Дигиталното окружување на новинарството во областа на културата - добри практики и можности

12.04.2021. / 09:59

Дигиталното новинарство е современ феномен кој во многу краток период поминал низ различни трансформации. Во најширока смисла, дигиталното новинарство обично се дефинира како која било форма на новинарска содржина која се објавува на интернет, а која може да се однесува на текст, аудио или видео формат. Напоредно со неговиот развој се менувал и начинот на кој го доживуваме светот и доаѓаме до информации од личен интерес и значење, но и начинот на кој новинарите известуваат за определени области. Обидите да се постигне одржливоста, да се надвладее кризата која го зафатила традиционалното новинарство, и да се пронајдат нови начини на доаѓање до читателите/ките, доведоа до нови трендови и иновации во речиси сите области на дигиталното новинарство, па така и во областа на културата.

Намената на новинарството во областа на културата се ширела и се менувала во согласност со нашето разбирање на културата и нејзината улога во општеството. Иако, како примарен интерес на новинарството во областа на културата, се истакнуваат уметноста и креативната работа, како и поединците/ките, институциите и политиките кои таа работа ја прават или ја овозможуваат, пошироката дефиниција може да вклучува речиси сè, од градинарството и гастрономијата до урбанистичкото планирање и иновативни технолошки достигнувања. Меѓутоа, не смее да се занемари економскиот придонес на културниот сектор за работните места, туризмот, растот и развојот на државната економија, но и неговата улога во решавањето на општествените проблеми, чувањето и пренесувањето на општествените вредности.

Со оглед на значењето на културата, новинарството во оваа област треба да се гледа како засебна категорија која има повеќекратно општествено значење. Токму поради тоа, посебно внимание треба да му се посвети на идентификувањето на неопходните знаења и способности на новинарите/ките кои ја покриваат областа на културата, но и на можностите кои ги нуди дигиталниот простор и користењето на новите алатки за поврзување со читателите/ките, збогатување на нивното искуство со истражувања и информирање за актуелните случувања во областа на културата. Работата на британскиот веб портал The Guardian, ќе послужи како пример на добра практика за известување за културата во дигиталното окружување, и за квалитетно искористување на потенцијалите кои тоа ги нуди.

Кои се новинарите/ките во областа на културата?

ddd

Квалитетно и професионално известување за културата бара поседување на пошироко општо знаење од различни области како што се археологија, историја на уметноста, историја, антропологија и социологија. Токму поради тоа, новинарите/ките вработени во оваа област мораат да располагаат со основни информации за да можат да спроведат истражување, да ги обединат и системски да ги обработат информациите до кои е дојдено, и да ја напишат веста која ќе го пронајде патот до интересот на читателите/ките. Поради тоа е важно поседување на следните способности:

Перцепција – при известување за културен настан новинарот/ката првин ги изразува своите забележувања, кои ги употполнува со информации кои ќе ги добие од лицето, или институцијата која го организира тој настан. Поради тоа поседувањето на претходно знаење од областа на културата за којашто се известува е клучно во создавањето на исправна перцепција, но и во обезбедувањето на професионално и точно пренесување на содржината, целта и пораката.

Критички осврт – за разлика од другите вести, вестите од областа на културата содржат критички осврти на настани, односно сопствена проценка на културниот настан, дело или објект. Критичкиот осврт е аргумент заснован врз докази, кој вклучува објективен опис на она за што се известува.

Позитивното или негативното мислење за определена тема, напишано од страна на новинарски/а експерт/ка и познавач/ка на таа област, ќе влијае врз одлуката на читателите за тоа дали ќе учествуваат во таа активност. Имено, истражувањето покажува дека читателите/ките на британскиот веб портал The Guardian сметаат дека Осврти (Reviews) се најважни во рубриката „Култура“. Причината за тоа е што овие статии ги напишале експертите/ките и авторитетите кои поминале со години работа и истражувања во таа област.

За да ги унапредат своите вештини за пишување на критички осврт, д-р Маја Џаги, во онлајн предавањето „Што е критика?“, на новинарите/ките кои работат во одделот за култура, им предлага поставување на следните прашања:

  • Дали уметникот/чката работи нешто ново, или постоечката уметничка форма ја свртува во друга насока?

  • Ако работат на традиционален начин, дали тој начин го приспособуваат, или отстапуваат од него?

