Универзален дизајн и медиумите

31.12.2020. / 13:45

Универзален дизајн и не е толку нов поим. Тој настанал во 1997 година кога се собрала работната група на архитекти/ки, продукт дизајнери/ки, инженери/ки и истражувачи/ки на животната средина со намера да ја подобрат пристапноста на физичкиот и виртуелниот дизајн до сите членови/ки на општеството. Предводени од Роналдо Меис, светски познатиот архитект, тие креирале 7 принципи насочени кон креирањето на инклузивно окружување пристапно за сите. Тие принципи се: 

  1. Еднаква употреба
  2. Флексибилност при употреба
  3. Едноставна и интуитивна употреба
  4. Воочливи информации
  5. Толерирање на грешка
  6. Мал физички напор
  7. Мерки и простор за пристап и употреба

Накусо, овој поим претставува производ и окружување коj овозможува тие во најголема можна мерка да им бидат достапни за употреба на сите луѓе без потреба за дополнително приспособување или употреба на специјализиран дизајн. За принципите на универзалниот дизајн веќе зборувавме во видео презентацијата во текот на овој Media Innovation Lab

Универзален дизајн и медиумските содржини

Додека изгледа дека овие принципи се однесуваат единствено врз физичките простори или виртуелните простори и со самото тоа дека ги применуваат единствено дизајнерите, треба да се сврти вниманието врз тоа дека овие принципи можат да се применат врз кој било производ од човечкото творештво (уреди, околина, системи и процеси)  кој го користат луѓето со широк дијапазон на вештини. Тоа значи дека овој дизајн може и треба да се примени и врз медиумските содржини, токму онака како што се применува врз образовните содржини преку придодадениот универзален инструкциски дизајн. Поаѓајќи од ова секој новинар/ка при изработка на својата приказна би требал/а да се запраша следното:

  • Дали имам визуелни материјали кои претставуваат клучни информации кои сите читатели или гледачи или слушатели не можат да ги видат или разберат?
  • Дали мојата приказна вклучува мултимедијални (аудио, видео) материјали кои претставуваат клучни информации кои сите консументи нема да можат да ги слушнат, видат или до кои нема да можат да пристапат?
  • Дали мојата приказна содржи документи во форматите до кои не можат да пристапат сите читатели?

Врз основа на овие одговори, зависно од тоа дали се потврдни или негативни можете да направите многу за вашите приказни да бидат дизајнирани според принципите на универзалниот дизајн. 

Што да се направи за вашата содржина да биде универзално дизајнирана

Во контекст на организирањето на пишаната содржина можете да проверите дали вашата содржина е одделена со наслови и поднаслови. Тоа значи дека деловите се поделени секвенцијално и хиерархиски од Heading 1 кон Heading 6 зависно од тоа колку длабински сакате да ја поделите вашата содржина, но препораката е да се задржите на Heading 2 или максимално на Heading 3. Големината на буквите мора да биде минимално 12pt или поголема за главниот текст. За фуснотите или крајните забелешки можете да ја користите големината 9pt. На крај важно е големината на буквите да може да се зголеми за 200%.

Фотографии и други графички прикази

Кога се во прашање фотографиите и генерално визуелната содржина би требало да користите описи на содржини или функција на сликите преку алтернативниот текст (alt текст). Графичките визуелизации на податоците и мапите исто така треба да вклучуваат контекстуални и помошни детали во текстот кој ја окружува сликата. 
Исто така е важно сликите да не се потпираат врз боите за да пренесат информации. Сликите кои имаат само декоративна функција не треба да имаат alt-tag описи. Ваквиот описен текст не е потребен доколку сликите не даваат контекстуална информација. 

Линкови и табели

Текстовите често содржат поврзници или линкови кои упатуваат на дополнителни информации и не би требале да се наоѓаат до генеричките зборови како „кликнете тука“ или „прочитајте повеќе“. Погрижете се вашите линкови да не се отвораат во нов прозорец или таб. Иако од аспектот на желбата да го задржиме посетителот/ката на нашата страница оваа опција можеби не е корисна сепак од аспектот на универзалниот дизајн е исклучително пожелна. Доколку сепак морате да поставите линк така за да се отвора во нов прозорец или таб тогаш е потребно да ја вклучите и дигиталната референца во информацијата за линкот. (на пр. [Нов таб]). 
Табелите мораат да ги вклучуваат имињата на редиците и колоните. Називите на редиците и колоните имаат точно дефиниран опсег. Важно е табелите да го вклучуваат и описот. Одбегнувајте споени или поделени клетки и погрижете се тие да имаат соодветно растојание помеѓу клетките.

Мултимедијална содржина 

Во случај на објавување на видео содржина покрај титловите кои обично се вклучени внатре во видеото потребно е транскриптот да биде достапен за секој мултимедијален извор вклучувајќи ги и описите на релевантна неизговорена содржина. Транскриптите треба да вклучуваат: 

  • Име на говорникот
  • Сета изговорена содржина
  • Релевантен опис на говорот
  • Описи на релевантна неизговорена содржина
  • Наслови и поднаслови

Описите на изговорената содржина како и на релевантната неизговорена содржина се вклучени во мултимедијалниот извор. Ова исто така вклучува аудио кое е синхронизирано со видео презентација.

Универзален дизајн значи добар дизајн

Сите овие препораки е многу лесно веднаш да почнат да се применуваат во вашите работни процеси при објавувањето на медиумската содржина. Универзалниот дизајн не е некое специјално барање за потребите на малцинскиот дел на населението туку е фундаментален услов за добар дизајн. Медиумите и новинарите/ките ќе видат голема корист доколку своите содржини ги направат пристапни, употребливи, соодветни и пријатни за користење.
 

Ocijenite kvalitet članka