Instagram, кој е во сопственост на компанијата Meta, постојано додава нови функции за подобрување на корисничкото искуство. Така и 2023 година ни донесе голем број на нови функции на Instagram, а некои од нив сигурно ќе им бидат интересни и на медиумските организации.
Од новиот распоред на лентата за навигација до сосема нови функции – како што е функцијата „Белешки“ која е инспирирана од Twitter, апликацијата за социјалните мрежи сигурно ќе има поинаков пристап оваа година.
Reels опцијата изедначена со другите формати
Веста дека Reels веќе нема водечка позиција на Instagram ја потврди и извршниот директор на Instagram, Adam Mosseri. „Идејата е да го поедноставиме Instagram и повеќе да го фокусираме на она што се обидуваме да го направиме. Се обидуваме да ги собереме луѓето околу она што го сакаат. … За да го направиме тоа, ние сме фокусирани на три работи: да ги инспирираме луѓето да се изразат, да им помогнеме на луѓето да го откријат она што го сакаат и да создадеме врски помеѓу луѓето околу она што ќе го пронајдат.“, објасни Mosseri.
📣 Navigation Update 📣
— Adam Mosseri (@mosseri) January 10, 2023
The navigation is changing in February to make it easier for people to create, be entertained and connect with friends over the things they love.https://t.co/9tR4kIH9d0 pic.twitter.com/DwinENhku7
Со оваа промена, Instagram го помести копчето на Reels од средината на feed-от за едно место надесно. Во средината сега е копчето за креирање на сите видови на објави. Оваа промена може да се објасни преку важноста од креирањето на каков било формат на содржина, во зависност од тоа што ѝ се допаѓа на вашата публика. Со појавата на Reels, Instagram во определен период му даваше голема предност, така што имавте значително поголем досег на публика преку кој било Reels отколку што е тоа случај со другите формати што се достапни на Instagram. Оваа нова промена сега на секој формат му дава еднаква шанса.
Broadcast channels – градење на заедница
Instagram моментално тестира нова функција наречена Broadcast Channels. Ова ќе им овозможи на потврдените налози да споделуваат преноси во живо директно со нивните следбеници и следбенички. Оваа функција ќе им биде достапна на сите корисници/чки на Instagram, но само верификуваните налози ќе можат да креираат и да емитуваат сопствени канали.
Broadcast Channels ќе им овозможи на корисниците/чките да емитуваат преноси во живо во режим на цел екран, давајќи ѝ го на публиката најдоброто можно искуство. Исто така, ќе овозможи споделување на каналот на други платформи, вклучувајќи ги YouTube и Facebook, давајќи им на креаторите можност да досегнат поширока публика.
Каналите за емитување на Instagram можат да бидат корисни за медиумите на различни начини. Со можноста да досегнат до широка и посветена публика, медиумите можат да ги користат каналите за брзо и едноставно да ги споделат вестите. Оваа опција може да доведе до создавање на важни и одржливи врски со заедницата.
Оваа опција може да им понуди на медиумите и платформа за одржување на разговори во живо, интервјуа и конференции за печат. Ќе ви овозможи и да комуницирате со вашата публика во реално време, што е од суштинско значење за најновите вести. На овој начин можете да создадете многу корисна база на експерти/ки, па на тој начин ќе можете да добиете пристап до експерти/ки и извори кои можат да ви помогнат во известувањето.
Конечно, каналите за емитување можат да се користат за промовирање на претстојните приказни и содржини. Ова е ефикасен начин за ширење на публиката и за зголемување на видливоста на вашата работа.
Каналите за емитување, исто така, ќе содржат интерактивни алатки како што се анкети, прашања и одговори, така што публиката може да комуницира со содржината што се споделува. Ова ќе помогне да се создаде подлабока врска помеѓу креаторите/ките на содржината и гледачите/ките, бидејќи ќе можат повеќе да се вклучат во продукцијата и во консумирањето на содржината.
Функцијата е сè уште во период на тестирање, но изгледа ветувачки и можеме да очекуваме дека наскоро ќе биде достапна.
Други промени
Една од новите промени исто така е и функцијата за додавање на музика во времетраење од 90 секунди на објавените фотографии во feed-от.
"Музиката е огромен дел од изразувањето на Instagram и возбудени сме што можеме да понудиме можност за додавање на музика на фотографиите во Feed-от како што можете и во Reels и Stories." – велат од Instagram.
Иако Stories и Reels веќе подолго време се поддржани со музика, ова е првпат Instagram да им овозможи на корисниците/чките да им додаваат музика на фотографиите во главниот feed.
Instagram од неодамна ги воведе и Белешките (Notes). Најдобриот начин за да се објасни оваа нова функција е можеби мала верзија на Twitter. Очигледно ова е начин за да се поттикне поголема спонтаност во комуникацијата на корисниците/чките а новата функција се состои од кратки текстуални објави со должина до 60 знаци.
Ова е првпат корисниците/чките да можат да креираат каква било објава без вклучување на фотографија, видеозапис или Reels. Белешките се појавуваат покрај сликата на профилот на корисникот/чката на врвот на апликацијата во пораките. На нив може да се одговори, иако не јавно: одговорите стигнуваат како DM на оригиналниот постер на Белешките.
Иако изгледа дека не е многу важна функција, бидејќи белешките се гледаат само доколку двете страни се следат, нивната корист ќе биде видлива дури во оваа година.
Уште една промена што може да биде важна и за медиумите е новиот тип на известувања. Сега ќе можете да видите кога ќе добиете нови следбеници/чки преку Reels. Може да биде корисно за следење на тоа дали публиката ви доаѓа повеќе преку Reels-овите што ги креирате или преку другите формати на содржина. Единствениот недостаток е тоа што не можете да видите точно од кој Reels дошло лицето.
Секако дека една од важните најави е дека компанијата Meta ќе воведе плаќање за верификување на налогот. Оваа најава е слична на најавата на Twitter од минатата година поврзана со сината штикла.
Оваа услуга за претплата ќе ви овозможи да го верификувате вашиот налог со помош на официјален документ за идентификација, да добиете сина штикла и да добиете дополнителна заштита од кражба на идентитетот од налози што тврдат дека сте вие. Плаќањето на оваа услуга ќе ви овозможи и добивање на директен пристап до корисничката поддршка, изјави извршниот директор на Facebook, Mark Zuckerberg.
Сè на сè, изгледа дека компанијата Meta интензивно работи на проширување на платформата Instagram, што сигурно ќе ја зајакне неговата позиција како една од водечките платформи на социјалните мрежи во 2023 година. Секако најмногу не интересира како ќе функционираат Broadcast channels, кои имаат најголем потенцијал да бидат корисни во новинарството а до кои ќе имаат пристап само верификуваните налози.