На интернет има сѐ повеќе портали за вести кои се генерирани со вештачка интелигенција

24.11.2023. / 09:17

Тие работат со мал или никаков човечки надзор и пласираат содржини што се генерирани со вештачка интелигенција и лажни вести што ги произведуваат исклучиво алатките на вештачката интелигенција.

Целта на овој начин на работа е што е можно поголема заработка со што помалку труд. Еднаш ќе инвестирате во систем кој самиот се одржува и се плаќа, а рекламите (кои се целосно релевантни) носат пари. Колку повеќе содржини, толку повеќе простор за реклами е единствениот принцип на работа. Вистинитоста, професионалноста, штетата што му се нанесува на новинарството и на општеството не се важни теми.

Важно е да се свртат парите.

Како порталите што се генерирани со вештачка интелигенција се разликуваат од професионалните?

Медиумите што се генерирани со вештачка интелигенција произведуваат голема количина на содржини кои се однесуваат на различни теми, вклучувајќи политика, здравје, забава, финансии и технологија. Некои од нив објавуваат стотици статии дневно. Некои во нивните вести промовираат лажни вести. Речиси целата содржина содржи суптилен јазик и повторувачки фрази, што е типична карактеристика на вештачката интелигенција.

Порталите што се генерирани со вештачка интелигенција генерално немаат импресум

Уште една типична карактеристика на веб-страниците на медиумите кои се генерирани со вештачка интелигенција е да не ја откриваат сопственоста на медиумот (impressum).

Тимот на NewsGuard во текот на нивното истражување, до денес, идентификуваше 557 неверодостојни веб-страници со вести и информации што се генерирани со вештачка интелигенција. Овие веб-страници ја носат ознаката "UAINS" и вклучуваат 15 јазици: арапски, кинески, чешки, холандски, англиски, француски, германски, индонезиски, италијански, корејски, португалски, шпански, тагалошки, тајландски и турски.

Генерички имиња кои потсетуваат на постоечките медиуми

Она што им е заедничко на ваквите веб-страници е дека имаат генерички имиња, како што се iBusiness Day, Ireland Top News, Daily Time Update, Biz Breaking News, News Live 79, Daily Business Post, Market News Reports. Ваквите генерички имиња кои со имињата потсетуваат на професионални медиуми, им сугерираат на читателите/ките дека со нив управуваат етаблирани издавачи.

Имаат поголем број на лажни вести

Ваквите веб-страници работат со мал или никаков човечки надзор и објавуваат статии што се напишани од ботови. Наместо традиционално да го создаваат и да го уредуваат новинарството, со човечки надзор, овде работите се толку автоматизирани што човечки надзор воопшто не е потребен.

Статиите на порталите што се генерирани со вештачка интелигенција често вклучуваат лажни тврдења, вклучувајќи ги оние со политичките лидери (пример што се однесува на израелскиот премиер), лажни тврдења за смрт на познати личности, измислени настани и статии кои прикажуваат стари настани како да се случиле токму сега.

Статиите што се генерирани со вештачка интелигенција често се состојат од содржина што е сумирана или препишана од други извори.

Како пример за ваков начин на производство на вести, NewsGuard во статијата го наведува порталот BestBudgetUSA.com, веб-страница која нема информации за сопственоста и анонимно е регистрирана во мај 2022 година. Овој портал првенствено ги сумираше или ги доработуваше статиите од CNN. Статијата е објавена во мај 2023 година.

Порталот BestBudgetUSA.com денес (ноември 2023 година) веќе не постои.

Освен страниците кои се вклучени во Tracker, аналитичарите/ките на NewsGuard идентификувале и страница што ја води кинеската влада. Оваа страница користи текст што е генериран со вештачка интелигенција и се претставува како авторитет за лажното тврдење дека САД управуваат со лабораторија за биолошко оружје во Казахстан која инфицира камили за да ги загрози луѓето во Кина.

