За растот на користењето на видеозаписот и за неговиот потенцијал за доаѓање до публиката и за ширење на вестите пишувавме во повеќе наврати. Несомнено е дека денес, користењето на видеозаписот за новинарска работа, дури и кога се занимавате со пишано новинарство, стана неопходно. За ова дополнително придонесе и зголеменото користење на социјалните мрежи за задржување на публиката, особено на платформите на кои видеозаписот им е основа на активноста, како што е Youtube и сѐ повеќе како и на останатите големи мрежи како што се Facebook, Instagram, TikTok па дури и на Twitter.
Од друга страна, вештачката интелигенција почнува да се користи сѐ повеќе во алатките за креирање на видеозапис. Вештачката интелигенција го олеснува процесот на монтирање на видеозаписот и преку одлични резултати им овозможува на новинарите/ките да креираат неверојатни професионални видеозаписи.
Денес ви претставуваме една таква алатка.
Steve AI уредувачот на видеозаписи ви помага да ги претворите вашите сурови исечоци во високо професионални видеозаписи за само неколку минути.
Steve AI е SaaS алатка која ви овозможува брзо и креативно создавање на видеозаписи и на анимации. Оваа алатка е одлична за креаторите/ките на видеа и за маркетинг експертите/ките затоа што овозможува создавање на неверојатни видеозаписи за кратко време.
Преку Steve AI можете да создадете било каков вид на видеозапис како што се YouTube видеозаписи, Instagram и Facebook видеозаписи, цртани или анимирани видеозаписи како и да ги претворите вашите објави на блогот или содржините во видеозаписи.
Извршниот директор на Animaker, Raghav, вели: “Денес во светот има повеќе од 200 милиони корисници/чки кои користат софтвер за изработка на видеозапис. Од стартапи до корпоративни презентации, видеа на социјалните мрежи, учење и развој, видео демонстрации со објаснувања и лансирање на производи – ги користиме видеозаписите било каде и било кога. Сепак, никогаш не сме имале видео алатка која од нас бара најмалку труд.“
Интересни карактеристики што ги има оваа алатка
Има многу интересни и корисни работи за новинарите/ките во оваа алатка. А можеби најважната карактеристика е тоа што го поедноставува создавањето на видеозаписи. Steve AI го поедноставува процесот на претворање на вашиот текст во неверојатни видеозаписи за многу кратко време. Алатката автоматизира многу долготрајни дизајнерски задачи и ви помага да заштедите драгоцено време.
Оваа алатка исто така нуди и однапред изработени шаблони за оживување на вашата визија. Алатката доаѓа со многу шаблони за изработка на вашите видеозаписи. Имате шаблони за маркетиншки видеозаписи, видеозаписи на социјалните медиуми, рекламни видеозаписи, видеозаписи за обука, корпоративни видеозаписи, како и видеозаписи за вести и уреднички видеозаписи.
Вашата содржина можете да ја трансформирате во анимирани видеозаписи кои ќе бидат поубедливи со Steve AI. Има многу однапред вчитани ликови и дејства, така што можете едноставно да создадете сопствен анимиран видеозапис со помош на човечки аватари.
Исто така можете вашите фотографии да ги претворите во прекрасни видеозаписи. Можете да изберете меѓу 100+ шаблоните за претворање на вашите фотографии во неверојатни видеозаписи. Паметните шаблони ви овозможуваат создавање на модерни видеозаписи кои се приспособени на корисникот/чката од сопствените содржини.
Со оваа алатка добивате избор од над 1000+ однапред подготвени видео шаблони што можат да се приспособат. Се состои од автоматски генерирани скрипти кои ги движи AI. Можете да користите богати графики, фотографии и видеозаписи од нивната библиотека.
Како да креирате видеозапис на иновативен начин со користење на Steve AI
Пред сѐ, треба да креирате налог преку вашата е-маил адреса и постоечки Google или Facebook профил. Ќе бидете пренасочени кон Steve AI Dashboard и можете да добиете водичи или упатства за изработка на вашите видеозаписи.
