Конструктивно новинарство – новинарство за утре

27.12.2021. / 15:59

„Конструктивното новинарство е чадор термин за новинарство кое има пристап ориентиран на решение, а не традиционален негативен пристап, и ја поттикнува публиката конструктивно да реагира.“ – се наведува во Експресниот водич за конструктивно новинарство  на авторката Giselle Green.

Значи, без разлика дали зборуваме за новинарство базирано на решенија, или зборуваме за позитивен пристап кон новинарското известување, сето тоа спаѓа во конструктивно новинарство. Секој пристап што нуди некаква форма на конструктивност или решенија за оние проблеми за кои се известува, спаѓа под чадор терминот на конструктивното новинарство.

Конструктивното новинарство е нова област во самото новинарство кое полека се втемелува во академските кругови и вклучува област на комуникација која се базира на известување за вести што се насочени кон решение, наместо да се врти само околу негативните приказни и приказните кои се базирани на конфликт. Идејата зад конструктивното новинарство е да им се даде на приказните повеќе контекст и да ја направи публиката поинтелигентна. Со давање повеќе позадина и известување за тоа што оди добро, со што луѓето се поспособни да создадат реален поглед на светот, тоа е суштината на ваквиот начин за занимавање со новинарство. Наместо само да се известува за проблемите, со конструктивното новинарство новинарот/ката ѝ нуди на публиката што може да направат со тие информации. Новинарите/ките одговараат на прашањето: Што можам да направам за да го променам тоа?

Новинарот/ката не дава свое мислење и исто така не носи и не имплементира кои се тие решенија, туку се обидува да го информира општеството за тоа какви решенија може да постојат.

Како новинари/ки имате големо влијание на начинот на кој луѓето размислуваат, поради начинот на кој создавате вести. Новинарите/ките треба да бидат посвесни за оваа одговорност со тоа што ќе бидат повнимателни околу начинот на кој ги конструираат нивните приказни. Многу новинари/ки забораваат дека со известувањето од далечина за сѐ што оди на лошо го покренуваат и општеството.

Целта на конструктивниот начин на известување е да се избегне пристрасност за негативноста и вклучува наоди од истражувањето на позитивната психологија за да создаде нови рамки за новинарството. Значи, наместо само да известуваме за конфликтите и за проблемите, конструктивното новинарство се обидува да добие посеопфатна слика на проблематиката за која станува збор. Целта му е да ги открие клучните причини за проблемот, но и да извести за новите идеи и за напредокот за општеството да се придвижи кон понепристрасни и одржливи правци.

Ваквиот начин придонесува и го јакне етичкиот кодекс на новинарството со избегнување на искривувањето на информациите за да се обезбеди пореален поглед на светот. Конструктивното новинарство се обидува да создаде интересна приказна која е фактички точна без претерување во бројките или во реалноста.

Четири видови на испитување

Според данската новинарка Cathrine Gyldensted, четирите видови на тераписко испитување на канадскиот семеен системски терапевт Karl Tomm може да се имплементираат во пристапот кон интервјуто што може да го користат и новинарите/ките. Изворната рамка на Tomm нуди четири видови на прашања што терапевтот може да ги користи во психотераписките сесии за да дојде до позитивни исходи кај клиентите/ките. Со користење на истиот модел во новинарството можат да се добијат слични конструктивни одговори од соговорниците/чките.


1.    Линеарни прашања ("Детектив"):
Основни истражувачки прашања што се однесуваат на "Кој што направи?, Каде?, Кога? и Зошто?". Овој вид на прашања помага да се открие фактичкиот аспект на проблемот.

2.    Кружни прашања ("Антрополог"):
Овој вид на прашања ја открива релевантната контекстуална перспектива зад фактите. Примери: "Како тоа влијаеше на вас (или на другите предмети/луѓе/итн.)?" и "Кое е вашето објаснување за А или Б?".

3.    Рефлексивни прашања ("Иден научник"):
Во рефлексивните прашања, новинарот/ката предлага нова перспектива на зададената тема, поттикнувајќи го/ја соговорникот/чката да размислува за нова можност за конструктивно решение на проблемот. Примери: "Што мислите дека А верува, кога е во таа ситуација?", "Како би му пристапиле на овој проблем?", и "Каква акција треба да се преземе за А или Б да го направи тоа?"

4.    Стратешки прашања ("Капетан"):
Го насочува соговорникот кон посветеност на решението. Примери: "Што треба да се направи?", "Ќе го направите ли тоа?", и "Кога ќе го направите тоа?"

Три правци на конструктивното новинарство

Constructive institut создаде три столба како насоки кои можат да доведат до конструктивно новинарство.

новинарство за утре

Како подетални одговори на секој столб, тие понудија практични примери што можат да ви помогнат да разберете што е тоа фокус на решенијата, покривање на нијанси и промовирање на демократски разговори. Преку практични примери, на приказните раскажани од BBC, данскиот весник Berlingske и норвешката телевизија NRK, добивате подетални одговори за тоа како да работите на овој пристап преку практика.

DW Akademie ја покрена Лабораторијата за конструктивно новинарство : Придвижување на медиумите напред.

„Медиумите имаат клучна улога за време на COVID-19 пандемијата. Новинските извештаи даваат факти, бројки и ажурирани информации, бараат одговорност и укажуваат на поплаки. Тоа се витални елементи на известувањето, но често го следат „мотото дај што ќе дадеш“.“наведуваат тие.

Поради фактот дека голем дел од публиката поради таквото известување се чувствува депресивно, и почнува да ги избегнува вестите, важноста на создавањето на вакви лаборатории е и повеќе од важна.

„DW Akademie цврсто верува дека медиумите имаат потенцијал да направат многу повеќе отколку од известувањето за негативното – дури и во време на пандемија. Другата улога на медиумот може да биде водење на конструктивно новинарство.“

Конструктивното новинарство не е нешто за што зборуваме во далечна иднина. Тоа станува сѐ почест пристап и потреба во новинарството. Медиумите како BBC, Guardian, New York Times, Economist, Time magazineDR News во Данска, SVT  во Шведска и Tages-Anzeiger  во Швајцарија веќе го воведуваат ваквиот начин на пристап во практика.

 

Ocijenite kvalitet članka