Дата новинарството забележа пораст на популарноста и на практиката во последните неколку години. Второто по ред годишно истражување што го спроведе Datajournalism.com, во кое учествуваа повеќе од 1800 лица, го покажува ова зголемување во 2022 година, при што 97,4% од испитаниците/чките наведоа дека го користат дата новинарството како составен дел од нивната работа. Овој извештај според нивните зборови „ја одразува посветеноста на Datajournalism.com за континуираната поддршка на заедницата на дата новинарството.“
Од погоре споменатиот број на испитаници/чки, 39,2% од нив изјавија дека редовно го користат дата новинарството, додека уште 29,7% од нив изјавија дека го користат повремено. Речиси двајца/две од тројца/три испитаници/чки кажаа дека веруваат дека дата новинарството станало важен дел од нивното известување. Истражувањето исто така покажа дека големо мнозинство од испитаниците/чките (84,2%) сметаат дека дата новинарството станува сѐ поважно во нивната област. Ова се припишува на голем број на фактори, вклучувајќи ја и достапноста на податоците и притисокот на конкурентниот пазар.
Понатаму, истражувањето покажа дека повеќето дата новинари/ки (86,8%) користат различни алатки за анализа на нивните податоци. Тие вклучуваат табеларни пресметки, софтвер за визуелизација на податоците и други програмски јазици.
Новинарите/ките наведоа дека дата новинарството претставува предизвик, но дека тие уживаат во нивната работа а исто така гледаат дека дата новинарството остава позитивно влијание во општеството.
Истражувањето за состојбата на дата новинарството за 2022 година, исто така даде и увид во демографијата на полето на дата новинарството. Според истражувањето, 58% од испитаниците/чките се изјаснуваат како мажи, 40% како жени, 1% како небинарни/genderqueer лица, 1% сакаат да не одговорат, а 1% се идентификуваат како други.
Овие податоци покажуваат дека во дата новинарството сѐ уште доминираат мажите, но дека е важно да се истакне дека повеќето жени се помлади и се со високо образование. Најголемиот број од испитаниците/чките се на возраст помеѓу 25 и 54 години.
Иако истражувањето опфати голем број на држави, најголем број од испитаниците/чките се од САД, Обединетото Кралство, Италија и Германија, а дисциплините за кои се специјализираат дата новинарите/ките се уметност и хуманистички науки (39%), потоа природни науки (31%) и бизнис, финансии или право (7%). Небинарните/genderqueer лица кои земаа учество во ова истражување имаат најголем удел во бројот на лицата со докторат (19%).
Вештини и алатки
Според истражувањето, најпопуларните алатки меѓу дата новинарите/ките се Excel и Google Sheets (ги користат 72% односно 58% од испитаниците/чките), а потоа се Datawrapper, Flourish и Tableau.
Истражувањето исто така покажа дека програмирањето не е главна задача за дата новинарите/ките и дека само 29% од нив би избрале програмирање. Најпопуларниот програмски јазик во дата новинарството е Python (62%), потоа HTML/CSS (49%) и R (42%). Што се однесува до зачестеноста, големо мнозинство од нив секојдневно користат програмирање (58%). Речиси четворица од пет кажале дека се самоуки и дека користеле онлајн ресурси. Малку повеќе од еден/на од пет испитаници/чки се самоуки дури и во смисла на кодирање. Искуството во дата новинарството е во позитивна корелација со повисокиот рејтинг на нивото на вештини, а тоа е особено случај во анализата на податоците и во визуелизацијата на податоците. Областите со најмалку подобрувања со текот на времето се машинското учење и статистиката. На почетната страница на Datajournalism.com можете да пронајдете голем број на корисни водичи и курсеви, меѓу кои се наоѓа и видео курсот Python за новинари/ки, а кои се наменети за новинарите/ките кои сакаат да научат како побрзо и поточно да се занимаваат со дата новинарство.
Повеќето од испитаниците/чките во дата новинарството главно или исклучиво се потпираат на надворешниот софтвер кога станува збор за графичките алатки (45%). Сепак, во споредба со 2021 година, забележан е благ пораст во движењето кон внатрешниот софтвер.
Предизвици и можности
Истражувањето покажа дека дата новинарите/ките се соочуваат со бројни предизвици, вклучувајќи го и пристапот до квалитетни податоци, недостатокот на финансиски средства, временскиот притисок и недостатокот на знаење во областа на анализата и на визуелизацијата на податоците. Најголемата препрека што е согледана во учењето (65%) е недостатокот на време за обука или за продлабочување на знаењата за вештините.
И покрај овие предизвици, истражувањето исто така откри и голем број на можности за дата новинарите/ките, вклучувајќи го и зголемувањето на нивното присуство во медиумското окружување, откривањето на приказните и нивното потпирање на фактите како и користењето на податоците за борба против дезинформациите. Освен тоа, истражувањето сугерира дека дата новинарите/ките треба да имаат поголема свест за најдобрите практики за зачувување на известувањето за податоците.
Заклучок
Популарноста на дата новинарството од година во година е сѐ поголема, а пандемијата на коронавирусот ја направи оваа област уште попопуларна. Тоа го покажува и податокот дека поголемиот број од испитаниците/чките сметаат дека пандемијата имала позитивен ефект врз користењето на податоците во медиумското известување.
Истражувањето покажа дека дата новинарите/ките ги користат податоците за да го поттикнат медиумското известување за различни теми. Од изборите, пандемијата, војната во Украина па сѐ до климатските промени и кризата со трошоците за живот, дата новинарите/ките ги анализираа, визуелизираа и ги интерпретираа овие прашања, обезбедувајќи ѝ на публиката суштински увид. Дата новинарството стана вредна алатка за борба против дезинформациите. Истакнато е и тоа дека дата новинарите/ките се охрабруваат да ја архивираат нивната работа за да може да се употреби во иднина. На крајот, истражувањето заклучува дека дата новинарството е непроценлива алатка за разбирање на најитните светски проблеми.
Преку десет видео туторијали кои ги подготвивме за вас уште пред три години, погледнете заедно со Imer Muhović како да собирате податоци, како да ги исчистите, да ги локализирате и да ги форматирате и кои алатки да ги користите и како да ги визуелизирате.