Вертикалниот видео формат сѐ повеќе се користи за презентирање на содржините

21.09.2022. / 08:56

Според различните истражувања, видео форматот е најгледаниот формат на социјалните мрежи.

Резултатите од студијата на Wibbitz покажуваат дека на Facebook вертикалниот видеозапис генерира 4 пати поголем ангажман отколку квадратните видеозаписи. Тоа го потврдува и Twitter со 2,5 пати поголема стапка на ангажираност при користењето на вертикалниот видео формат. На Instagram видеозаписите генерираат значително поголем ангажман од било кој друг вид на објави.

Користењето на мобилните телефони придонесе за снимање на  видеозаписите во вертикален формат, а содржината што се објавува без разлика дали станува збор за корисниците/чките или за медиумите, станува сѐ позастапена во овој формат.

Emerketer.com уште во 2019 година во нивното истражување потврди дека 2,3 милијарди луѓе гледаат видео содржина на мобилните телефони, што значи дека поминуваат повеќе време гледајќи ги видеозаписите на ваков начин отколку да ги гледаат на телевизија. И повеќето корисници/чки ги држат телефоните вертикално. Помладите генерации, миленијалците/ките гледаат вертикални видеозаписи на нивните телефони во дури 75% од случаите.

Повеќето социјални мрежи сѐ повеќе го промовираат видео форматот преку нивните опции, како што се Stories и Reels на Instagram, TikTok или пак Shorts на Youtube.

Youtube сѐ повеќе оди кон вертикален формат

Најнова вест е дека Youtube експериментира со новата технологија за машинско учење која видеозаписите што се снимени во пејзажен формат ги форматира во квадратни или вертикални формати, во зависност од тоа како гледачите го гледаат YouTube.

За видео платформата што е во сопственост на Google, велат дека моделот за машинско учење ги детектира клучните елементи во видеозаписот лицата, клучните објекти, логоата, движењето, текстот и го дели видеозаписот на сцени, за да се осигура дека клучните елементи ќе се појават правилно во редизајнираниот видеозапис.

Ова во практика ќе значи дека ќе можете да го снимате и да го приспособите видеозаписот во еден формат, како на пример во квадратен или хоризонтален формат, а дека самиот Youtube ќе го приспособи истиот видеозапис во вертикален видео формат, во зависност од тоа како ќе го гледа вашиот/ата корисник/чка видеозаписот на неговиот/нејзиниот мобилен уред.

Оваа опција е моментално достапна за апликациски кампањи, а наскоро ќе следат кампањи за максимални перформанси и видео апликациски кампањи.

YouTube исто така додаде четири нови, приспособливи шаблони на вертикалните видео реклами и еден квадратен шаблон на алатката за креирање на видео содржина која се наоѓа во Asset Library на Google Ads. Шаблоните се направени во хоризонтален формат со музички записи, темпо и транзиции што се насочени кон тој формат.

Овој збир на шаблони автоматски го генерира видеозаписот и исто така креира хоризонтални видеозаписи врз основа на сликите и текстот што ги обезбедува огласувачот за кампањите.

Google Creative Works тимот, кој е одоговорен за истражување на креативната ефикасност и за насоките, прегледа 2000 глобални реклами што се прикажуваа на Shorts преку видео дејства и кампањи за апликации и ги сподели трите најуспешни стратегии:

  • Усогласете ги вертикалните реклами со вертикалните платформи: вертикалните реклами изгледаат поприродно и имаат подобри перформанси во вертикалните средини како што се Shorts. Размислете како можете да ја усогласите атмосферата со смели визуелни слики, со единствено уредување или со популарен звук.

  • Нека биде брзо: со само 10 до 60 секунди достапно време за реклами и имајќи го во предвид брзото темпо на Shorts, нема потреба да поставувате премиси или да воспоставувате приказна со многу дополнителен контекст. Брзо влезете во акција и поголема е веројатноста дека вашата публика ќе остане.

  • Прегрнете ги емоциите: луѓето што гледаат Shorts очекуваат моменти на радост, драма или смеа затоа внесете малку емоции во вашата изведба.

Успешноста на оваа стратегија, иако е ориентирана на рекламирање, иста е за било кој друг вид на видео содржина. Во врска со ова, ако снимате новинарски видеозапис со вертикален формат обрнете внимание на тоа да ја усогласите содржината и да го приспособите на вертикален формат, да не трае подолго од една минута и задолжително додадете емотивна нишка во видеозаписот. На овој начин ќе ја заинтересирате публиката и ќе ја задржите на вашите видеозаписи.

