Политиката за приватност во медиумите: Дали 4% од профитот вредат за да се изгуби довербата кај читателите/ките

26.01.2024. / 08:21

Некои од најпосетените веб-страници во Велика Британија кон крајот на 2023 година добија предупредувања дека ризикуваат парични казни ако не престанат да ги принудуваат посетителите да ги прифатат рекламните колачиња.

Канцеларијата на комесарот за информирање (ICO) во Велика Британија објави дека рокот за усогласување е 30 дена или ќе се "соочат со последиците."

Рекламните колачиња во медиумите и законската рамка

The Record Media наведува дека проблемот е во тоа како веб-страниците им дозволуваат да ги исклучат рекламните колачиња, при што ICO смета дека постои законска обврска да се олесни "Одбивање на сите" рекламни колачиња, како и "Прифати ги сите".

Голем број на популарни веб-страници во Обединетото Кралство, вклучувајќи ги The Times и The Guardian, не нудат опција за одбивање на колачињата со еден клик. Наместо тоа, банерот со колачиња на овие веб-страници ги пренасочува корисниците на поставките.

Што значи ова конкретно за посетителите/ките на веб-страницата?

Тоа значи дека сите негови/нејзини податоци се користат со цел пласирање на содржини од кои медиумот заработува. Ова е пример што се заснова на моите податоци: моменталната локација и историјата на пребарување (ми треба работен стол, навистина го пребарував ова).

privatnost
Фото: Пласирање на персонализирани огласи во согласност со личните податоци на посетителите; prt scr The Guardian

Приспособено рекламирање е приспобување на онлајн рекламите за определен корисник, така што форматот, содржината или поврзаните производи специјално се дизајнирани за да ја одразуваат историјата на однесување на корисникот на мрежата или демографските податоци. Ова бара користење на технологии (како што се колачињата), како и користење на личните податоци (во форма на IP адреси што се поврзани со поединци).

Stephen Almond, извршен директор на надзорното тело за регулаторни ризици, за The Record Media изјавил: "Сите бевме изненадени кога видовме реклами на интернет кои изгледаат како да се специјално дизајнирани за нас реклама за хотел кога штотуку сте резервирале лет во странство, на пример.“

"Зависниците/чките од коцкање можат да бидат таргетирани со понуди за кладење врз основа на нивната историја на пребарување, жените можат да бидат таргетирани со вознемирувачки реклами за бебиња кратко време по спонтан абортус, а на некого што ја истражува неговата сексуалност можат да му се прикажат реклами што ја откриваат нивната сексуална ориентација", предупредил Almond.

ICO наведува дека веб-страниците не им даваат на корисниците/чките правичен избор за тоа дали ќе се согласат за следење поради таргетирано рекламирање. Моментално во многу медиуми опција е да ги прифатите сите или да кликнете на повеќе опции, да ја читате правната документација и да ги одбивате барањата едно по едно.

Дали заштитата на човековите права е проблем за корисничкото искуство или за остварувањето на приходи за медиумот

На почетокот, додека усогласувањето постоеше само како опција, многумина во медиумите се пожалија дека тоа значително го нарушува корисничкото искуство на веб-страницата.

Кога оваа регулатива стана задолжителна, посетителите на веб-страниците се навикнаа на појавата на банер кој дава информација за колачињата и за собирањето на податоци. Се покажало дека корисничкото искуство и не е така голем проблем.

Проблемот е што сега огромни количини на реклами во медиумите немаат никаква смисла.

Моменталниот предизвик е да се пронајдат модели кои ќе обезбедат највисока можна стапка на согласност за колачињата, а со тоа и најмало можно влијание на приходот од таргетираното рекламирање.

Во истражувањето на FatChilli, медиумите истакнаа дека овие барања најмногу ги ограничуваат:

                    Лентата со колачиња не смее да зазема повеќе од потребниот простор, не смее да покрива поголема област на прозорците отколку што е потребно за информиран избор (доколку скокачкиот прозорец или банерот заземаат повеќе од 30% од екранот тоа го намалува ефектот на SEO).

