Селфи новинарство: Кога сѐ што ви е потребно за вест го собира во вашиот џеб

22.04.2022. / 08:39

Сакам да се нарекувам џинс новинар, затоа што сѐ што ми е потребно го собира во џебот на моите фармерки.” рекол Yusuf Omar, уредник на мобилното издание на Hindustan Times.

Вака ја започнува приказната за неговиот начин на користење на селфи новинарството во редакцијата  човекот кој со помош на видео во вертикална форма и Snapchat апликацијата му ги пренесе на светот интервјуата на жените кои преживеале сексуална злоупотреба. Со помош на филтрите на Snapchat, на жените им е овозможено да го сокријат нивниот идентитет и за првпат да ги раскажат нивните приказни без страв дека ќе бидат подложени на општествената стигма која го следи силувањето.

Што е селфи новинарство и зошто е тоа важно?

Паметните телефони ни овозможија да гидокументираме нашите животи". Според Omar, денес мобилните телефони го опишуваат светот.

Селфи новинарството се користи за да се опише поинаков пристап во граѓанското новинарство, кој се реализира со помош на мобилните уреди и се базира на објавување на самофотографии (и/или видеа) на социјалните мрежи. На овој начин се репродуцираат содржините, но не на изолирани објекти/ луѓе/ слики, туку на артефакти кои го врамуваат 'авторот' на фотографијата. Овие артефакти (без разлика дали се предмети/простории или други лица) во голем дел се елементи од приватниот живот на авторот, кои намерно стануваат јавни.

"Ова можеби не е новинарство на конвенционален начин, но тоа не значи дека не е релевантно", тврди Omar во неговата одбрана на селфи новинарството, кое стана модерен и пристапен начин за она што некогаш се нарекуваше граѓанско новинарство.

Omar зборуваше за International Business Times за подемот на селфи новинарството и објасни како тој и неговиот тим во Hindustan Times го користат за известување за чувствителни приказни и за спроведување на тајни истраги, како и за ширење на инспиративни приказни од цела Индија.

"Мобилното новинарство ни овозможи пристап на места што никогаш порано не сме го имале и ни овозможи да раскажуваме приказни на многу подискретен и поинтимен начин", изјавил Omar. "Никој што доживеал таков вид на ужас не сака да има мешавина од бумови и огромни светла и камера која им се внесува во лицето. Тоа мора да биде многу посуптилно."

Селфи новинарството не се вести, а можеби и се

Според некои критичари селфи новинарството не се вести.

Многумина истакнуваат дека селфи новинарството им овозможува на политичарите да зборуваат, а ние да ги слушаме. Работата за барање на одговорност ќе мора да почека некој друг ден.

Селфито како форма во новинарството може да донесе автентичност и транспарентност, ако со оваа форма го презентираме процесот на истражување и создавање на приказната која луѓето сѐ уште не ја виделе во медиумот. Можеме да ја разбереме како додаток на приказната што служи и како форма на промоција на новинарот/ката и на медиумската куќа.

Постои и друга страна на приказната, кога селфито ќе стане цел само за себе и ќе го засени настанот, околностите, проблемот и прашањата на кои публиката бара одговор. Еден од примерите е селфито што беше направено за време на погребот на Nelson Mandela, кое сите светски медиуми го пренесоа како ударна вест.  

fws

 

Не е необично селфито да се доживува како поопуштена форма, премногу фокусирана на новинарот/ката, а не на она што навистина се случува. Не претставува проблем промоцијата на ликот и делото на еден човек. Проблемот настанува кога настаните (трагедии, војни, напади, природни катастрофи) стануваат околности што се користат со цел да се промовира еден човек.

Новинарот David Ono од ABC7 е пример на новинар кој отишол предалеку сликајќи селфија за време на неговото патување за Париз, за да известува за терористичкиот напад. David Ono можеби премногу се сосредоточил на себе, а не на вистинските настани.

ew

 

Очигледно е дека сето тоа е направено со надеж дека повеќе луѓе ќе можат да го запознаат процесот и патот на новинарот кој ја следи приказната, но имаше можеби и премногу непотребни објави за себеси што многу им пречеше на гледачите. Врз основа на направените извештаи, Ono повеќе го сликал она што тој го правел за време на патувањето отколку што ја покривал приказната што му била доделена.

Користењето на селфито како начин за известување е корисно само ако му/ѝ помага на новинарот/ката дополнително да ја презентира приказната што ја покрива. Иако оваа форма е многу практична и опуштена, добро е да се анализира ситуацијата пред известувањето со користење на селфи.

Селфи известување: можности и ризици

Во последно време има сѐ повеќе новинари што го користат селфито како медиум за известување. Ова засекогаш го смени начинот на документирање на вестите затоа што селфијата го покажуваат присуството на новинарот/ката.

Сето ова ги зајакнува новинарските вредности меѓу кои се транспарентноста и чесноста. Но, феноменот на селфито во новинарството не е без последици затоа што границата помеѓу автентичното презентирање на новинарот/ката на задача и обичната себепромоција е многу тенка.

Ако треба аргументирано да се расправа со критичарите кои тврдат дека селфи новинарството не се вести, овие примери го зборуваат токму спротивното. Селфито е вест. Проблемот е само во вредноста на веста. Ако публиката почне да коментира дека селфи известувањето за терористичкиот напад се претворило во фарса, тогаш знаете дека тоа не е онаа вест која се посакува.

Ocijenite kvalitet članka