Блокчејн технологијата како неискористен потенцијал во борбата против дезинформациите

25.01.2024. / 07:52

Блокчејн (chain blocks) технологијата го претставува концептот на децентрализација, трансапрентност и безбедност, покажувајќи значителен потенцијал во решавањето на некои од клучните предизвици со кои се соочува современото новинарство. Прашањата за намалување на довербата во медиумите, ширењето на лажни вести, недостатокот на транспарентност во сопственоста на медиумите како и економските притисоци, сите овие се проблеми кои имаат негативно влијание на квалитетот и на кредибилитетот на новинарското известување.

Блокчејн технологијата, која подетално ја опиша Магдалена Кулеш во текстот Блокчејнот и новата генерација на медиуми, претставува комплексна комбинација на технологии со разновидни примени. Во нејзината основа, блокчејн е технологија која е дизајнирана за безбедно складирање на податоци. Таа ги организира податоците во мали "блокови" и ги поврзува во "ланец", обезбедувајќи прецизен редослед на блоковите. Ова им овозможува на корисниците/чките да следат како се евидентирани податоците и дали некој се обидел да ги промени или да ги замени блоковите внатре во ланецот. Накратко, блокчејн технологијата претставува софистициран метод за враќање на неповратноста и на стабилноста во дигиталниот свет каде што податоците постојано се генерираат, се разменуваат и се анализираат.

Суштината на блокчејнот всушност е транспарентност и децентрализација на податоците. На пример, во случајот на Bitcoin-от, блокчејнот е децентрализиран така што ниту едно лице или група нема контрола, наместо тоа, сите корисници/чки заедно ја задржуваат контролата. Децентрализираните блокчејнови се непроменливи, што значи дека внесените податоци се неповратни. За Bitcoin-от, трансакциите се трајно снимени и се видливи за сите.

Daniel Sieberg, извршен директор на iO и на iO Ventures, го опишува блокчејнот како различен начин за користење на интернетот, каде што наместо централизирани јазли како што се Google или Facebook, блокчејнот овозможува децентрализација и нов начин за поврзување на уредите.

Традиционално, интернетот користи централизирани јазли каде што се потпираме на трета страна дури и за основни задачи како што е испраќањето на е-пошта. Блокчејнот нуди нова перспектива за деконструкција на овие централизирани јазли. Во оваа смисла, Блокчејнот претставува нов пристап кон тоа како размислуваме за централизираните јазли кои се создадени благодарение на World Wide Web-от.

Борбата против дезинформациите преку блокчејн технологијата

Фокусирајќи се на моменталните можности за користење на блокчејн технологијата во новинарството, а земајќи ги во предвид проблемите кои се присутни во индустријата, изгледа дека користењето на оваа технологија ќе биде многу корисно во борбата против дезинформациите, па со тоа и за градењето на доверба во медиумите. Со создавање на отворен и непроменлив запис за потеклото на содржината, времето на објавување и историјата на уредување што го овозможува блокчејн технологијата, медиумите можат да се фатат во костец со лажните вести.

Како што наведува Meredith Veit во публикацијата Блокчејнот и новинарството: Раскрсница помеѓу технологијата заснована на блокчејн и слободата на медиумите: Блокчејнот може да го демократизира медиумскиот пејзаж намалувајќи ја моќта на големите медиумски конгломерати. Со блокчејнот, независните новинари/ки и помалите медиумски извори ќе можат да ја објавуваат нивната работа на децентрализирана платформа, ослободени од контролата на традиционалните медиумски компании. Ова може да доведе до поразновидно и поплуралистичко медиумско окружување во кое можат да се слушнат различни гласови и перспективи.”

Потенцијалот за користење на блокчејнот во борбата против ширењето на лажните вести е истражуван во студијата што беше објавена во 2019 година, во која авторите/ките го разгледуваат блокчејн системот кој ефикасно може да го ограничи ширењето на лажни вести. 

