Новинарството во живо е концепт каде што новинарите/ките, илустраторите/ките, писателите/ките, уредниците/ките, колумнистите/ките, графичките дизајнери/ки, фотографите/ките, подкастерите/ките и уметниците/ките изведуваат дела со оригинална новинарска содржина приспособена на сцената.
Новинарството во живо, каде изговорените зборови, мултимедијата и долгометражните приказни лично ги изведуваат оние кои ги пишувале, ги интегрира изведувачката уметност, театарската технологија и длабинското квалитетно новинарство. Форматот ја привлекува публиката на нови и различни начини и ја проширува нивната перцепција за тоа што е новинарство. Тој е наречен нов жанр на "екстремен ангажман".
Извршната директорка на списанието Live Magazine, Florence Martin-Kessler, слушнала за форматот на Pop-Up Magazine додека била стипендистка на Фондацијата Nieman пред десет години и на тој начин ја црпела инспирацијата во продукцијата. "Мислев дека идејата е одлична", изјавила во едно интервју од Париз. “Го запознав соосновачот на Pop-Up Magazinе-от, Douglas McGray, и тој ме поттикна да го покренам во Париз, и јас го направив тоа.”
"Раскажувањето во живо не беше толку големо во Франција, кога почнав", изјавила. “Беше прилично ново.”
Денес во време на преплавеност со сите можни мултимедијални содржини, кога публиката во недоглед ги прелистува насловите по социјалните мрежи, врската помеѓу новинарите/ките и нивната публика станува сѐ подалечна.
Недостатокот на човечка поврзаност помеѓу новинарите/ките и нивните читатели/ки влијае на довербата во медиумите затоа што го намалува чувството на близина кое е толку важно во однос на довербата, известува Journalist.co.uk.
За да работи на обновата на довербата во медиумите, и на поврзувањето на публиката со новинарите/ките, театарската група The News on Stage Project развила 90-минутна емисија наречена News Cabaret, која ги собира новинарите/ките и глумците/ците кои им раскажуваат необјавени приказни на гледачите/ките во живо.
"Мораме да им го приближиме новинарството на луѓето ако се одалечиле", изјавува една од продуцентките, Catherine Adams чија секојдневна работа е виш предавач по новинарство и комуникации на Сеучилиштето Nottingham Trent.
Британските продуценти дури и за време на пандемијата работеле сличен концепт преку Zoom емитување, и на тој начин преку „новинарството во живо“ ја привлекувале публиката.
Renée Kaplan, уредник во Financial Times, била инспирирана кога пред неколку години видела новинарство во живо во Париз.
"Токму тоа го сметав за толку убедливо поради својата непосредност, моќта на раскажувањето во живо, поради привилегијата и интимноста на видувањата на новинарите/ките кои толку години само сме ги читале. Секогаш сум мислела, во мислите, би било одлично да создадеме FT верзија и FT верзија во живо."
Така Financial Time во 2019 година ја направил својата прва претстава претставувајќи го новинарството во живо.
Читателите/ките на вести и потрошувачите стануваат сѐ повеќе заситени со дигиталната содржина и помалку се борат со пристапот, отколку со начините на филтрирање на тоа што го гледаат, прегледуваат, читаат, конзумираат и појавуваат. "Мислам дека постои дури и чувство на олеснување, одмор и благодарност, што постои недигитален простор во кој можат да се занимаваат со новинарство, но на начин што е речиси дозвола да ги спуштат своите телефони." – наведува таа.
Новинарството во живо зборува за силата на поврзување, и се памети на еден сосема нов, театарски начин на доживување.
Уште еден многу важен простор кој се отвора преку новинарството во живо е можноста за ширење на информациите таму каде што медиумскиот простор е стеснет. Пример за тоа е Венецуела која се соочува со ограничен пристап до интернет, како и внимателноста кои воопшто информации да се изнесат во јавност. Земајќи го ова во предвид, пред четири години, новинарката Claudia Lizardo се одлучила да креира директно пренесување на вести преку автобуските линии во локалните заедници. Таа преку овој креативен концепт понудила релевантни и проверени информации за дневно-политичките теми во државата.

Како што известува Reuters, тимот што го развил овој креативен концепт наведува дека „целта на проектот под името "BusTV" е да произведе вести врз основа на факти за да допрат до луѓето кои се уморни од големата пристрасност во другите медиуми“.
Претходно споменатиот и неодамна оформениот The News on Stage Project го сака токму тоа, приближување на публиката и градење на доверба врз основа на проверени факти ослободени од пристрасност.
Продуцентите/ките ги анкетирале посетителите/ките по емисијата и откриле дека нивната доверба во новинарството се зголемила. "Сега чувствувам дека добро ве познавам", рекол еден од присутните. Тоа зборува дека контактот во живо, размената, води кон доверба. Склони сме да им веруваме на луѓето кои ги познаваме.
Сепак во брзината на ширењето на информациите, кога се бројат кликовите, а не прочитаните приказни, недостатокот на новинарството во живо е во тоа што е бавно.
"Во иднина сакаме да ги поттикнеме новинските организации [да создаваат сопствени емисии] и да прават мали буџетски театри“ – наведува Catherine Adams, виш предавач по новинарство и комуникации на Сеучилиштето Nottingham Trent.