Не можете да погледнете слика со некој специфичен лик и со коментар од три, четири зборови и да мислите дека сте ја разбрале.
Оваа необична поврзаност на кажаното и на неизреченото го прави мемот опасен терен за медиумите.
Кога мем културата ја покриваат мејнстрим медиумите, тоа води до катастрофални грешки
Една од тие грешки е познатото известување за 4chain.
Според пишувањето на многу медиуми тоа е моментот од кој се создадени мемовите.
"Која е оваа 4chan личност или веб-страница?", праша водителката на CNN, Brooke Baldwin, со што направи фатална грешка.
Беше 2014 година, а 4chan, анонимен интернет форум познат по неговите не толку строги правила, штотуку објави огромен број на разголени фотографии на познати жени во настанот што наскоро ќе биде наречен "The Fappening" (фап е интернет жаргон, а се однесува на мастурбација).
Медиумското известување за интернет културата честопати е лошо, а мемот "хакерот познат како 4chan" го претставува врвот на тој неуспех.
Не е тајна зошто медиумите често погрешно ги разбираат мемовите.
Културата на мемовите не им е јасна на луѓето од надвор, бидејќи многу од најпопуларните мемови потекнуваат од целосно изолирани заедници на интернет. Можеме да кажеме дека таквите заедници имаат неинклузивен јазик што луѓето надвор од заедницата не го разбираат поради недостатокот на контекст, начинот на изразување, зборовите што се користат.
"Кога новинарите само површно известуваат за мемовите, тоа не води никаде", кажал Myojung Chung, доцент по стратешки комуникации на Универзитетот Сан Франциско. "Наместо тоа, новинарите/ките треба да понудат поширок контекст зад мемовите, како и да ги разгледаат нивните пошироки импликации."
Функцијата на мемот во медиумите
Мемовите се слики, обично со хумор, дизајнирани за брзо ширење на пораката преку каналите на социјалните медиуми. Тие најчесто прикажуваат познати личности или незаборавни сцени од популарната култура. Првиот елемент на мемот што ќе го забележи публиката е хуморот, но во комуникацијата на медиумот со публиката тоа не смее да му биде примарната функција.
Раскажувањето на приказни и пренесувањето на информации се важни елементи на мемовите во медиумите.
Мемот како напредна политичка карикатура
Мемовите во медиумите имаат општествена релевантност бидејќи делуваат како една форма на политичките карикатури кои постојат во весниците со векови.
Во овој случај тие бараат сериозно, сеопфатно известување, а единствениот начин да се постигне тоа е целосно нурнување во субкултурата. Tish Grier, слободна новинарка и експерт за социјални мрежи нагласува дека "сите мемови имаат извори."
Публиката треба да знае за овие извори и за контекстот на мемот, а не да донесува заклучоци врз основа на слободна проценка.
Зголемување на посетите и на гледаноста на содржините
Мемовите имаат моќ да ја зголемат посетеноста, гледаноста, особено кај помладата публика на која мемовите ѝ се начин на комуникација на интернет.
Менаџерката на вестите на данската TV2 Østjylland, Louise Pettersen, вели дека “младите Данци/кинки се апсолутно вљубени во новинарството. Проблемот е во тоа што традиционалните медиуми неволно објавуваат приказни на модерните платформи на кои младите претпочитаат да ја консумираат содржината , користејќи соодветен јазик. Тоа е наш проблем, а не на младите", вели таа.
Pettersen во разговорот за Online Journalism Blog истакна една многу важна работа. “Моравме да се обидеме да комуницираме на овој јазик што го разбираат младите. Но, на нас исто така ни беше важно, бидејќи сме јавен сервис, тоа да има и елемент на новинарство во себе, тоа да не биде само забава. Тоа требаше да бидат новинарски приказни што сакавме да ги пренесеме, само преку мемови или графики. Во ред е луѓето да се смеат, но сепак мора да постои и елемент на новинарство. Кога младите луѓе ќе ги видат нашите мемови, исто така добиваат и приказна.”
Pettersen додава дека за Данска, како мала земја, важно е да се туркаат медиумите на дански јазик како алтернатива на сите визуелни содржини на англиски јазик што се достапни на Instagram и на YouTube. Таа верува дека ваквиот пристап не е само начин да се постигне ова, туку е и дел од нивната задача.
"Нѐ финансираат Данци/кинки за сите Данци/кинки, па затоа ни е важно да бидеме релевантни за сите целни групи. Нашата традиционална ТВ публика е сѐ постара и во помал број и затоа ако сакаме да ја задржиме нашата релевантност и во следните десет години, мораме сега да допреме до помладата публика", објасни таа.
Мемовите градат чувство на припадност кон заедницата
Rebecca Ortiz, асистентка на Newhouse School, во нејзиното истражување открила дека мемовите често се создаваат како одговор на нешто што се случува во популарната култура или за темите со заедничко значење меѓу групите на луѓе. Тие ги собираат луѓето околу заедничкото искуство. Според нејзините зборови “кога ќе разберете што кажува мемот, вие сте "во шегата." Се чувствувате како дел од групата и имате чувство на заедница и на заедништво – нешто што на нас луѓето ни треба.”
"Мемовите можат да се споделуваат само ако во нив има нешто што може да го разбере само избрана група на луѓе", напоменува Ortiz. “А таа група може да биде група од милијарди луѓе. Можете да се поврзете со некого преку овие заеднички значења и културни референци, а се чувствувате како да сте посебни затоа што го разбирате тоа. Тоа ја гради врската внатре во групата.”
Уметничката директорка на TV2 Østjylland, Kristine Helms, објасни како се создаваат познатите мемови кои заедно со елементите на забава имаат и новинарство во нив. “Кога разговарам со новинарите/ките во редакцијата за нивните приказни, седам покрај сите овие новинари/ки кои прават многу сериозни работи и ја барам совршената мачка, куче или GIF за да им го покажам чувството кога ја читам нивната приказна!”
“Бидејќи отворено разговараме за тоа,” продолжува Kristine, “и тие понекогаш размислуваат и доаѓаат со добри идеи. Мемот ве придвижува, но всушност сте поврзани со темата и мислам дека во тоа е убавината.
Тоа е раскажување, но е и новинарство".