Единствениот начин да се постигне ова во медиумските редакции е менување и приспособување на традиционалните улоги на новите барања на дигиталната ера.
Улогата на сите лица кои се вклучени во производството на вести се менува. Уредниците веќе не се само уредници, тие се и менаџери и глави на производот кои веќе не размислуваат само за форматите и за текстовите, туку и за процесите и за тековите на работата. Постојано се појавуваат нови формати кои медиумските куќи треба да го осмислат. Новите производи (медиумската содржина) бараат меѓусекторска работа (како што е со програмерите и со маркетингот). Вклучувањето на корисниците и на публиката, за време на развојот на производот е една од практиките кои спаѓаат во опсегот на агилното работење. Напнатоста што произлегува од постојаното приспособување, следење и вклучување на реакциите и на повратните информации го проширува полето на разновидност, но и на креативните можности.
12 агилни принципи во новинарството
Примената на агилниот менаџмент, како што беше претходно објаснето, подразбира почитување на 12-те принципи. Во светот на новинарството ова го подразбира следново:
1. Задоволни клиенти/ки – вашиот најголем приоритет треба да биде тоа да ја задоволите вашата публика преку рана и континуирана испорака на содржините што ги произведувате;
2. Прифаќање на промените – барањата кои се менуваат, промените кои се појавуваат во подоцнежниот развој на приказната на која работите (нови докази, подзаплети) се добредојдени. Агилните процеси поддржуваат промени кои обезбедуваат корисничка конкурентска предност;
3. Редовно испорачување на вредности – испорачајте ја вашата приказна додека се случува, ажурирајте ја често, созададете им услови на вашите читатели/ки редовно да ви се враќаат;
4. Заедничка работа – новинарите/ките, редакцијата и статистичарите мораат секојдневно да работат заедно на проектот;
5. Верба во другите и поддршка – изградете го проектот околу мотивираните поединци. Поедноставете ги процесите на развој и распоредување на приказната;
6. Разговор лице в лице – најефективниот и најефикасен метод за пренесување на информациите до и во рамките на развојниот тим е разговорот;
7. Применлив краен производ – силна и функционална меѓусекторска соработка (редакцијата, новинарите/ките, фотографите/ките, дизајнерите/ките, маркетингот) е примарна мерка за напредок;
8. Одржлив развој – Агилната редакција е поодржлива од онаа што не е таква, затоа што реагира на публиката и на приказната во развој, затоа што се обезбедуваат услови за брза реакција и за приспособување на сите промени кои настануваат за време на процесот на производство на медиумската содржина;
9. Врвен квалитет – ако раскажете добра приказна, луѓето ќе ја прочитаат;
10. Едноставност – не го комплицирајте она што можете да го поедноставите;
11. Самоорганизирани тимови – најдобрите нацрти, барања и дизајн испливуваат од тимот што е самоорганизиран;
12. Редовни повратни информации и приспособување врз основа на тоа – треба да го разберете она што сте го напишале и како вашата публика реагирала на тоа, го споделила и го дистрибуирала.
Примена на Scrum методологијата во новинарството
Како што Лејла претходно објасни, најпознатиот и најпопуларен метод за агилен менаџмент е Scrum, кој се состои од сопственикот/чката на производот (Product Owner), Scrum Master-от и развојниот тим. Ако ова го набљудуваме од аголот на новинарството, Scrum се состои од:
· Сопственик/чка на производот – главниот/та уредник/чка
· Scrum тим – Креатори на содржини, новинари/ки, фотографи/ки, уредници/чки, графички дизајнери/ки.
· Scrum Master – иако Scrum тимот е самиот scrum master, бидејќи ја разбира организациската моќ за отстранување на пречките за тимот, тоа сепак треба да биде член на тимот кој разбира и има организациска моќ да ги отстрани пречките со кои ќе се соочи тимот.
Konrad Weber, стратешки советник и тренер за дигитална трансформација, како пример за успешна примена на агилниот менаџмент во медиумското окружување ја наведува работата на списанието Neue Narrative, кое процесот на уредување на списанието го изгради со користење на Scrum методолгијата. Како што објаснува тој, процесот помеѓу планирањето на изданието, нарачувањето, уредувањето, изгледот и објавувањето тие го поделиле во 10 спринтови. Секој спринт има своја цел и различно времетраење. Пред почетокот на првиот спринт, воспоставена е грубата структура на списанието. На првичниот состанок, тимот ги собира темите и ги сместува во веќе воспоставените формати. Покрај ова, тимот исто така ја приспособил логиката на корисничката приказна: „Секој текст ѝ одговара на корисничката приказна, која е формулирана и се следи според јасно дефинирани правила. За да се пренесува приказната од еден во друг спринт, треба да бидат спроведени јасно дефинирани задачи. Оваа постапка обезбедува уште поголема транспарентност и мерливост на резултатите“, објаснува Weber.
Scrum методологијата е препознаена како успешен модел на примена и во многу други успешни светски медиуми. Зборувајќи за примената на Scrum методологијата во NPR (National Public Radio) Matt Thompson, поранешен Editoral Product Manager во NPR, ја објасни оваа поделба на следниов начин: „Сопственикот/чката на производот го претставува 'гласот на корисникот'. Оваа личност е одговорна за одговарање на прашањата што ќе се појават за време на тимската работа, ги одредува приоритетите на работата на тимот и одлучува кога таа работа е успешна завршена. Scrum master-от го шири овој процес и ги отстранува сите пречки со кои се соочуваат членовите на тимот. Тимот е, се разбира, одговорен за одлучувањето за тоа која работа ќе ја одработи и каква соработка им е потребна за да се одработи оваа работа. Scrum става исклучителен акцент на важноста на тимот, неговата автономија, па дури и на физичката близина.“ NPR користи двонеделен циклус на спринтови, со двочасовно планирање на спринтовите на првиот состанок. Секојдневните Scrum состаноци траат 15 минути и на нив секој од тимот одговара на три прашања: 1. Што правеше вчера? 2. На што работиш денес? 3. Кои се твоите пречки?
Акцентот на поделбата на овие улоги не е на нивното раздвојување, туку на нивната соработка и на навременото отстранување на сите пречки со кои се соочува тимот. Токму ова е она што дава успешни резултати и реализација на главната цел – квалитетна медиумска содржина.