Промени во дата новинарството

03.01.2022. / 10:38

Дата новинарството е чадор термин кој опфаќа сѐ поголем збир на алатки, техники и пристапи кон раскажувањето. Дата новинарството не се само бројки. Може да вклучува сѐ, користење на податоци како извор на информации, па сѐ до најсовремените апликации за визуелизација. Во својата суштина, дата новинарството ја обединува целта на новинарството, а тоа е да дава информации и анализи кои ќе помогнат во информирањето и во разбирањето на важните теми.

Податоците во дата новинарството се почетна точка, а тие се црпат од различни извори за да се известува за изборите, зголемувањето или намалувањето на населението, или можеби како најсвеж пример, за пандемијата на корона вирусот.

Промени во дата новинарството

По повод новото издание на книгата која за првпат излезе пред десет години, Data Journalism Handbook, која ја уредија Jonathan Gray и Liliana Bounegru, Journalism.co.uk разговараше со уредникот/чката за тоа што сѐ се променило во дата новинарството во последните десет години.

Liliana Bounegru наведува дека доста работи се промениле во последната деценија, и дека дата новинарството добило значење: „од порастот на улогите во дата новинарството и во тимовите за известување за податоците до наменски награди, настани и активности за обука“.

Дата новинарството стана важен елемент на известувањето за општествените прашања во кои на некој начин се вклучени големи извори на податоци или пресметковни методи. Можеби најдобар пример за тоа е случајот Wikileaks и Panama Papers.

Gray наведува дека денес имаме интегрирани табеларни пресметки, уреди за откривање на отворен код, web scraping и многу други техники за собирање на податоци, кои во голема мера придонеле и за популарноста и за поголемата употреба на дата новинарството.

Иако се видливи големи движења и промени, дата новинарите/ките и понатаму се соочуваат со различни предизвици, затоа што дата новинарството сепак бара техничко знаење, но и учење како да се користат податоците.

Уште една работа која е прилично променета во сферата на дата новинарството е изворот на податоците. Претходно податоците најчесто биле користени од статистички или од институционални извори, а денес се експериментира со податоци од вебот, од социјалните медиуми и од други дигитални извори.

„Еден од предизвиците за практикување на критичните податоци е како проектите на дата новинарството можат да раскажуваат приказни и со податоците и за податоците, вклучувајќи различни актери, процеси, институции, инфраструктури и форми на знаење преку кои се создаваат податоците.“ – вели Gray.

Што носи иднината на дата новинарствто

Bounegru наведува три работи, за кои се надева дека ќе ги гледаме и повеќе.

Пред сѐ наведува дека би сакала да види повеќе дата новинари/ки кои критички се занимаваат со податоците и ги користат. „Ова ги вклучува новинарите/ките кои не работат само во рамките на доминантните режими на податоци, туку и создаваат простор за истражување, испитување, интервенција и демократска трансформација на инфраструктурата на податоците која го обликува колективниот живот.“

Таа се надева дека ќе има повеќе преземени проекти во дата новинарството со вклучување на маргинализираните заедници за прашања што ги засегаат. Таа сака да види поинклузивна употреба на податоците.

За крај наведува дека би сакала да види порефлексивни начини на раскажување во дата новинарството. „Ова значи развој на форми на раскажување кои нагласуваат дека податоците секогаш се складирани, делумни и придружени со определен степен на несигурност, како и истражување на поинвентивни и поинклузивни формати за поврзување на податоците.“

Актуелните настани придонесуваат за промените

Од почетокот на COVID-19 пандемијата, новинарството базирано на податоци помина низ неколку фази. Во почетокот повеќето се сосредоточија на самата пандемија: напредувањето и трендовите на инфекции. Подоцна се работеше за стапките на вакцинација и ефикасноста. Како што пандемијата напредуваше, така различно се употребуваа податоците. Можеше да се мерат промените, каков е ефектот на вирусот во светот, можеше да се зборува за недостатоците на системите за поддршка, и да се предлагаат долгорочни решенија за спречување или ублажување на слични идни катастрофи.

Пандемијата е можеби и најдобар пример како дата новинарството во секоја фаза на развој на некој настан може да се користи.

На три онлајн сесии што се одржале во јуни оваа година со новинарите/ките, со поддршка на Google News Initiative, се зборуваше за принципите и за практичните вештини во искористувањето на моќта на податоците за зајакнување на нивното известување за пандемијата и прашањата поврзани со јавното здравје.

Како резултат на овие сесии, кои се воделе со 283 новинари/ки од 46 медиуми, произлегле пет идеи за нови приказни за пост пандемискиот период а кои се базирани на податоци.

  • Собирајте ги и следете ги податоците

Новинарите/ките треба да продолжат да ги собираат и да ги следат податоците за истрагите после пандемијата. Како пример се наведува фактот дека многу влади ширум светот ја искористија пандемијата за да донесат нови закони и политики. Овој простор е богат со приказни и новинарите/ките треба да продолжат да ги собираат и да ги следат податоците за да откријат евентуални неправилности.

  • Измерете го влијанието на малцинствата

Податоците исто така можат да им помогнат на новинарите/ките во следењето на закрепнувањето на ранливите и обесправените заедници кои беа најтешко погодени од пандемијата и ефикасноста на различните државни програми за помош и за закрепнување.

•    Следете ја нееднаквоста

Ако пандемијата го зголеми јазот помеѓу богатите и сиромашните, постои веројатност дека било што и да се случува во блиска иднина исто така ќе остави влијание. Ова е уште една можност за новинарите/ките да ги разоткријат неправдите и да повикаат на промени користејќи ги податоците.

•    Превенција или подготовка за идните болести

Иако уметноста на предвидување обично не спаѓа во специјалност на новинарите/ките, тие сепак можат да ја информираат јавноста со следење на показателите поврзани со епидемиите.

•    Ставете нови дата вештини во непосредна употреба

Користете ги почесто достапните алатки и вештини што сте ги изградиле. Многу новинари/ки во овој период користеа алатки за визуелизација, како што е Flourish за изработка на интерактивни графикони кои на поинтересен начин ја илустрираат најновата ситуација со Covid-19. Оваа и слични алатки треба секојдневно да се користат во новинарството затоа што на публиката ѝ даваат појасна слика за тоа што се случува.

Дата новинарството е секако многу важна сфера на новинарството, која е неразделна од секоја друга и која дефинитивно може да се користи за раскажување на било која тема. Секоја тема, секој настан нуди некакви податоци, затоа искористете ги своите вештини и вклучете го дата новинарството за да ѝ раскажете потемелни и визуелно попривлечни приказни на вашата публика.

Во изминатиот период објавивме и детални туторијали за тоа како да станете дата новинар/ка, и како да научите нови вештини и алатки кои можат да ви бидат корисни. Низ десет кратки видео туторијали научете повеќе за дата новинарството и за алатките кои можат да бидат одлични за создавање на нови приказни.

 

Ocijenite kvalitet članka