Порталите што се генерирани со вештачка интелигенција се презаситени со реклами

Примарната цел на медиумите што се генерирани со вештачка интелигенција е приходот од рекламите. Ваквите веб-страници се презаситени со реклами, што укажува на тоа дека тие се дизајнирани за да генерираат приход од програмските реклами.

Ad-tech индустријата испорачува реклами без оглед на природата или на квалитетот на веб-страницата. Како резултат на тоа, брендовите и агенциите што ги застапуваат огласувачите ненамерно ги поддржуваат ваквите веб-страници.

Освен ако огласувачите не преземат чекори за исклучување на неверодостојните веб-страници, нивните реклами и понатаму ќе се прикажуваат на таквите веб-страници, создавајќи финансиски поттик за нивно создавање.

Како можат медиумите да се борат против ваквата конкуренција на пазарот?

Клучната работа што треба да ја знаат медиумите во оваа борба е дека со зајакнување на сопствените сили и на сопствениот бренд е најлесниот (а можеби и единствениот) начин за борба против ваквите форми на содржина.

Градење на доверба

Важен елемент во борбата против лажните медиуми, медиумите генерирани со вештачка интелигенција и во натпреварот со квалитетната конкуренција е градењето на доверба. Довербата во медиумот се гради долго и континуирано, но повратот од ваквата инвестиција е квалитетен и трае долго време. Поедноставно кажано, ако медиумот ја навикнува неговата публика дека ќе ги истражи приказните и ќе ги постави прашањата што ѝ се потребни на заедницата, награда ќе бидат добрите бројки во аналитиката.

Многу медиуми што ја имаат довербата на читателите/ките, имаат доста голем број на директни отворања на веб-страницата (со директно внесување на името во пребарувачот).

Градење на заедницата

Заедниците се темелат на заедничките вредности. Споделувањето на вредности со луѓето за кои работи медиумот значи да им се донесат информации поради кои нивниот живот ќе биде подобар и поквалитетен. Генеричките вести, сензационализмот и црната хроника се минливи, носат бранови на сообраќај и брзо исчезнуваат, затоа и не создаваат заедница на читатели кои секогаш им требаат на медиумите.

Лојалната публика има навика прво да ги провери информациите вонејзиниот медиум.”

Транспарентност

Алатка или начин на работа што допрва ќе добие на вредност. Транспарентност во истражувањето, пристапот кон темите и креирањето на приказни денес е новата алатка за градење на доверба бидејќи можете на вашата публика да ѝ го презентирате начинот на кој сте работеле на приказните и колку сериозно сте им пристапиле на темите кои ќе ја подобрат состојбата во заедницата, во градењето на демократските процеси и ќе помогнат во донесувањето на информирани одлуки.

Некогаш беше доволен доказ дека си објективен медиум и лесно се демонстрираше со едноставно вклучување на различни спротивствени гледишта во вестите. Денес тоа не е доволно. Бидејќи публиката оди по второ мислење во друг медиум (кој можеби е генериран со вештачка интелигенција). Затоа доказот за медиумската транспарентност е одличен показател за кредибилитетот и интегритетот на медиумите.

SEO оптимизацијата помага за вашето (професионално!) новинарство да може да биде “top of mind” кога луѓето пребаруваат определени теми. Не можете да плаќате за промоција на квалитетни содржини ниту да споделувате содржина на мрежите секогаш кога и треба таква содржина на публиката. Затоа SEO треба да биде една од маркетинг алатките со која ќе бидете тука кога публиката бара содржина во која вие одамна сте инвестирале сериозни ресурси (луѓе во редакцијата, опрема, знаење).

По којзнае кој пат сме во ситуација да им препишуваме одговорност на медиумите.

Овој пат за што е можно подобар маркетинг, инвестирање во вашиот бренд и во заедницата. Многу читатели/ки не знаат да препознаат содржина или медиум кои се генерирани со вештачка интелигенција. На медиумите им преостанува со заземање на позиција на пазарот да ѝ понудат сигурност на публиката дека сепак можат да ја најдат вистинската информација.

Оценете го квалитетот на статијата