Financial Times ја покрена новата секција со фокус врз климатските вести како одговор на барањето од публиката

16.02.2021. / 10:32

Минатата недела пишувавме за важноста на следењето на потребите на публиката и фокусирањето на содржината на медиумот токму врз тие потреби. Ваквиот принцип би требало да биде основа за секој медиум. Ефикасноста на ваквиот пристап е повеќеслојна. Покрај тоа што медиумот е во служба на информирањето на јавноста за темите кои нејзе ја интересираат, корисниците/чките остануваат подолго време на вашиот медиум, а се зголемува и доаѓањето на нови корисници/чки.

Financial Times е дефинитивно еден од добрите светски примери кои секојдневно ги ослушнуваат потребите на публиката, кој прави различни истражувања на потребите и врз основа на тоа ја креира медиумската содржина.

Во август минатата година во текот на истражувањето на потребите на читателите/ките на Financial Times на глобално ниво, тие дојдоа до податоците дека повеќе од три четвртини од испитаниците/чките ја означиле темата за климатски промени како исклучителна или многу важна.

Така Financial Times неодамна ја покрена новата секција под назив Climate Capital, посебно фокусирајќи се врз климатските промени. Во оваа секција се наоѓаат сите содржини врзани за климатските промени, а достапни се како на веб страницата, така исто и преку апликацијата Financial Times. Покрај статиите за климатските промени, на претплатниците/чките им ја нуди програмата на заедницата и виртуелните настани, давајќи им информации за новите ризици и можностите за нивно работење.

Како што за Journalism.co.uk наведува раководителката за развој на дигиталното уредништво во Financial Times, Рене Каплан, сите новинарски и уреднички производи на Financial Times се сосредоточени врз ангажирањето на нивните моментални претплатници/чки и врз привлекување на новите.

„Со постоечката климатска покриеност веќе видовме многу високо ниво на ангажирање на нашата публика, кое расте од година за година. Климатските теми привлекуваат поголем удел од претплатниците/чките и анонимните читатели. Climate Capital има за цел натамошно фаќање на тој ангажман, создавајќи уште подрагоцено искуство за нашите читатели/ки кои ја плаќаат и свеста за новата публика со различен агол на покривање на оваа најважна тема.“

Дека ослушнувањето на потребите на публиката е сериозен ангажман врз основа на тие потреби важен за медиумот, потврдува и принципот на работа на Financial Times. По покренувањето на оваа секција, тие секојдневно привлекуваат и бројни нови читатели/ки.

Сериозноста на ангажманот на Financial Times се огледа и во креирањето на посебен тим новинари/ки кои ќе го водат. Климатскиот капитал ќе го води новинарот на Financial Times Лесли Хук, а уредничката за клима е Емилија Мичасук, а климатската репортерка е Камила Хоџсон.

„Тоа нѝ дава координација, поголем фокус и поголеми средства, со пуштање во работа во сите делови на FT,“ вели Мичасук за Journalism.co.uk.

„Нашите читатели/ки во анкетите нѝ кажаа дека сакаат да стекнат натамошен увид во таа тема и дека сакаат да пронајдат клучни факти, бројки, графикони и цитати. Сакаат да бидат во можност да ги користат тие информации како за разбирањето на промените во деловните цели, за информирање за одлуките за купувањето и однесувањето, така и за донесувањето на личните избори или во разговори со пријателите/ките, семејството и колегите/шките.“ – додава Мичасук.

Целта им е проширување на овој дел на колку што е можно повеќе нови теми кои ќе вклучуваат различни објаснувања, податоци и визуелизација, за колку што е можно подобро да се одговори на потребите на публиката.

Важноста на известувањето за заштита на животната средина

Уште во дамнешната 2004 година Internews ја препознал важноста на известувањето за климатските промени, и ја развил Earth Journalism Network (EJN) за да им овозможи на новинарите/ките од земјите во развој поефикасно да ги покриваат темите врзани за животната средина.

Во мисијата за да го подобрат квантитетот и квалитетот на известувањата за животната средина, EJN ги оспособува новинарите/ките за покривање на широк спектар на прашања, развива иновативни мрежни (веб) станици со вестите за животната средина и произведува содржина за локалните медиуми - вклучувајќи ги и револуционерните истражувачки извештаи. Исто така, оваа иницијатива воспоставува мрежи на новинари/ки за заштита на животната средина во земјите во кои не постојат и изградува свои капацитети таму каде што постојат.

Веруваме дека ваквиот пристап може да биде мошне корисен за медиумите на Западен Балкан, и дека работењето врз истражувањето на потребите на публиката би довело до поголема читаност и до нови медиумски фокуси во креирањето на содржината која им одговара токму на потребите на публиката. Прашањето на известување за климатските промени и за заштита на животната средина е од исклучително општествено значење, а важноста на достапноста на овие информации им дава значително место на медиумите во креирањето на подобро и поздраво окружување за живеење.

Ocijenite kvalitet članka