Генерација Z е генерацијата што е родена од средината на 1990-тите до 2010-тите години. Тие се пораснати со технологија и се страсни корисници/чки на дигиталните медиуми. Како резултат на ова, нивните навики за консумирање на медиумите се разликуваат од оние на другите генерации, освен што пред нив сигурно ќе биде генерацијата Alpha што е родена во почетокот на 2010-тите, но тие сѐ уште се млади за да ги набљудуваме преку консумацијата на медиумската содржина.
Генерацијата Z е секогаш онлајн.
Според глобалното истражување кое е спроведено во 2021 година, испитаниците/чките кои ѝ припаѓаат на генерацијата Z во просек три часа дневно се активни на мрежата. Ова е двојно повеќе време отколку времето што го трошат постарите генерации, што покажува колку се тие дигитално поврзани. Колку оваа бројка се движи кон напред ни покажува едно друго истражување кое е спроведено една година подоцна, според кое припадниците/чките на генерацијата Z во просек поминуваат по четири часа дневно на социјалните мрежи, а речиси двајца/две од пет испитаници/чки (38%) поминуваат дури и повеќе време.
Според истражувањето на Pew Research, генерацијата Z троши повеќе време на дигитална содржина отколку на гледање на телевизија или на користење на други традиционални медиуми. На прашањето како доаѓаат до вестите и до информациите што им се потребни, 65% од младите од 18 до 24 години кажале дека дека ги добиваат од дигиталните извори.
Генерацијата Z исто така во голема мера се потпира на социјалните мрежи за вести. Според истражувањето, 66% од припадниците/чките на генерацијата Z кажале дека ги добиваат вестите од социјалните мрежи како што се Instagram, Facebook и Twitter.
За разлика од другите генерации, генерацијата Z исто така го претпочита видеозаписот во однос на текстот.
Една четвртина (25,7%) од возрасните од генерацијата Z во Соединетите Американски Држави велат дека го користат YouTube повеќе од која било друга социјална платформа, а потоа следат TikTok (25,0%) и Instagram (20,0%).
Навиките на консумирање на медиумите на генерацијата Z главно се водени од практичноста и од непосредноста на содржините. Според анкетата, 53% од испитаниците/чките кажале дека ги добиваат вестите од нивните телефони и таблети, а повеќето од нив велат дека можат брзо да пристапат до вестите.
Консумацијата на вестите на генерацијата Z претставува и можности и предизвици за медиумските организации. Од една страна, распространетоста на мобилните уреди и на платформите на социјалните медиуми ѝ овозможи на генерацијата Z повеќе да се занимава со вестите и со актуелните настани отколку кога било досега. Ако се земе во предвид дека оваа генерација ги добива вестите преку социјалните мрежи, тоа покажува дека медиумите треба да бидат во можност да допрат до оваа публика преку социјалните медиуми, покрај традиционалните извори. Од друга страна, консумирајќи ја содржината главно преку дигиталната сфера, медиумите треба да размислуваат за поширок опсег на формати и за покривање на сите можни сфери за пласирање на содржините.
Општо, навиките на генерацијата Z во консумацијата на медиумите се одраз на нивната техничка природа и практичноста на дигиталната содржина. Тие во голема мера се потпираат на дигиталните извори и на социјалните мрежи за да ги добијат нивните вести, а за нив видеозаписот е тоа што повеќе ќе ги привлече отколку кој било вид на текстуална содржина.