Инстаграм ја префрла „swipe-up“ функцијата во налепници

06.09.2021. / 13:58

Новината која ни дојде кон крајот на август од социјалната мрежа Инстаграм се однесува на исфрлање на функцијата „swipe-up“ (повлекување нагоре) во Инстаграм Приказни. Имено, популарната функција историски им овозможила на компаниите, на медиумите, на инфлуенсерите/ките и на многу други, начин на кој ќе ги насочат своите гледачи на веб страницата на која ќе можат да дознаат повеќе за производот, да прочитаат статија, да се пријават за услуга или да направат било што друго што авторот/ката сакал/а да го промовира.

Промената ја забележала истражувачката Jane Manchun Wong, која станала позната по воочувањето на карактеристиките на апликациите пред да бидат воведени со обратен инженеринг. Твитувала за новата промена на Инстаграм, а јутјуберот Sam Sheffer одговорил со слика од екранот со известувањето кое го добил за тоа како врските за брзо повлекување стануваат налепници.

Наместо повик за делување со "повлекување нагоре", корисниците на Инстаграм кои од претходно имале пристап до оваа опција ќе можат наместо тоа да ја користат новата налепница за врска.

Оваа налепница била на тестирање од јуни со определен број на корисници/ки, а од 30 август широко се применува.

Новата налепница за врска има неколку клучни предности во однос на постарата врска "swipe-up". За почеток, им нуди поголема контрола на креаторите врз нивните приказни.

Новите налепници за врска исто како анкетите, прашањата и налепниците за локација, ќе овозможат префрлање помеѓу различни стилови, промена на големината на налепницата и поставување било каде во Сторито (приказната) за да се постигне максимален ангажман на публиката.

Покрај тоа, гледачите сега, како и во секоја друга приказна, ќе можат да реагираат и да одговараат на објавите на кои е прикачена налепницата за врска. Претходно, тој вид на повратни информации не била можен на објавите со врска за повлекување нагоре.

Од Инстаграм велат дека моментално проценуваат на кој начин да ја прошират оваа функција и кој може да има пристап до ваква поврзница, бидејќи во моментов до неа имаат пристап само профили кои имаат преку 10.000 следбеници/ки. Се стравува дека доколку оваа опција им се овозможи на сите, може да се користи за ширење на дезинформации или за насочување на злонамерна пошта.

Ќе ги следат видовите на врски кои луѓето ги објавуваат, а особено ќе внимаваат на дезинформации и на несакана пошта. Освен тоа, налепниците, вели Vishal Shah, менаџер за производи на Инстаграм, повеќе се вклопуваат во моменталниот начин на кој луѓето ја користат платформата, па вели дека овој тест "ги носи врските во ист вид на целиот систем, што од едноставноста на системската перспектива исто така има многу смисла."

Ова е некој логичен редослед на префрлување на „swipe-up“ опцијата во налепници, со оглед на тоа дека Инстаграм веќе од претходно тргна во таа насока на додавање на различни карактеристики на објавите во форма на налепници. Новата налепница за врска ќе им се придружи на останатите кои веќе се достапни во апликацијата, вклучувајќи ги налепниците за донации, за музика и за анкети.

Во поедини статии и Твитер налози се говори за можностите и придобивките од проширувањето на оваа опција за сите, што дефинитивно би им значело на помалите профили поврзување со содржината надвор од Инстаграм платформата, поради што страницата на поврзницата „link in bio“ може да застари. Со оглед на загриженоста околу ширењето на дезинформации за очекување е дека Инстаграм на некој начин ќе ја ограничи употребата на оваа налепница.

 

Ocijenite kvalitet članka