Оптимизација на вертикалните видеозаписи

Креирањето на ефикасен и привлечен вертикален видеозапис е покомплексно од сечењето на рабовите на обичен, поширок видеозапис. Но, со неколку едноставни совети, ова не мора да биде тешко.

Edward Gibbson Brown за Sociality Squared ги наведува овие совети за оптимизација на вертикалните видеозаписи.

1. Резолуција

Резолуција на дигиталната слика или на видеозаписот е бројот на различни пиксели што може да се прикажат во една дадена димензија (обично ширина со висина). Колку повеќе пиксели има толку е поостра сликата.

Минималната резолуција на вашите видеозаписи треба да биде 1080 x 1920, односно 1920 x 1080 за вертикален формат.

Забелешка, не го преземајте вашиот видеозапис од една платформа за да го префрлите на друга платформа затоа што ќе му се намали квалитетот. Секогаш е подобро да го поставите вашиот оригинален видеозапис директно на платформата.

2. Оптимизирајте го видеозаписот за гледање без звук

Повеќето луѓе не ги гледаат видеозаписите на социјалните мрежи со звук. Digiday известува дека од околу 8 милијарди прегледи на видеозаписи на Facebook дневно, 85% се гледаат без звук.

Затоа е важно да им додадете текст на вашите видеозаписи, односно титлови. Со титловите ќе бидете попристапни за пошироката публика.

3. Веднаш привлечете го вниманието на гледачите

Како што веројатно знаете, просечниот корисник на социјалните мрежи постојано скролува и запира само кога нешто ќе му го привлече вниманието или ќе му здодее, во зависност од тоа што ќе се случи прво.

Ова значи дека вашиот видеозапис треба веднаш да го привлече нивното внимание и веднаш да ја покаже неговата вредност. Првите три до пет секунди се клучни, затоа започнете со вашата највпечатлива или најпровокативна визуелна слика. Светлите бои, убавите снимки, повторувачките анимации се одличен начин да ги натерате корисниците/чките на социјалните медиуми да престанат да скролуваат.

Исто така е важно да имате моќна насловна слика за вашите видеозаписи. Ви препорачуваме да изработите приспособени наместо да изберете лоша слика на екранот меѓу опциите што ги нудат платформите и да ги направите што повпечатливи со насловот или со впечатлива фраза што е релевантна за вашиот видеозапис на нив.

4. Обрнете внимание на кадрирањето и на композицијата

Обидете се да не оставате премногу празен простор околу соговорникот/чката, но сепак внимавајте да има доволно простор кога ќе се вклопи во вертикалниот формат. Исто така, важно е да се обрне внимание на ненадејните движења и тие да се избегнуваат. Ова може да биде дезориентирачко во било кој размер, а особено може да пречи во вертикалниот формат.  

Исто така, кога се двоумите, применете го правилото на третини. Ова композициско правило ја дели сликата на девет еднакви делови, каде што четирите точки што се сечат на линиите на поделба претставуваат точки од посебен интерес, напнатост и фокус во самата рамка. Поставувањето на важните елементи на вашата композиција во близина или на тие вкрстувања е едноставен начин за создавање на уверлива и избалансирана слика.

5. Приспособете ги размерите за ширина и висина за различни платформи

Иако повеќето платформи вклучуваат хоризонтален видеозапис, тоа не мора да значи исто во сите сегменти. Размерот 9:16 е совршен за TikTok, како и за приказните на Instagram и на Facebook. Меѓутоа, за Feed-овите на Instagram и на Facebook, ќе треба да користите 4:5 или 1:1 (квадрат) ако сакате да го избегнете непрецизното сечење или црните ленти во вашиот видеозапис. Исто така можете да го користите размерот 4:5 за Snapchat.

 ***

Ако го земеме во предвид развојот на вертикалниот формат, несомнено е дека медиумите ќе мораат да ја приспособат нивната видео содржина што ѝ ја презентираат на публиката преку овој формат. Вертикалниот формат, како сѐ почесто користена форма за презентирање на содржини, ќе значи доаѓање до нова публика и сигурно задржување на публиката, со оглед на тоа што поголемиот дел од публиката денес ги следи медиумите преку нивните мобилни уреди, а како што гледаме од трендовите и од истражувањата, вертикалниот формат најчесто се користи кога се гледа на мобилните телефони.

Ocijenite kvalitet članka