Пазарот и вниманието на корисниците се менуваат, па затоа и медиумите бараат нови пристапи за да ја привлечат публиката.
Целта на help me статиите е посилно поврзување со публиката, што ќе создаде поголем ангажман и ќе влијае на довербата во медиумскиот бренд.
Како да се пишуваат help me статии
Ако постои “како да” што го пребарува публиката, постои и можност за пишување на добра статија.
Успехот на help me статиите е резултат на изборот на темата и нејзината обработка.
Првиот чекор е истражување на она што ја интересира публиката или може да ја интересира. Во уредувачката политика можат да се дефинираат области кои се вклопуваат во содржината на медиумот и во рамките на овие теми да и се понуди на публиката квалитетна “long form” содржина која одговара на прашањата.
Вториот чекор е собирање на прашања на кои треба да се одговори, за публиката да ја смета статијата за квалитетна. Големата разлика помеѓу вообичаените и help me статиите е тоа што кај овие вторите се фокусираме на публиката и на нејзините потреби, а не на темата и на субјектот на нашата приказна.
Пример од практиката е статијата што беше објавена на 21. 6. 2023 година на порталот BBC news, “Калкулатор за стапката на инфлација во ОК: Колку ви се зголемуваат цените?” Статијата не ги појаснуваше дефинициите за инфлацијата и за другите економски термини кои луѓето можат да ги пронајдат со гуглање. Тие отидоа чекор понатаму и креираа калкулатор кој ќе му помогне на секој читател/ка да ја пресмета сопствената стапка на инфлација.

Третиот чекор во креирањето на help me статијата е да се одговори квалитетно на сите прашања. Целта на help me статијата не е да се прикаже очигледната постапка, туку да се истражат и оние прашања кои публиката не знае дека ги има. Ова значи дека не е потребно статијата да се заснова на дефиниции и на бројки од истражувањето кои можат да се пронајдат на речиси секој портал за вести. Но, затоа да се даде одговор на прашањето ‘како инфлацијата влијае врз мене’ е веќе конкретен пристап.
Публиката најчесто не е свесна за сите прашања, затоа е тука новинарот/ката за да ја истражи темата и да најде одговори на непоставените прашања, бидејќи токму одговорите на непоставените прашања ја прават разликата помеѓу добрите и средните “help me” статии.
Ако публиката бара одговор на прашањето “Како да се има енергетски ефикасна куќа?”, одговорот не може да биде “користете обновливи извори на енергија.” Денес ваквите одговори не се доволни бидејќи ги нуди секој пижама портал. Неопходно е да се објасни од кои обновливи извори на енергија читателите/ките можат да изберат и како тие да донесат одлука. Да се оди по линијата на помал отпор не е добар пристап во креирањето на содржина што треба да даде конкретна помош.
Начинот на пишување и на уредување на текстот е важен фактор за успехот на “help me” статиите.
Не е доволно само да се истражи квалитетно и да се напише, потребно е да се приспособи текстот за читање од екран. Не треба да се занемари ниту тоа дека содржината се консумира заедно со конкуренцијата која презентира егзотични дестинации и свежи вести од светот на шоу бизнисот. Колку е полесна содржината за консумирање, толку се поголеми шансите за нејзината долготрајност и успех.
Help me статиите имаат потенцијал да станат вреден извор на информации со недели, месеци па дури и со години и да носат нови посетители на веб-страницата. Се подразбира дека статијата ќе биде оптимизирана за пребарувачите, бидејќи само на таков начин публиката може долгорочно да стигне до тој текст.
Наједноставниот можен рецепт за пишување на help me статиите е:
- приоритет се целите на публиката, а не вашите идеи и уредувачката политика
- фокусот на содржината е на решавање на проблемите на публиката, а не на производот што ќе се обидат да го користат (во примерот со статијата за енергетската ефикасност на домаќинствата фокусот треба да биде на тоа што ќе преземат читателите/ките, а не на тоа како определени соларни панели се најдобри бидејќи имаат напредни перформанси).
- максимално искористете ги насловите, поднасловите, описите на фотографиите и мултимедијата за привлекување на внимание и за истакнување на вредноста што сте ја донеле со статијата.
Најуспешни формати на help me статии и примери
Форматите кои најмногу се користат при креирањето на help me статиите се:
- листи
- прашања и одговори
- водич чекор по чекор (1-2-3-4-5)
- интервјуа со експерти
- курирана содржина (избрана, организирана и презентирана со користење на стручни знаења).
Ваквите формати се најпрегледни и големите и комплицирани теми можат да се презентираат на едноставен и разбирлив начин.
Пример за текст што ги содржи речиси сите наведени формати е статијата на Forbes “Најдобро време за купување на куќа во 2023 година.” Покрај тоа што се работи за вредна статија со проверени информации, во воведот е истакнато дека ова е спонзорирана содржина.
Квалитетната содржина што и е потребна на публиката е финансирана од огласувачот.
Сомнителен професионален квалитет, несомнен маркетиншки потенцијал
Како во медиумот да вклопите содржина која целосно отстапува од она што публиката е навикната да го чита?
Постои погрешно мислење дека help me статиите нема да бидат доволно добри и професионални од две причини:
- ваквите статии најчесто се спонзорирана содржина, па ако е спонзорирана најверојатно е ѓубре
- ако статијата е SEO оптимизирана, тогаш сигурно е лоша и неквалитетна.
Ниту едната ниту другата опција не се точни, но често се среќаваат на интернет. Спонзорирањето на содржините и SEO оптимизацијата не го прават текстот лош, тој бил лош и претходно.
Целта на ваквиот пристап во креирањето на содржини во медиумите е, како што и самото име кажува “help me”, да и се помогне на публиката која веќе ги бара одговорите на прашањата, тие одговори да ги најде кај оние на кои веќе им верува.
Dmitry Shishkin, експерт за дигитална трансформација во медиумите, стратегија за содржината и иновации во издаваштвото, кој го дизајнираше Моделот за корисничките потреби, кажал:
“Оваа корисничка потреба особено е важна за локалните и за регионалните редакции, каде вие како уредници и новинари сте дел од вашата публика. Регионалните медиуми веќе вложија значителни напори за да им служат на оние што живеат во нивната област. Но, тие можат да станат највисок авторитет во нивната област кога станува збор за еднодневни излети, атракции, патувања и слично. Истото важи и за други работи, како што се рестораните и училиштата, или всушност, корисен водич за сите најчесто поставувани прашања за вашата област. Постојат страници како што е на пример Answerthepublic, кои ги прикажуваат повеќето најчесто поставувани прашања за сите локации и теми. Тоа може да биде добар почеток.”
Ако сè е толку добро, што е недостатокот на help me статиите во медиумот?
Недостатокот може да го направи самиот медиум, со избирање на несоодветни теми и со пишување на лоши содржини.