За да креирате ново видео, кликнете на опцијата за креирање. Ќе имате опција за креирање на хоризонтални, вертикални или квадратни видеозаписи. Исто така можете да избирате меѓу видео во живо или анимација.
Ако ја изберете опцијата за видеозапис во живо (Script to Live video), ќе се појави мал екран Auto Generate Script. Можете да го промените типот на вашите видеозаписи без разлика дали е видео во живо или анимирано видео и да се одлучите за хоризонтални, вертикални или квадратни видеозаписи во опцијата Video Ratio.
Исто така можете да имате некои однапред подготвени скрипти за вашето видео во опцијата категории, кои можете автоматски да ги корегирате со вашето подготвено сценарио доколку не ви одговара предложеното. Подготвителните скрипти се на англиски јазик, па сигурно нема да ви помогнат ако работите на некои од јазиците од Западен Балкан. По поставувањето на скриптата, изберете стил на дизајнот на видеото, по што следи доработка и финализирање на видеозаписот. Директно на секој слајд можете да ги менувате анимациите, позадинската слика или видеото, да ја менувате скриптата или да додавате нови реченици. Можете да ја промените и бојата на буквите и да додадете музика. За жал, додавањето на автоматски глас е достапно само за англиски јазик.
Изберете било која скрипта од скокачкиот екран и секоја скрипта ќе се подели на различни сцени. Секоја сцена е различно stock видео или слика.
Откако ќе ги подредите сите сцени, кликнете на Publish каде што ќе можете да го преземете вашиот видеозапис, да го испратите преку е-пошта или директно ќе го споделите на Facebook, Twitter или Reddit.
Ние направивме кратко видео за потребите на овој текст, а ни требаа неколку минути да го реализираме, погледнете го во продолжение:
За жал, оваа алатка не поддржува кирилично писмо, па затоа не може да се користи за Македонски јазик како и за БХС јазик на кирилица.
Цена
Оваа алатка нуди можност и за бесплатно користење, но секако со определени ограничувања.
Во бесплатната верзија овозможени се три преземања месечно, со задолжителен воден жиг. Видеозаписот се снима во 720p резолуција, со можност за користење на различни формати (вертикален, хоризонтален, квадратен). Се нуди можност за користење на голем број на видеозаписи и на фотографии од нивната библиотека, а можете да вметнете и ваши видеозаписи и фотографии и да ги комбинирате во вашите креации. Можете да користите и анимирани ликови со голем избор на акции на анимираните ликови.
Покрај бесплатната верзија, има и четири платени пакети: Basic, Starter, Pro и Enterprise.
Basic пакетот чини 9 долари месечно, а ви овозможува да преземете до 5 видеозаписи месечно, нема воден жиг и можност за дополнителна доплата за преземање на дополнителни видеозаписи во износ од 5 долари по видеозапис.
Starter пакетот чини 30 долари месечно и со него добивате резолуција 1080p, 15 видеозаписи месечно за преземање и 10 различни гласови на англиски јазик.
Pro пакетот чини 40 долари месечно и покрај сето она што го вклучуваат претходно споменатите пакети, дополнително нуди можност за преземање на 40 видеозаписи месечно, 2k видео резолуција, 20 различни гласови на англиски јазик и голем број на видеозаписи и фотографии кои се отклучени за користење.
Enterprise пакетот посебно е приспособен за секој корисник/чка и соодветно на тоа и цената е различна за секого.
Истражете ги и сами сите можности што ги нуди оваа алатка, па според вашите потреби одлучете се дали ќе земете некој од наведените пакети.
За медиумите, оваа и слични на неа алатки овозможуваат брзо креирање и сумирање на долгите форми на новинарска содржина, но и го олеснуваат креирањето на реклами за потенцијалните маркетиншки клиенти. Иако овие алатки не се совршени, тие ја исполнуваат нивната цел со забрзување на процесот на производство на мултимедијални содржини, што е денес важен елемент за секоја редакција во комуникацијата со публиката.