Сателитските снимки во новинарството: траги од климатските промени

26.06.2023. / 11:12
Автор/ка
Share
Satelitski snimci
Canva mashup
Satelitski snimci

Сателитските снимки се покажаа како еден од најефикасните и наједноставните начини за збогатување на пишаната содржина на приказната, визуелизацијата на податоците, но и како непобитен доказ на изнесените тврдења. За тоа како и од каде да се почне со нивната примена, објаснивме во еден од претходните текстови. Денес одиме чекор понатаму и ви презентираме некои од советите кои можат да ви помогнат да ги искористите на што е можно подобар начин можностите што ни ги нудат давателите на овие услуги.

Еден од најчестите начини на користење на сателитските снимки во новинарството секако е претставувањето на трагите што ги оставаат климатските промени на нашата планета. Затоа, ќе му биде посветено особено внимание токму на користењето на сателитските снимки за прикажување на овој сè помоќен и повлијателен непријател.

Научете подобро да го видите она што го гледате

Сателитските слики имаат значајна улога во новинарството, обезбедувајќи им на новинарите единствена перспектива на светот. Тие можат да откријат промени во животната средина кои често се невидливи од земјата. Освен тоа, сателитиските податоци се корисни во истражувањето на природните катастрофи, бидејќи овозможуваат брзи информации за обемот на штетата и каква помош е потребна во погодената област. Исто така тие се користат за следење на еколошките и на општествените проблеми, како што се загадувањето или кршењето на човековите права. Иако постојат предизвици во пристапот до податоците и во нивната интерпретација, употребата на сателитските слики им обезбедува на новинарите подобро разбирање на светот и им овозможува да известуваат со поголема точност и длабочина.

Сателитските снимки можат да ги надополнат вашите истражувачки приказни и да ги понудат доказите што ви се потребни. Меѓутоа, за целосно да го искористите богатството на информациите што ги нудат сателитските слики, потребно е да се придржувате на следново:

  • Определете ја скалата на сликата која ќе ви помогне да ја одредите големината на областа што ја анализирате;
  • Побарајте примероци, форми и географски текстури вклучувајќи ги природните знаменитости и знаменитостите кои ги направил човекот.
    Деталната анализа на географските карактеристики, кои можат да вклучуваат и реки, езера, планини, шумски прекривки или крајбрежни линии, и забележувањето на промени во овие карактеристики може да укажуваат на климатски промени и нивното влијание врз животната средина.
  • Одредете каде е север за да можете полесно да ја одредите насоката на движење на субјектот што е од интерес и/или сенките;
  • Анализирајте ја насоката на сенките и бојата на теренот за да можете полесно да го одредите датумот и времето на снимање на одредена слика;
  • Земете го во предвид претходното познавање на локацијата за да утврдите дали нешто се истакнува во окружувањето.

Анализирањето на сателитските слики за известување за климатските промени бара внимателно набљудување и фокусирање на определени елементи. При анализата на сателитските слики, треба да им се обрне особено внимание и на неколку клучни чекори и фактори, како што се:

  • Резолуција на сликата: Резолуцијата се однесува на острината и на деталите на сликата што ги нуди сателитската снимка. Високата резолуција овозможува подобро разликување на деталите, додека пак ниската резолуција може да ја ограничи прецизноста на анализата. При изборот на слики за анализа, изберете го оние што се со висока резолуција за да добиете што е можно подетален приказ на областа од интерес. За анализата на сликите и на снимките да биде ефикасна, снимките треба да имаат резолуција од најмалку 10 метри на пиксел.
  • Време на снимање: Времето кога е снимена сликата може да биде клучно за анализата на климатските промени. Земете го во предвид времето кога е снимена сликата и колку е тоа релевантно за вашата приказна.
  • Идентификување на клучните показатели: Фокусирајте се на клучните показатели кои се релевантни за климатските промени. Ова може да вклучува промени во температурата, нивото на морето, површината на ледените покривки, примероците од вегетацијата или загадувањето на животната средина. Идентификувајте ги овие показатели на сателитската слика и споредете ги со историските податоци за да добиете контекст за промените што се случуваат.

Доколку се сомневате во исправноста и во валидноста на сателитската снимка, тоа можете да го проверите на следниов начин: 

  • Потврдете дека сликата е соодветна со оригиналниот извор;
  • Споредете ја сателитската слика со други извори;
  • Обидете се да проверите кога е снимена сликата со користење на алатките како што е suncalc.org за анализа на положбата на сонцето и на сенките;
  • Консултирајте се со експерт/ка за далечинско истражување. 

