Вештачката интелигенција во новинарството

17.02.2023. / 12:47

Сите ќе останеме без работа.

Ова е првата мисла што е поврзана со вештачката интелигенција во новинарството. Паметните машини ќе ги заменат новинарките и новинарите во пишувањето на вестите, па во блиска иднина сите ќе станат непотребни.

Во истражувањето на Reuters од 2022 година, се наведува дека речиси 40% од испитаниците на медиумските куќи експериментираат со употребата на вештачка интелигенција во секојдневната продукција на медиумските содржини. 

Пример за примената на вештачката интелигенција при пишувањето на статија

Да се пронајде магичната формула, modus operandi или некое упатство кое ќе ѝ каже на вештачката интелигенција како да се напише совршен текст, ќе значи предност на пазарот каде што медиумите се натпреваруваат за внимание.

Таа формула се обиделе да ја пронајдат и во списанието "Men’s Journal". Вештачката интелигенција го напиша текстот (што можете да го видите со кликнување на линкот) “Што треба сите мажи да знаат за нискиот тестостерон.” Во првата статија што беше генерирана од вештачката интелигенција, а беше објавена во списанието "Men’s Journal", беа идентификувани 18 специфични грешки.

Порталот Futurism објави: “Како и повеќето содржини што се генерирани од вештачката интелигенција, статијата е напишана со доверлив авторитет на вистински експерт. Содржи цитати кои делуваат академски, а на самиот почеток на објавата истакнат е дополнителен кредибилитет со уверувањето на читателите дека ‘фактите ги прегледа и ги провери нашиот уреднички тим.’"

Во изданието на крајот беа направени значителни промени во статијата за тестостеронот. Но, како што е наведено на порталот Futurism, објавувањето на неточни содржини за здравјето може да има сериозни последици.

The Washington Post во својата статија за вештачката интелигенција во новинарството што беше објавена пред еден месец, наведува дека интернет детективите минатата недела откриле дека CNET тивко објавил десетици статии кои целосно биле генерирани од вештачката интелигенција. Популарната технолошка страница признала дека тоа е вистина, но овој потег го опишала како обичен експеримент.

Авторот на статијата наведува дека експериментот подивел: роботите ги предадоа луѓето. “Се покажа дека ботовите не се ништо подобри во новинарството – а можеби се и нешто полоши – од нивните наводни човечки господари.” 

CNET почна да вметнува долги известувања за корекција на некои статии што се генерирани со вештачка интелигенција, откако порталот Futurism ги прозва бидејќи приказните содржат некои "многу глупави грешки."

Како што се наведува во The Washington Post, во автоматизираната статија за сложените камати било неточно напишано дека на депозитот од 10.000 УСД со камата од 3 отсто ќе се заработат 10.300 УСД после првата година. Не. Таков депозит всушност ќе заработи само 300 УСД.

Каде се кријат вистинските проблеми во примената на вештачката интелигенција
Во првиот пример што е наведен на почетокот на текстот, статијата за нискиот тестостерон кај мажите, се работи за тема која има посебен статус кај Google. YMYL е кратенка за Вашите пари или вашиот живот. YMYL е во игра секогаш кога темите или страниците можат да влијаат на идната среќа, здравјето, финансиската стабилност или безбедноста на лицето ако се погрешно презентирани.
Со оглед на тоа што статијата се занимава со тема која може да влијае на здравјето доколку погрешно се протолкува, ова е YMYL содржина.

E-E-A-T значи експертиза, искуство, авторитет и доверливост. Тоа е концепт, начин на кој Google ги проценува сигналите што се поврзани со определена компанија, веб-страница и нејзината содржина поради рангирањето.

Во овој случај прекршени се многу од работите што Google ги смета за решавачки за позиционирање на содржината на пребарувачот. SEO консултантот Glenn Gabe на неговиот налог на Twitter откри дека оваа статија е толку лоша што воопшто не е индексирана.

Лажниот авторитет и експертизата што се наведени во статијата ги доведуваат читателите/ките во заблуда, искуството кое се наведува во статијата можеби е преземено од некоја друга веб-страница што е вообичаена практика на собирање на информации со помош на вештачка интелигенција. Google ги казни сите овие прекршени насоки.
 

 

ai

Причината поради која определени портали сакаат да ја вклучат вештачката интелигенција во производството на содржина е што поголем број на текстови кои ќе бидат позиционирани на Google. Со ваквите грешки се одземаат сите шанси за позиционирање.

Google издаде нови упатства за издавачите за користењето на вештачката интелигенција за генерирање на содржини. Во упатствата се наведува дека ќе ја толерираат оваа практика, но дека ќе има дополнителен акцент на веродостојноста на резултатите од пребарувањата кои вклучуваат "здравствени, граѓански или финансиски информации".

Уште еден проблем е откриен откако CNET тивко објави десетици статии за личните финансии што ги генерираше вештачката интелигенција. По големата осуда во јавноста, извештајот на порталот Futurism откри дека во статиите што ги генерираше вештачката интелигенција има многу основни грешки и дека голем дел од нив се плагијати. Вештачката интелигенција е сериски плагијатор на човечката работа.  

Истрагата пронајде обемни докази дека во текстовите има многу сличности со статиите кои биле претходно објавени на друго место, но без да се даде признание. Со други зборови, ботот директно направил плагијат на делата на конкурентите и на “човечките писатели.”

Како вештачката интелигенција може да го подобри новинарството

Вештачката интелигенција има значајно место во новинарството, но тоа не е целосно исклучување на луѓето и преземање на нивните задачи. Напротив, додека пишувањето на вести кои влијаат на животите на луѓето се сведува на експеримент, вештачката интелигенција не може да бидечленна редакцијата.

Местото каде што веќе сега користењето на вештачката интелигенција во медиумите носи повеќекратна корист е автоматизацијата на задачите кои нема да го загрозат кредибилитетот на медиумите ниту пак етичкиот пристап во новинарстовто.

Автоматската транскрипција на видео и аудио содржини како и креирањето на srt датотеки што ги користиме при дистрибуцијата на содржините е една од тие придобивки. За да ја направиме содржината на порталот на медиумот дигитално пристапна а воедно да биде и SEO оптимизирана, неопходно е аудио и видео форматите да се конвертираат во текст. Од друга страна, самиот текст е полесно да се дистрибуира на социјалните мрежи доколку има видеозапис. Ваквите задачи се подобрување на брзината и на промоцијата на добрите содржини кои новинарите/ките веќе ги подготвиле во согласност со етичките и со професионалните стандарди и тука нема опасност од лажни и погрешни вести.

Вештачката интелигенција станува сѐ подобра и во конвертирањето на текстуалната содржина во аудио формат . Развојот овозможува поголем број на гласови кои не звучат металношто беше критикувано од многумина.

Уште многу вода треба да истече пред да ја доживееме ситуацијата во која квалитетното новинарство ги исклучува новинарите/ките, без оглед на тоа колкава вештачка интелигенција имаме на располагање.

Оценете го квалитетот на статијата