"Решението со помош на блокчејн вклучува регистар што го одржува секој ентитет, вклучувајќи го секој/а корисник/чка на социјалната мрежа. Кога се генерираат вести, од секој ентитет се бара да ја потврди неговата автентичност и да поднесе согласност. Сметаме дека ова решение е непрактично бидејќи од секој/а корисник/чка не може да се очекува да го одржува блокчејн регистарот и секогаш да се консултира пред споделување на објава."

Во врска со тоа, тие предлагаат систем за заедничко учество на изворите на вести и на платформите на социјалните мрежи, преку постигнување на консензус и потврдување на трансакциите, со цел да се одржи децентрализирана мрежата, додека истовремено ќе се идентификуваат и ќе се ограничат размените на лажни вести.

Иако блокчејнот нема да го направи новинарството совршено, оваа технологија може да помогне во решавањето на проблемите со кои се соочуваат медиумските организации денес. Распространетоста на дезинформациите, недостатокот на одоговорност и тешкотиите во утврдувањето на авторството преставуваат сериозен проблем на денешното новинарство, а ваквите технологии можат да придонесат во борбата против нивното ширење или барем во проверката на материјалот и во утврдувањето на фактите.

Блокчејн алатка што може да помогне во борбата против дезинформациите

Секојдневно се крадат и се манипулираат милиони фотографии, за да ѝ понудат на публиката лажни и погрешни факти. Технологијата толку многу напреднала што манипулираните материјали достигнале совршенство до толкава мера што корисниците/чките тешко можат да ги препознаат како лажни.

Многу стартапи во светот почнаа да ја користат блокчејн технологијата за да се справат со клучните предизвици и проблеми со кои се соочува новинарството.

Тајванската компанија Numbers Protocol разви блокчејн алатка за да им помогне на редакциите во борбата против нападите со длабоко лажни слики (deep fake imagery). Оваа алатка вметнува метаподатоци во фотографијата, што помага во утврдувањето на тоа од каде таа потекнува, кога е снимена и во идеален случај, податоци за авторот/ката. Со оглед на тоа што алатката е поддржана од блокчејн технологијата, на тој начин таа ѝ овозможува на публиката да ја види целосната историја на фотографијата, вклучувајќи ги сите промени.

Апликацијата автоматски вметнува информации за потеклото на сликата, овозможувајќи им на медиумските организации брза проверка на содржините што ги генерирале корисниците/чките. За проверката да биде полесна и побрза, услугата исто така вклучува "Verify" механизам што го управува вештачка интелигенција, кој на корисниците/чките им овозможува проверка на автентичноста на содржините. Корисниците/чките можат да ја прикачат фотографијата на овој механизам, нешто како Google Reverse Image Search, кој потоа ја користи блокчејн технологијата за проверка на нејзиното потекло.

За да заживее една ваква апликација, новинарите/ките и фото/видео репортерите/ките треба ја пополнуваат со нивниот материјал, за да може публиката да ја потврди автентичноста и вистинитоста, но исто така и новинарите/ките да можат да докажат дека нивните материјали се оригинални, особено тогаш кога се украдени и манипулирани. Без учество на креаторите на содржини, ваквите алатки нема да имаат голема функција.

Целта на блокчејн технологијата е да создаде алатки кои на крајот служат за одредена цел, а за таа цел да заживее, треба да се користи.

Иако Блокчејн технологијата веќе не е релативно нова, нејзиниот потенцијал во новинарството сè уште не е искористен. За да може успешно да се интегрира во медиумското окружување, неопходно е да се едуцираат и медиумските експерти/ки и пошироката јавност за тоа што е блокчејн и како таа функционира за да се реализираат целосните потенцијали на оваа технологија преку новинарството.  Исто Исто така, алатките што ја користат оваа технологија треба да бидат поедноставени за да може да ги користи целата медиумска заедница.

Оценете го квалитетот на статијата