Какви промени ќе донесат Facebook, Instagram и Twitter во 2023 година

06.12.2022. / 08:56

Веќе полека зачекоривме во последниот месец од 2022 година и тоа секако е време кога се осврнуваме на сѐ она што се случуваше во изминатите 12 месеци. Последните 12 месеци беа прилично хаотични во светот на социјалните медиуми. Се разбира, во вакво турбулентно време кое брзо се менува, никој не знае што точно доаѓа за секоја платформа, но секако дека може да се зборува за одредени трендови и промени. Минатиот месец ви пренесовме повеќе за форматите кои и понатаму ќе се развиваат и чиј раст ќе биде значителен.

Во текот на 2022 година, на социјалните мрежи преовладуваа разговори за слободата на говорот но и за цензурата. Пронаоѓањето на рамнотежа помеѓу слободата на говорот и говорот на омраза и понатаму останува важен предизвик, но она што се некои предвидувања е дека токму поради овие прашања ќе се појавуваат сѐ повеќе децентрализирани платформи за социјалните мрежи, како што е на пример Mastodon.

Децентрализираните платформи ја враќаат моќта во рацете на корисниците, а серверите имаат сопствени правила со кои корисниците се запознаени уште пред да се приклучат.“ –  се наведува во текстот за предвидувањето на социјалните мрежи на страницата SociallyPowerful.

Какви промени носи Facebook

Зад нас се месеците во кои опаѓа користењето на Facebook, особено кај помладата публика, а сето тоа поради TikTok и неговиот алгоритам кој го промени однесувањето на потрошувачите во сите сегменти. Токму затоа креаторот на Facebook, Mark Zuckerberg се обидува да смисли нови решенија кои ќе ја подобрат моменталната ситуација. Се предвидува дека на Facebook во текот на 2023 година ќе има повеќе објави кои ги препорачува вештачка интелигенција.

Да, ќе гледате сѐ повеќе содржини од страници и луѓе што не ги следите, како тие се инфилтрираат во вашите Facebook страници.

Она што всушност ќе се случи е дека во текот на следната година или две, ќе почнеме да прикажуваме повеќе препорачана содржина во Feed-от. И ќе знаеме дека правиме добра работа затоа што содржината на почетокот ќе истисне некоја друга содржина или пак истиснувањето на таа содржина ќе доведе до негативни повратни информации од луѓето и ќе доведе до намалување на поврзувањето на луѓето едни со други во сите мерни податоци на кои сме сосредоточени или токму тоа ќе доведе до тоа луѓето повеќе да се поврзуваат и да бидат позадоволни со производот.” – изјави Zuckerberg за The Verge.

Zuckerberg верува дека Facebook е всушност во предност во овој поглед, затоа што на Facebook корисниците/чките не се ограничени само на кратки видео содржини, туку можете да користите и слики, текстуални објави, линкови, ажурирани вести, групни ажурирања како и долг формат на видеозаписите и други форми.

Во исто време, Facebook се оддалечи од промовирање на надворешните линкови, бидејќи сакаат повеќе луѓе да поминуваат повеќе време на Facebook. Тоа може да биде можност, но сепак, не е јасно дали корисниците/чките на Facebook ќе се загреат за ваков пристап, бидејќи сѐ уште не се. Оваа промена може да влијае на медиумите во регионот кои можеби ќе забележат значителен пад на сообраќајот што доаѓа од Facebook, што во некои случаи веќе се случува. Доколку Facebook целосно ја интензивира оваа промена, традиционалните медиуми ќе мораат да најдат други начини за комуникација со публиката на оваа платформа нудејќи ѝ оригинални содржини или да почнат поинтензивно да ѝ нудат содржини со линкови преку Facebook Stories.

Функцијата Facebook Stories постигна голем успех и тој тренд е сигурно дека ќе се развива позитивно. Zuckerberg предвидува дека Facebook Stories сѐ повеќе ќе се сметаат за newsfeed-ови. Тоа ќе го промени начинот на кој корисниците/чките на Facebook ги споделуваат секојдневните случувања на платформата бидејќи приказните се случуваат во реално време и корисниците/чките можат да ги ажурираат нивните пријатели/ки за сѐ она што им се случува во животот.

Се предвидува дека и видео содржините и иновациите на ова поле, ќе бидат уште поефикасни во текот на 2023 година и на оваа платформа.

