Што е тоа OSINT пристап во новинарското истражување

16.11.2021. / 07:55
Share
Izvor: https://medium.com/
Izvor: https://medium.com/
Izvor: https://medium.com/

Доаѓањето до информации за приказната на која работат новинарите/ките понекогаш знае да биде макотрпна и исцрпувачка работа. Иако интернетот ја олесни достапноста до информациите, во милионите податоци е многу тешко да се пронајдат соодветните.

Да истражувате за важните актери во приказните, компаниите, податоците, значи да кликнете на десетици, ако не и на стотици, линкови за да дојдете до еден, за приказната, важен податок. Тоа значи дека истражувањето на само една информација може да трае со денови.

За среќа денес постојат многу техники и алатки кои можат да помогнат во овој процес и да ви заштедат денови, а понекогаш и месеци, работење.

Поради тоа денес зборуваме за еден метод кој веројатно веќе сте го користеле во својата истражувачка работа. Се работи за OSINT техника и метод на истражување на јавно достапни информации.

Што е OSINT пристап кон истражувањето?

OSINT е кратенка за разузнавачки информации од отворени извори (Open-Source Intelligence Tools), што се однесува на сите информации кои легално можат да се соберат од бесплатните јавни извори за поединецот/ката или за организацијата. Во практика тоа обично се однесува на информациите што се наоѓаат на интернет, но технички сите јавни информации спаѓаат во категоријата OSINT без разлика дали се работи за книгите или извештаите во јавната библиотека, статиите во медиумите или изјавите во соопштенијата за јавноста.

OSINT исто така вклучува информации кои можат да се пронајдат во различни видови на медиуми. Иако обично мислиме дека се работи само за текст, информациите во сликите, видеозаписите, вебинарите, јавните говори и конференциите исто така спаѓаат под тој поим.

OSINT пристапот во собирањето на податоци за себе или за вашиот новинарски ангажман може да биде одличен начин да разберете кои информации ги споделувате со јавноста, како и подобро да го разберете процесот на овој метод, и на кој начин можете да дојдете до информации за другите.

Поимот OSINT е скован пред неколку децении, а го сковала американската воена агенција кон крајот на осумдесетите години од минатиот век, додека повторно ја проценувале природата на барањето за информации на тактичките нивоа на бојните полиња. Потоа во 1992 година Законот за реорганизација на разузнавачката служба одредил дека главните цели на собирањето на податоци вклучуваат клучни концепти како што се:

  • Разузнавачкиот податок треба да биде објективен без пристрасност

  • Податоците треба да бидат достапни на јавни извори

Категории на OSINT извори

OSINT изворите можат да се поделат во шест различни категории на проток на информации:

  • Онлајн медиуми, печатени весници, списанија, радија и телевизии од сите земји

  • Интернетот генерално, онлајн публикации,  блогови, групи за дискусија, граѓански медиуми (т.е – видео снимки на мобилен телефон и креирана содржина од корисници), YouTube и другите веб страници на социјалните медиуми (т.е - Facebook, Twitter, Instagram, TikTok, итн.). Овој извор исто така ги надминува поголемиот број на други извори поради својата правовременост и лесниот пристап.

  • Податоци од јавната администрација, извештаи, буџети, расправи, телефонски именици, конференции за медиуми, веб страници и говори. Иако овој извор доаѓа од службен извор, тие се јавно достапни и можат да се користат отворено и слободно.

  • Стручни и академски публикации, информации добиени од списанија, конференции, симпозиуми, академски трудови, дисертации и дипломски работи.

  • Комерцијални податоци, комерцијални слики, финансиски и индустриски проценки и бази на податоци.

  • Сива литература, технички извештаи, патенти, работни документи, деловни документи, необјавени трудови и билтени.

Предностите на OSINT пристапот

Предностите на OSINT техниката и методот се во тоа што алатките кои се користат се со отворен код, а информациите се јавни, бесплатни и легални.

За новинарите/ките ваквите алатки и техники за собирање на податоците може да се покажат како многу корисни. Користењето на OSINT бара мали или никакви финансиски вложувања затоа што по дефиниција информациите се достапни бесплатно.

Бидејќи собраните податоци не се дефинирани како доверливи и јавно се откриени во согласност со оригиналниот извор, целосно е легално да ги соберете сите податоци што можете да ги пронајдете.

Поради јавната природа на ресурсите кои се користат во OSINT, корисниците/ките веројатно редовно ќе ги додаваат и ќе ги ажурираат своите податоци.

Медиумите можат да добијат поширок поглед на своите истраги користејќи ги OSINT информациите, што им овозможува поширок пристап до информациите и полесно доаѓање до истите.

Проверувајте ги информациите

Иако OSINT е неверојатно корисна алатка за собирање на информации, постојат неколку работи кои треба да ги знаете пред да го користите:

  • Информациите мора да се применуваат практично

Собирањето на информации нема цел освен ако не можете да изработите акционен план или да ги употребите собраните податоци на значаен начин. Обидот за сортирање на корисните податоци од огромната количина на непотребни информации е исклучително тежок без технолошките алатки кои се дизајнирани за таа цел. OSINT бара алатки кои користат AI и технологија на машинско учење за вистински да ги искористат предностите што ги нудат разузнавачките информации од отворените извори.

  • Информациите мораат да бидат потврдени

Дури и откако сте ги пронашле информациите кои можат да бидат корисни, ќе мора да ја потврдите нивната точност пред да ги употребите. Компаниите и поединците/ките можат да се обидат намерно да ги измамат потенцијалните закани со објавување на лажни информации, а на интернет постојат многу лажни информации кои можат, но и не мора да бидат намерни.

  • Информациите бараат анализа

Собраните сурови информации мора да се анализираат и да се обработат пред да се извлечат било какви корисни или ефикасни заклучоци. За да ги користите пронајдените информации, направете добра анализа и споредба, пред да ги искористите за пишување на текстот.

Некои од претходно споменатите алатки за кои пишувавме а кои спаѓааат во OSINT техниката се TinEye, Hunchly, а некои од најдобрите OSINT алатки во 2021 година се  Maltego, Recon-ng, theHarvester, Shodan и Google Dorks, а со нив подобро ќе ве запознаеме во наредниот период.

Ocijenite kvalitet članka