  • Овие барања доведуваат до ниски стапки на согласност и голем број на посетители/ки кои не се согласуваат со колачињата.
  • Банерот за колачиња не може да служи како ѕид со колачиња. Не е дозволено принудување на избор ниту ограничување на пристапот до содржината.

Банерот за колачиња е мал скокачки прозорец кој ни нуди известување за собирањето на нашите податоци и можност да го прифатиме или да не го прифатиме тоа. Ѕидот со колачиња (cookie wall) е известување дека веб-страницата ги собира и ги користи сите ваши лични податоци поради остварување на профит и дека не им е грижа дали е тоа етички. Патем, примерите на ваквата практика што ги гледате подолу не се во согласност со Општата регулатива за заштита на личните податоци.

Фото: Илустрација на законски забранетиот процес на собирање на личните податоци на посетителите на веб-страницата; https://www.cookiepro.com/knowledge/cookie-wall/
Фото: Илустрација на законски забранетиот процес на собирање на личните податоци на посетителите на веб-страницата; https://www.cookiepro.com/knowledge/cookie-wall/

Фото: Правилата за приватност на порталот Vijesti.me, извор https://www.vijesti.me/terms-and-conditions-privacy-policy
Фото: Правилата за приватност на порталот Vijesti.me, извор https://www.vijesti.me/terms-and-conditions-privacy-policy

Почитувањето на човековите права и на законите не ги исклучува приходите (ако знаете да работите)

Компаниите што се занимаваат со онлајн рекламирање сакаат што е можно подетална слика за корисниците/чките. Под ваков принцип на функционирање се подразбира: колку попрецизно ги знаеме демографските податоци како што се полот, возраста и местото на живеење на поединците, колку попрецизно знаеме кои страници на интернет ги посетуваат и што бараат, толку подобро можеме да ги приспособиме рекламите што им ги пласираме. Што на крајот значи дека ќе заработиме повеќе пари.

NPO (Nederlandse Publieke Omroep) одбивањето на колачињата го постави како стандард.

Кога NPO (Nederlandse Publieke Omroep) го спроведе барањето на ЕУ за заштита на податоците во поставките, автоматски е одбиено барањето за дозвола од страна на корисниците.

 Ова значеше дека 90 отсто од посетителите/ките веќе не можеа да се идентификуваат. Во согласност со ова, тие не видоа персонализирано рекламирање.

Приходите од рекламирање на NPO требаше значително да се намалат. Персонализираното рекламирање според моделот "Рекламирање според профилот на лицето" главно веќе не беше можно.

NPO не забележа пад на приходите.

Во јануари 2020 година, приходите од рекламирање се зголемија за 62 отсто, а во февруари за 79 отсто во однос на претходната година.

Michael Gessat, репортер на порталот Deutschlandfunk-Nova смета дека: "NPO и неговиот внатрешен оддел за рекламирање продаваат рекламен простор во реално време, но поврзано со содржината. Вашиот систем јавува: Овде прочитајте само статија за тенисот. Или: Друг корисник овде гледа видеозапис за природните методи на лекување. Или за крстарења.“

Ние не сме во Европа

Односот на речиси сите медиуми на Балканот кон оваа проблематика е ист. Не се почитуваат човековите права на читателите/ките, нема транспарентност, законот се занамерува. Сепак, некои медиуми барем имаат поставено документи за политиката за приватност и условите за користење кои се во согласност со локалното законодавство.

Фактот дека медиумот не е основан во некоја од европските држави не може да биде причина за работење во сивата зона, бидејќи закон сличен на GDPR (Општа регулатива за заштита на личните податоци) не е карактеристичен само за ЕУ. Можеме да додадеме дека ова не е само прашање на законот туку и на етиката и на посветеноста на медиумите на нивната заедница.

Според студијата што беше спроведена во САД, медиумските куќи добиваат само околу 4% од приходите од пренесувањето на податоците.

Alan Dahi, адвокат за заштита на податоците на noyb.eu рекол: „Толку многу медиумски компании им се потчинија на хировите и стандардите на ad-tech индустријата. Тие ги продаваат податоците и довербата на нивните читатели за неколку центи. Големи профити одат во ad-tech индустријата исто како и податоците.“

Оценете го квалитетот на статијата