Тие го променија начинот на кој светот дотогаш ги пишуваше насловите.
Претпоставувате дека станува збор за старт-ап медиумот Upworthy и нивните прочуени наслови што успеале да привлечат 90 милиони луѓе месечно на веб страницата.
Што е феноменот Upworthy?
Ова неверојатно дете мораше да ужива
19 неверојатни години на оваа Планета. Она што го остави
зад него е чудесно
...
Погледнете зошто имаме
апсолутно смешен стандард на убавина
за само 37 секунди
Ги гледате секојдневно. Прочуените Upworthy наслови од три реда.
Тоа е модел за градење на љубопитност така што вистинската тема на приказната е скриена се додека не кликнете. Или да кажам отворено кликбајт.
Можеби одат на нерви. Но си ја вршат својата работа. До крајот на 2013 година најмалку две новински куќи рекле дека Upworthy е најбрзорастечка медиумска страница на сите времиња.
Медиумот кој се базира на промовирање (!) на вирусна и возбудлива содржина, досегна посета од близу 90 милиони луѓе месечно. Акцентот треба да биде на зборот промовирање затоа што новинарите/ките на овој медиум не пишуваат содржина. Го преземаат од други, го препакуваат и го објавуваат на нивната веб страница.
Прочуените наслови, како што тврди Peter Koechley, еден од основачите, биле експеримент.
“Почнавме да се плеткаме со насловите како експеримент за да го привлечеме вниманието на видеата за семејното насилство и за климатските промени. Тогаш видовме дека формулата е реплицирана. Од една страна е забавно да се биде на работ, но од друга страна всушност никогаш не сме се занимавале со насловите.”
Како Upworthy насловите дојдоа во медиумите
Columbia Journalism Review во својот текст ја започнува приказната: летото 2010 година, конзервативниот водител на ток-шоу Michael Graham за време на неговата турнеја низ Ирска наврати во Даблин за да разговара со портпаролот на Лабуристичката партија во земјата. Беше тоа безгрижна сцена, снимена во паб, а се емитуваше на публиката во Даблин. И покрај амбиентот и пијалокот, разговорот се вжешти, а кулминираше кога противникот на Graham, човек по име Michael D. Higgins, ги обвини Tea Party ентузијастите дека се "дркаџии што сеат страв."
Оваа содржина можеше да биде фрлена во некое мало, мрачно ќоше на интернетот да немаше интервенција.
Една и пол година подоцна, Higgins беше избран за претседател на Ирска.
Не долго потоа, Upworthy компанијата што постоеше едвај шест месеци, најде снимка од оваа радио емисија.
Политиката на креирање на содржина за веб страницата на Upworthy, е потрага по материјал кој веќе се наоѓа на вебот, потоа тој се препакува за содржината да стигне до поширока публика. Во случајот со даблинската радио емисија насловот “Michael D. Higgins против Michael Graham”, е променет во нешто попривлечно: “Членовите на Чајанката решија да се пресметаат со странскиот претседател. Не одеше толку добро.” (A Tea Partier Decided to Pick a Fight with a Foreign President. It Didn’t Go So Well.)
Во рок од 24 часа, објавата на Upworthy стигна до милион луѓе. Irish Times објави насловна страница, а реченицата за "дркаџиите" стана клучна во кариерата на претседателот. Вниманието на Upworthy ја доведе дискусијата назад во јавната сфера.
Како што Alexis Sobel Fitts вели во текстот: “Upworthy работи како чистач, привлекувајќи огромен сообраќај на сопствената веб страница со пренамена на материјалите на други луѓе.” На оригиналните креатори Upworthy им дава кредибилитет и носи нови перспективи.
Сообраќајот што доаѓа од скромно наведените линкови кои се објавени под секоја статија на Upworthy е далеку поголем од оној што организацијата би можела сама да го привлече.
Тоа беше почетокот на медиумот Upworthy.
Дали наследството на Upworthy.com е кликбајт на стероиди?
Ова прашање често се поставува. Судејќи според реакциите на другите медиуми, на социјалните мрежи и на публиката, овој тип на наслови се смета за лош и предизивикува и негативни ефекти.
Eli Pariser призна дека барем дел од она што го направи Upworthy било кликбајт. На прашањето дали имало посебни Upworthy наслови кои некои луѓе ги погодиле на погрешен начин? Тој рече: "Целосно. Дали некои од нив ме погодија на погрешен начин? Понекогаш." Тој истакна еден наслов за кој дури и тој призна дека е лош и погрешен: "Неговите први 4 реченици се интересни. Петтата ме воодушеви. И ми стана лошо."
Поради нивната уредувачка политика тие беа наречени “чистачи.” На што Pariser рекол дека тие сепак не се чистачи, туку “собирачи” а нивното менување на содржината го прави светот подобро место.
“Повеќето вирални приказни немаат смисла. Upworthy обработува важни теми: климатските промени, Авганистан, родовата дискриминација, расизмот. А подигнувањето на вакви приказни може да го трансформира интернетот. Во најдобар случај, работите на интернет се или одлични или смислени. На Upworthy.com има по малку и од едното и од другото."
Како што кажал и самиот Koechly насловите сами по себе не се доволни за да се поттикне огромна количина на вирален сообраќај. “Ако сѐ, ќе видите дека секоја медиумска куќа расте како нас. Другиот критичен дел е дека содржината што ја испорачувате мора да биде тоа што луѓето сакаат да го споделат на мрежите. Не се во прашање само насловите. Раскажувате приказни што ги покренуваат луѓето.”
Но насловите се тоа што повеќето луѓе го виделе.
Koechley дури и се извини поради ваквиот начин на работење на медиумскиот пазар: "Некако го ослободивме чудовиштето. Простете ни поради тоа. Простете што на некој начин го срушивме интернетот минатата година. Возбуден сум што ќе се збогувам со мамката за кликови."
И покрај големите напори за пресметка со кликбајт насловите, останува прашањето дали извинувањето е доволно ако чудовиштето на стероиди и понатаму преживува во медиумскиот простор?