“Да даде Господ Андрија Јарак да известува од пред твојата куќа.”
Овој црн хумор, кој се ширеше на социјалните мрежи, јасно зборува за тоа колку е стенд-апот во новинарството важен за медиумите и за публиката. Да се застане пред камерата и да ѝ се пренесе на публиката што се случило не бара само прецизност во пренесувањето на вестите. Новинарите/ките во ваквите ситуации ја презентираат веста.
Кога ќе разбереме колку презентацијата влијае на веста, тогаш гледаме дека улогата на новинарот/ката е исто толку важна како и веста што ќе ѝ ја пренесе на публиката.
Што е стенд-ап во новинарството?
Лицето кое со неговиот глас ќе ја пренесе информацијата го прави стенд-апот во новинарството и може да помогне да му/и се обезбеди веродостојност на репортерот/ката и да се изгради однос со гледачите.
Стенд-апот во новинарството е добар начин за објаснување на комплицираните прашања или концепти. Како тоа функционира во секојдневната работа на медиумите? Стенд-апот може да го компензира недостатокот на видео материјал од одреден настан.
Каде децата првпат ја видоа мечката? Токму овде, покрај ова дрво. Каде е уапсен НН? На ова место при излегувањето од изнајмениот стан. Овие типови на стенд-ап не се за секоја приказна, не се за секој ден, но ако се користат разумно и во соодветен контекст, тие можат да им помогнат на гледачите да ги разберат тешките теми.
Во случаите на ненадејни настани кои можат да остават тешки и лоши последици, снимањето е прифатлив дел од приказната. Ако излегуваме на терен за да ги покриеме деталите за тоа каде ручала политичката делегација на ЕУ, тоа можеме да го оцениме како големо професионално промашување.
Видови на стенд-ап во новинарството
Првата асоцијација на репортерското известување од теренот е информативната програма и настаните што имаат голем публицитет во јавноста. Но, новинарите/ките известуваат од салата за вежбање, од пазарот, од плажата или базенот, од парковите во кои се одвива вообичаенот живот.
Видови на стенд-ап:
- Однеси ме на местото на настанот – гледачите сакаат да видат каде се случува веста и каде се случила во минатото. Поради тоа ги гледате локалните новинари пред зградите кои можеби ќе бидат затворени до емитувањето на вестите…но, изгледа дека "ова е местото каде што се состана училишниот одбор нешто порано оваа вечер" повеќе ги привлекува гледачите.
- Користење на реквизити – ако постои реквизит што е важен за приказната, само напред. Им покажува на гледачите зошто е важен.
- Креативна интеракција – ова е онаа приказна на која ѝ треба малку кореографија за да биде добро одработена, што значи дека новинарот/ката е во интеракција со местото или со луѓето за кои зборува. На пример, учествување во бербата на грозје за време на снимањето во лозјето.
- Транзиции (премини) – транзицискиот стенд-ап ја поместува приказната во нова насока. Репортерот/ката го зема гледачот за рака и презентира нов агол или дури презентира агол што гледачот не го видел.
- Демонстрациски – репортерите/ките можат да покажат како нешто функционира или како нешто се случило во приказната. На пример, новинарката со врескање се спушти со зиплајнот при снимањето на прилогот за адреналинскиот парк.
Препораки за однесувањето на новинарите/ките во стенд-ап
Joanne Stevens од Stevens Media Consulting вели дека е важно да се запомни дека стенд-апот не е сѐ за вас. “ Сѐ повеќе и повеќе чувствувам дека новинарите/ките ме попречуваат, отколку дополнително да ме едуцираат за приказната. Клучниот збор е ‘разумно’."
ТВ продуцентката и добитничка на наградата Emmy, Jeanette Abrahamsen, смета дека стенд-апот помага во поврзувањето со гледачите, но може да ја уништи приказната ако лошо се изведе. Според нејзините зборови: “Стенд-апите треба да ја зајакнат приказната, а не да ја забават со непријатно одење кон никаде.”
Неколку совети од Jeanette Abrahamsen за снимање на подобри новинарски стенд-апи:
- Бидете активни и демонстративни. Допри ги работите. Собери ги работите.
- Покажете ѝ на публиката нешто што помага да се објасни приказната на креативен начин.
- Обрнете внимание на она што е зад вас. Вашата позадина треба да биде релевантна за приказната, но не треба да го одвлече вниманието на гледачите од она што го зборувате.
- Обрнете внимание на звуците околу вас. Ја раскажуваат ли вашата приказна или одвраќаат од неа?
- Ако се поместувате или се наведнувате, треба да има добра причина за тоа.
- Не зумирајте додека снимате освен ако постои многу добра причина.
- Пишувајте разговорно за да звучите природно. Ако напамет го учите сценариото, вака ќе звучи многу подобро.
- Вашето стоење не треба да трае долго. Пет до 10 секунди е супер! Помалку е за да се запомни и полесно е за да се изврши.
- Облечете се соодветно, во зависност од вашата приказна. Ако носите одело, а снимате во сала за вежбање, ќе изгледате смешно.
Јас на оваа листа ќе додадам: вашиот стил на облекување нека биде со цел пренесување на информацијата. Нападното деколте, премногу краткото здолниште, големите парчиња накит и премногу нагласената шминка нема да помогнат за подобро разбирање на информацијата.
Препораки за подготовка и снимање на стенд-ап
Не дозволувајте стенд-апот да ви се претвори во последователна мисла.
Снимањето кога настанот е одамна завршен само за да се добие нешто, не е она што сакате да го презентирате пред публиката. Ваквите примери често ги гледаме при известувањето од пред ресторанот каде што ручала политичката делегација на ЕУ и веќе одамна заминала (не се знае што имало на менито).
Стенд-апот треба да биде важен дел од приказната, да додава нови информации и да ја движи приказната напред.
Пред да започнете да планирате стенд-ап, размислете за одговорите на следните прашања:
- Зошто сакам да вклучам стенд-ап во оваа приказна?
- Кои информации ќе ги пренесам во стенд-апот?
- Имам ли што да покажам во овој стенд-ап?
- Каде и кога можам да го изведам овој стенд-ап?
- Како стенд-апот ќе се вклопи во готовата приказна?
Пред да го снимите стенд-апот, потребна ви е јасна идеја за структурата на вашата приказна. Прегледот на комплетниот прилог во кој вашиот стенд-ап ќе биде едно делче, мора да биде целина во која секој дел има своја цел.
Таа цел не е и вие да бидете уште една екипа што снимала на терен. Целта е нова информација што била толку важна и требало да се сними на ваш начин.
Што е проблемот со денешните стенд-апи?
Колкав проблем претставуваат пижама порталите, медиум кој никогаш не снимил информација на терен и е вистински показател на ажурноста на новинските агенции, толкав проблем претставува и непотребното јавување од терен кое нема никаква вредност за публиката.
Се снима за веста да биде подинамична. Не за да биде информацијата појасна.
Динамичното презентирање на вестите што го сака публиката, резултира со известување од три локации кои се споменуваат во вестите. Иако на местото на настанот ќе ја снимат само затворената врата на институцијата, за некого е вредно снимањето и ударниот термин.