Ако не сте експерт/ка за анализа на сателитски слики, соработувајте со географските информациски експерти, климатолози или научници кои се занимаваат со климатските промени. Тие можат да ви обезбедат дополнително разбирање и толкување на сликите и да ги потврдат вашите наоди.

Траги од климатските промени на сателитските снимки 

Климатските промени се глобален предизвик кој бара информирана и ангажирана јавност. Новинарите/ките имаат клучна улога во подигањето на свеста за климатските промени и поттикнувањето на акција. Во последните неколку децении, развојот на технологијата на сателитските снимки отвора нови можности за новинарите/ките во известувањето за овој глобален проблем. Сателитските снимки обезбедуваат високо прецизни визуелни информации за промените на животната средина, овозможувајќи им на новинарите/ките да ги истражат, да ги документираат и да ги соопштат последиците од климатските промени на нашата планета. Во продолжение ви презентираме некои од начините на нивна примена кои се покажаа како најефикасни: 

  • Следење на промените во животната средина:

Сателитските снимки им овозможуваат на новинарите/ките да ги следат промените во животната средина кои се поврзани со климатските промени. Меѓу другото, ова вклучува следење на намалувањето на ледените покривки, промените во вегетациските покривки, идентификување на дефорестацијата и промените во користењето на земјиштето. Овие информации обезбедуваат објективни докази за промените што се случуваат во природата и им овозможуваат на новинарите/ките да го свртат вниманието на јавноста на големината и на опасноста од овој проблем.

Едниствен пример за ова е Timelapse во Google Earth, алатка која им овозможува на корисниците/чките да ги видат промените на Земјата со текот на времето преку серија на сателитски снимки. Timelapse е проект кој комбинира неколкудецениски сателитски снимки за да ги прикаже динамичните трансформации што се случија на нашата планета. Оваа алатка ви нуди можност да истражите различни делови од светот и да видите како пејзажите, градовите и природната животна средина се менувале со текот на времето. Можете да го следите развојот на градовите, дефорестацијата на шумите, промената на ледените површини на половите, растот на урбаните области и други значајни промени на Земјата. 

  • Истражување на климатските податоци:

Сателитските снимки обезбедуваат голема количина на податоци за климатските услови, како што се температурите, атмосферскиот состав, нивото на морето и ледените површини. Новинарите/ките можат да ги користат овие податоци за истражување на трендовите на климатските промени и нивните причини. Истражувањето на промените во температурата на океаните и нивното влијание врз коралните гребени, анализата на зголемувањето на емисиите на стакленичките гасови и испитувањето на нивната врска со индустриските активности, како и бројни други компаративни анализи и истражувања се можни со користење на сателитските снимки. 

  • Откривање на основните причини за климатските промени:

Нелегалната сеча на шумите, незаконската изградба на индустриски постројки, неовластеното испуштање на отпад во животната средина се основна причина за климатските промени. Откривањето на овие активности, информирањето на јавноста за нивното спроведување како и опасните последици до кои тие можат да доведат, значително е олеснето со користењето на сателитските снимки.

Анализирањето на сателитските снимки за известување за климатските промени бара внимателно набљудување, споредба на сликите, идентификација на клучните показатели и соработка со експертите/ките. Комбинацијата на визуелните податоци и на дополнителните извори на информации им овозможува на новинарите/ките да креираат информирани и впечатливи приказни за климатските промени. Сателитските слики нудат објективни докази и контекст за разбирање на влијанието на климатските промени на нашата планета, поттикнувајќи акција и промени во однесувањето кон животната средина.

Употребата на сателитски слики во новинарството им нуди непроценлива моќ и можности на новинарите/ките да го истражат светот на еден нов и сеопфатен начин. Сателитските слики обезбедуваат единствена перспектива што не може да се добие од други извори и им овозможуваат на новинарите/ките да пренесат моќни приказни кои информираат, едуцираат и поттикнуваат промени. Заедно со предизвиците што доаѓаат со пристапот до податоците и нивната интерпретација, употребата на сателитските слики во новинарството е исклучително важна за создавање на релевантни, веродостојни и влијателни извештаи кои нè водат кон подобро разбирање на нашиот свет и соочување со глобалните предизвици.

Оценете го квалитетот на статијата