Компанијата Meta, во чија сопственост е Instagram, на 6 јули креираше и овозможи користење на нов „продолжен“ канал, односно апликација под името Threads. Овој, како што многумина го сметаат, конкурент на Twitter во првата недела доби 97 милиони корисници/чки што го прави интересен и за медиумската заедница.
Според директорот на Instagram, Adam Mosseri, Threads е за јавни разговори, а тој се надева дека токму оваа апликација ќе пренесе многу фотографии и видеозаписи но со поголемо додавање на текст. „Сакаме да создадеме простор во кој можат да се занимаваат со јавни разговори кои се пријателски и отворени. И на тој начин ќе донесеме многу добри алатки од Instagram на Threads.“
Новата платформа за социјални медиуми моментално е достапна само како апликација за паметни телефони. Апликацијата можете да ја најдете на Google Play Store или Apple App Store. Оваа опција моментално не е достапна во Европската Унија, па доколку не можете да ѝ пристапите, голема е веројатноста дека вашиот профил е поврзан со телефон што е регистриран во некоја од земјите на ЕУ, па затоа обидете се рачно да ја префрлите апликацијата app store на вашата земја.
Како да направите налог на апликацијата Threads
Како да направите налог на апликацијата Threads by Balkansmedia
Доколку имате повеќе профили на Instagram, обрнете внимание од кој профил сакате да бидете најавени:
1. Изберете ја опцијата Switch Account на почетната страница на апликацијата. Потоа допрете го копчето 'Најавете се на друг налог на Instagram' на дното.
2. Сега можете или да ги внесете податоците за најава од друг профил на Instagram или да создадете нов. Но, не нов Threads, туку нов профил на Instagram кој потоа ќе го споите.
Откако ќе се најавите, ќе ве пречека почетниот екран на Threads. Овде ќе видите што објавиле другите. Можете меѓусебно да комуницирате преку објави или лајкови, преку коментирање, со повторно објавување (repost) или со споделување. Лентата за навигација на дното може да се користи за пристап до разни панели. Можете да ги пребарувате корисниците/чките, да ги проверите известувањата или да го прегледате вашиот профил.
Во средината на долната лента е копчето CREATE. Кога ќе кликнете на него, можете да креирате објава. Можете да додадете фотографии или видеозаписи.
Еднаш откако сте напишале Thread, можете да изберете кој може да пристапи до одговорот со избирање на опцијата 'Секој може да одговори' во долниот лев агол и да го менувате до саканата опција. Кога ќе бидете подготвени, допрете го копчето Post во долниот десен агол за да го објавите вашиот Thread.
После тоа, можете вашите Thread-ови да ги објавувате дополнително на Instagram приказната или во feed-от. Thread-от можете да го споделувате и директно на Twitter. Можете да го копирате линкот па приватно да му го испратите на некого.
Главните разлики помеѓу Instagram и Threads
Објавите можат да бидат со должина до 500 знаци и да вклучуваат линкови, фотографии и видеозаписи до 5 минути. Вашето корисничко име на Instagram е поврзано со налогот на Threads, па доколку кликнете и ја преземете апликацијата Threads и во некој момент сакате да ја избришете, бидете внимателни бидејќи на ваков начин ќе си го избришете и вашиот Instagram налог. Вашето корисничко име, описот и профилната фотографија ќе се повлечат од Instagram, но откако ќе влезете на Threads, ќе можете посебно да ги приспособите описот и фотографијата.
Threads нуди нов, посебен простор за ажурирања во реално време и јавни разговори. Иако изгледа слично на Twitter, сепак се разликува во тоа што Threds-овите можете понатаму да ги споделувате на вашиот Instagram feed или приказна, што кај Twitter го нема како опција.
Кога зборуваме за главните разлики помеѓу Instagram и Threads, тие се:
- Фокусот на Instagram е на објавувањето на фотографии, видеозаписи, приказни и Reels-ови, додека фокусот на Threads е на текстот (иако имате можност да додавате и друга содржина – фотографии, видеозаписи).
- Instagram не ви дозволува повторно да објавите туѓа објава, додека Threads има копче Repost, слично на функцијата Retweet на Twitter.
- Профилот на Threads е многу сличен на профилот на Instagram, освен што наместо слики во мрежите се прикажуваат објави во вертикален формат како tweet-ови.
- Нема панел под профилот Threads што ги прикажува објавите што му/ѝ се допаѓаат на корисникот/чката и објавите во кои се вклучени медиумите.
- Корисниците/чките исто така можат лесно да се префрлат на Instagram преку нивниот Threads профил.
Нема сомнеж дека и оваа нова социјална мрежа многу брзо ќе стане популарна и дека нејзината корисност во сите сфери, па така и во новинарството, ќе се види во времето што е пред нас. Дотогаш, обидете се да експериментирате со неа и видете како може да му послужи на вашиот медиум за ширење на информации и доаѓање до нова публика. Она што останува да се види е дали Threads ќе биде вклучен во Fediverse, што ќе им овозможи на идните корисници/чки да комуницираат не само со оние налози што се на Threads, туку и на други мрежи како што е на пример Mastodon.