  • Какво е тоа дело во однос на другите дела на тој/таа уметник/чка, или на делата на другите уметници/чки?

  • Која уметност ги инспирирала или влијаела врз нив?

Повеќекратна намена на дигиталните алатки во известувањето за културата

sa

Користењето на дигиталните алатки е многу важно во известувањето за културата и поврзувањето со читателите/ките, и нивната намена во дигиталното окружување е повеќекратна:

-          Побогато доживување - дигиталните алатки ги отвораат вратите на нова димензија на уредување на вестите за културата и на известувањето за културните настани, во која читателите/ките, покрај наративниот дел, низ придружен видео материјал имаат можност и за визуелно доживување, со што значително се збогатува нивното искуство, доживување и разбирање на темата за којашто се известува.

-          Поврзување - дигиталното окружување овозможува користење на hyperlink-ови (поврзници), кои ја збогатуваат статијата и им отвораат можност на читателите за дополнително истражување на определена тема. Тие, помеѓу останатото, го овозможуваат поширокиот контекст на приказната, или дополнително објаснување на темата, нè водат до подетални информации за културниот објект, лицето, уметничкото дело, или настанот за кој се зборува во статијата, и овозможуваат едноставен пристап до различни мислења кои го потврдуваат наведеното.

-          Извор на одржливоста - овие алатки можат да бидат корисни како еден од начините за надминување на проблемот на одржливоста на дигиталниот медиум, и како потенцијален извор на приходи од огласувањето. Имено, покрај традиционалните начини на огласување, The Guardian ги искористува мултимедијалните и интерактивните можности на рубриката „Култура“ за испраќање на маркетиншки пораки на почетокот на видео материјалот, што стана еден од нивните најголеми извори на приходи.

 

Нова димензија на дигиталното новинарство во областа на културата

Развојот на дигиталното новинарство го овозможи развојот на нови техники и начини на раскажување на приказната. Новинарите/ките денес имаат можност да ја раскажат приказната користејќи текст, фотографии, видео материјали или инфографици за подобро да се поврзат со читателите/ките. Дигиталните алатки овозможуваат збогатување на искуствата на читателите/ките, а содржината на вестите ја прават интересна и разбирлива.

Рубриката „Култура“, на британскиот веб портал The Guardian, може да се смета за пример на добра практика за користење на можностите кои ги нуди дигиталниот простор, но и иновативните решенија и начините на поврзување со читателите/ките, како и известувањето за оваа важна област.

Имено, рубриката „Култура“ е организирана во осум категории: Books (книги), Music (музика), TV & radio (ТВ и радио), Art & design (уметност и дизајн), Film (филм), Games (игри) Classical (класика), Stage (сцена). Секоја категорија понатаму е поделена во поткатегории. Така на пример категоријата Art & design е поделена во следни поткатегории: Reviews (осврти), Photography (фотографија), Architecture (архитектура), Visual arts (визуелни уметности), како и поткатегории „You may have missed“ (можеби сте пропуштиле), и „Most Viewed“ (најпопуларни). Сите овие подрачја се приспособени, така што читателите/ките можат да го „сокријат“ или „прошират“ нивното прикажување за да пристапат до поголем број статии од секоја од наведените области.

via GIPHY

Една од иновациите која ја овозможува користењето на дигиталниот простор за известување во областа на културата е укинување на границите помеѓу рубрики и категории, што овозможува подобра прегледност, и полесно и побрзо преминување од една област на друга. Имено, како што се гледа од примерот на The Guardian, во рубриката Култура не се само статиите кои се однесуваат исклучиво на оваа област. Поврзницата „All today's stories“ (Сите денешни приказни), која се наоѓа на дното од страницата на рубриката Култура - но и на сите други категории – ги води читателите/ките до сите статии објавени во рубриката Култура, но и до оние кои првично се објавени во други рубрики, а кои можат да им бидат интересни на редовните читатели/ки на оваа рубрика.

The Guardian е само еден од примерите за успешна практика на стратешко искористување на можностите кои ги нуди дигиталното окружување на новинарството во областа на културата, како на новинарите/ките, така и на читателите/ките. Следејќи го нивното искуство, практиката на работење и развојот на новинарството во областа на културата, се отвора можност за поцелосно искористување на медиумскиот потенцијал кој оваа област го носи во себе.

Ocijenite kvalitet članka