Промените што ги воведува Instagram

Со толку голема база на корисници/чки, компаниите во текот на оваа година сѐ повеќе почнаа да ги користат Instagram Stories за да се поврзат со публиката. За само две кратки години, Instagram Stories брзо стана една од најпопуларните функции на платформата, со над 1.44 милијарди корисници/чки на дневно ниво. Се предвидува дека Instagram Stories ќе го надмине Snapchat по бројот на корисници/чки до крајот на 2022 година. Затоа нема сомнение дека во текот на 2023 година, Instagram Stories ќе продолжат да се користат. Всушност, Instagram Stories ќе им помогнат на компаниите, на организациите, но и на медиумите, да го зголемат ангажманот на корисниците/чките со користење на интерактивни анкети и со промовирање на најновите понуди на IG Stories.

Со сите промени што ѝ се случија на функцијата Instagram Reels, овој формат ќе продолжи да расте.

Уште во јули, по поплаките од различни високо профилирани корисници/чки, Instagram објави дека ја намалува количината на објави кои ги препорачува вештачката интелигенција во корисничките feed-ови додека не биде во можност да го направи тоа како што треба и да се осигура дека корисниците/чките имаат добро искуство како резултат на овој процес. Ова е голема промена за Instagram, затоа што вашиот главен feed сега е мешавина од стари и нови објави како и случајните ажурирања од страниците што не ги следите.

Се очекува дека Instagram ќе додаде нови форми за создавање на содржини во 2023 година, вклучувајќи AR и 3D објави, понатамошна интеграција на NFT уметноста и на други нови форми на содржини што ќе можат да се прикажат во апликацијата. Очекувајте нови алатки за креирање, како што се GIF-ови кои се генерирани од Live Photos на Instagram, како и интеграција на алатките за 3D креирање од платформата Spark AR директно во самиот Instagram.

Twitter

Според повеќето платформи кои се занимаваат со предвидување на развојот на социјалните мрежи, во моментов апсолутно е најтешко да се предвиди развојот на Twitter.

Elon Musk, како нов сопственик на Twitter, презентираше различни нејасни планови, од кои изгледа дека ниту еден нема целосно да заживее, а со најавите за замена на целиот менаџерски и инженерски тим во апликацијата, останува нејасно какви промени ќе се случат, односно сѐ е можно и ништо не е. Затоа овие предвидувања треба да се земат со голема доза на резерва.

Elon Musk разгледува начини како да ги натера луѓето да плаќаат за користењето на Twitter. Тој спомена наплаќање на месечен надомест на компаниите за користење на апликацијата, со подобрени аналитички функции и прегледи. Тој, исто така, предложи идеја на корисниците/чките да им се наплаќа номинален надомест за tweet или на сопствениците/чките на проверените ознаки да им се наплаќа месечен надомест. Меѓутоа, не е јасно дали овие идеи ќе се спроведат, особено што некои рани имплементации веќе предизвикуваат големи проблеми на терен.

Исто така се обидува да пронајде начин за автентификација на сите вистински луѓе за што подобро да се потенцираат профилите на ботовите во апликацијата.

Facebook имплементираше процес на обележување со сиви штикли за истата цел, за да се осигура дека компаниите се во сопственост на вистински луѓе, а не на измамници во апликацијата. Facebook во меѓувреме ги отстрани, но тоа може да биде начин на кој Musk и неговиот тим ќе додадат дополнително ниво на верификација во апликацијата, со што ќе обезбеди начин на кој повеќе луѓе ќе можат да потврдат дека се вистински луѓе или дека тоа се официјалните налози на компаниите и ќе им ја отежне работата на испраќачите на несакана пошта и на измамниците да им го поттикне влијанието со ботовите.

Исто така, изгледа дека Musk ќе се обиде да интегрира подолги опции за tweet, така што луѓето ќе можат да споделуваат повеќе типови на објави во апликацијата, како и  подолги видеозаписи.

Има многу најави кои дојдоа со новиот сопственик, но што од сето ова ќе биде спроведено во практика и колку тоа ќе биде корисно, останува да видиме.

Останатите мрежи

Во наредните денови подетално ќе пишуваме за тоа какви промени и трендови можеме да очекуваме во 2023 година за другите мрежи, како што се TikTok, LinkedIn, Youtube. Ќе се осврнеме и на тоа какво влијание можат да имаат сите овие промени врз новинарството и на што ќе биде важно да се обрне внимание при креирањето на вестите во текот на 2023 година.

Несомнено е дека сите промени кои доаѓаат, во голема мера ќе влијаат на тоа како се пласираат вестите и дека медиумите ќе мораат да ги приспособат досегашните методи на комуникација и на дистрибуција на содржините.

Ocijenite kvalitet članka