Минатата година пишувавме за TikTok и за промените за продолжување на времетраењето на видеозаписите, што им отвори уште една платформа на новинарите/ките за ширење на медиумската содржина. На овој начин, TikTok им стана сериозна конкуренција на Facebook и на Youtube.
Тогаш продуцентот и писател во Creative Video одделот на The Washington Post изјави: "Една од предностите на TikTok е тоа што ја зголеми довербата меѓу The Washington Post и нашите следбеници. Порано добивав коментари од луѓе кои ми велеа: ‘Не ми се допаѓа Washington Post, но ми се допаѓа вашиот налог на TikTok’. Одлично е тоа што направивме пробив меѓу корисниците/чките кои сега нѐ гледаат во поинакво светло.“
Од Meta уште од претходно најавуваа големи промени на Facebook во однос на начинот на кој се презентира содржината на оваа мрежа, а од оваа недела дел од корисниците/чките ќе можат да пристапат и до “новиот Facebook”.
Како што наведуваат од Meta, целта на промената е наместо досегашниот фокус на комуникацијата меѓу пријателите и роднините, на корисниците/чките да им се презентира што е можно повеќе забавна содржина, како и содржини од луѓе и страници што не ги следат, а сето тоа го прават за да привлечат што повеќе корисници/чки и да ја зголемат нивната активност на оваа мрежа.
Промените ќе бидат видливи веднаш на почетната страна на апликацијата. Тука ќе можете да им пристапите на кратките Reels и Stories видеозаписи. Тоа е, исто така, местото каде што Facebook ќе ви прикаже содржина што ја препорачуваат за вас неговите автоматизирани системи. Замислете го Home на Facebook како одговор на страницата на TikTok, "For you".
Се разбира, вашите пријатели/ки на оваа апликација ќе ги следите и понатаму, но под картичката Feeds, а објавите ќе бидат достапни хронолошки.
Кога промената ќе им стане достапна на корисниците/чките, на главниот екран на Facebook односно на почетната страница ќе биде достапна содржината која Zuckerberg ја нарече discovery engine и наменета е, како што и самото име кажува, за откривање на нова и забавна содржина која е базирана на персонализирани препораки, благодарение на вештачката интелигенција.
Во другите табови, покрај содржината на пријателите/ките, ќе има и содржини што се објавуваат во рамките на групите и на страниците што ги следите, а ќе може да се направи и таб со омилени, каде што ќе ви биде презентирана содржината на лицата и на страниците кои им се најинтересни на корисниците/чките.
Табовите како Facebook Watch и групите ќе останат исти како и досега.
Промената е дел од обидот на Meta да го поттикне користењето на нивните социјални апликации, кои исто така го вклучуваат Instagram. Во последниве месеци, Mark Zuckerberg, извршниот директор на Meta, промовираше видео производи на Instagram и на Facebook, а компанијата уфрлила повеќе од предложените содржини за да ги задржи корисниците/чките и редовно да ги враќа на апликациите. Изгледа дека на Instagram формулата функционира, кажал Zuckerberg.
"Она што навистина го откриваме е дека луѓето сакаат да се поврзат преку содржината", вели извршниот директор на Meta што е одговорен за Facebook, Tom Alison. “Голем дел од тоа каде што одиме со Facebook е обид да ви ја донесеме најдобрата содржина која навистина ќе ги задоволи вашите интереси, но потоа го правиме супер лесно споделувањето на истата, како и дискусијата и поврзувањето со другите луѓе во вашата мрежа.“
Ажурирањето на Facebook за сите корисници/чки ќе биде достапно во текот на оваа недела. Останува да видиме како ќе биде тоа прифатено од корисниците/чките, но нема сомнеж дека ќе внесе свежина во досегашното користење на оваа апликација и дека ќе отвори нови можности за пласирање на содржини на корисниците/чките кои не следат определени страници или лица. Ова дефинитивно ќе отвори и дополнителни можности за медиумите што го користат Facebook за ширење на нивната содржина, затоа што овие нови функции ќе овозможат содржината да дојде и до оние корисници/чки што не ве следат. Затоа ќе биде од големо значење медиумите да ја приспособат содржината за да може алгоритамското генерирање на содржината да дојде до нови корисници/чки. Сепак, се поставува прашањето дали медиумите ќе успеат дури и со добра содржина да се пробијат до екраните на потенцијалните следбеници, со оглед на тоа што Facebook го напушти News проектот.