Уреднички/ци со родова перспектива: Нова улога во редакциите?

06.03.2020. / 10:58

Медиумите и општеството се огледаат едните во другите. Меѓутоа, на општеството професијата не му е нивниот живот, од друга страна на новинарките/ите животот им е новинарството. Дали улогата на медиумите е единствено да информираат или пак треба да учествуваат и во едукацијата и разбивањето на длабоко вкоренетите патријархални хетеронормативни матрици на однесување? Колку уредништвото на медиумите има влијание во подвлекувањето на предрасудите кои постојат во нашето општество? Дали е дојдено времето за реорганизација на уредничките политики и усвојување на нови перспективи на пристапување кон темите?

Истражувањата правени во неколку претходни години во регионот зборуваат дека во медиумите се присутни многу повеќе жени отколку мажи, но дека на водечките позиции (сопственички/ци, уреднички/ци) воглавно се мажите. Според истражувањето кое пред две години го спроведе Медиацентар Сараево, во кое беа вклучени 50 босанскохерцеговски медиуми, на уредничките позиции се наоѓаат 37 проценти жени, додека жените се директорки на медиумски куќи во само 28 проценти од случаите.

Слична е ситуацијата и во Србија. Во „Истражување за положбата, улогата и местото кое жените го заземаат во локалните медиуми” кое опфаќа 80 медиуми од територијата на цела Србија, главните уреднички во медиумите се застапени со 36 проценти. Сопственичките на медиумите во Србија се една третина, 30% од вкупниот број на анкетираните медиуми.

Овие податоци се многу важни бидејќи ни зборуваат дека жените не се подеднакво застапени на раководните позиции, дури иако ги има повеќе од вкупниот број на новинарските професионалки/ци во медиумите. Токму од тој нееднаков третман делумно започнува и проблемот со новинарскиот пристап во обработка на темите, кои на крај ги перпетуираат родовите стереотипи. Меѓутоа, промената на овој дисбаланс и доаѓањето до вистински еднакво присуство на жените и мажите на водечките позиции секако може да придонесе за поинаква работна атмосфера, и секако и за пристапот во креирањето на медиумската содржина.

Што всушност значи тоа? Фактот дали жената е, или не е,  на раководни позиции, дали медиумот има жена или маж на позицијата на уредничката/кот, не мора да игра значителна улога во уредничката политика и пристапот кон темите. Уредничката политика е таа што ја диктира насоката на пристапот кон темите.

Токму поради тоа доаѓаме до потенцијалното отворање и испитување на можностите медиумските редакции да почнат да размислуваат во новата уредничка улога – на уреднички/ци со вклучена родова перспектива, феминистички уреднички/ци.  

New York Times пред три години направи револуционерна одлука во своето уредништо да ја вкомпонира феминистичката перспектива. Џесика Бенет, како феминистичка уредничка зборувајќи за одлуката New York Times да тргне во оваа насока вели: „За мене, она што значи родовото прашање не е  едноставно покривање на феминизмот или прашањата врзани за правата на жените. Иако е тоа секако важно, и ние сме посветени кон тоа да им пристапиме на тие прашања и да им пристапиме од интерсекционална перспектива. Но, мислам дека за New York Times овој вид содржини би морало да постои во сите делови од работата“, вели Бенет. „Значи, сеедно е дали зборуваме за приказните за родовиот идентитет, или маскулинитетот, или за раса или класа и како тие се вклопуваат во родовиот идентитет, или едноставно темите кои Times веќе ги покрива – политика, меѓународни работи, наука, здравство. Но, доближување до тие теми преку родовата перспектива.“

New York Times не е осамен случај. Минатата година слична иницијатива е покрената во медиумите во Јужна Америка.

„Новинарството е професија изградена врз објективноста, но има малку консензус за тоа како тоа всушност изгледа. Со оглед дека новинарките ширум светот сé повеќе го прифаќаат феминизмот, тие ја испитуваат оваа објективност низ поинакви перспективи. За да бидете во тек, би било паметно медиумите да ги пополнат своите редакции со позицијата на уредничка/ик кои би поседувале родова перспектива.“ – објаснува новинарката и уредничка Изабел Гонзалес Рамирез, која покрена серија текстови пишувани од феминистичка перспектива под назив Моќните девојки (Chicas Poderosas).

Таа нагласува дека наспроти противењето кое постои, сé поголем број на новинарки во Јужна Америка, но и пошироко, се организираат околу феминистичката идеологија. Тие во ова го гледаат потенцијалот, бидејќи факт е дека жените поради бројноста играат голема улога во редакциите.

„Феминистичкото новинарство ни овозможува да раскажуваме нови, поцелосни и поправедни приказни за темите кои денес се несомнено присутни, како што е сексуално малтретирање, репродуктивно здравје, фемицид и стаклени плафони“, пишува Изабел во текстот The case for a gender editor.

Во мај 2019 година повеќе од 500 новинари/ки се собраа на првиот феминистички новинарски фестивал Zeralia во Еквадор, претставувајќи 90 дигитални медиуми од 13 држави во светот.

На овој фестивал жените разменуваат методи на феминистичкото новинарство, работат врз изградбата на транснационална соработка и идентификуваат ситуации во кои тие се чувствуваа дека се под ризик. Многу новинарки се соочиле со онлајн и офлајн родово засновано насилство, како што е вознемирување, како она од страна на своите колеги, изворите на информации или публиката, наведува УНЕСКО.

Коментирајќи ја важноста да се има уредничка/ик кои би работеле врз уредувачката политика и врз пристапот низ призмата на родовата перспектива, Изабел наведува: „Прашањата врзани за полот бараат специјализирано знаење и имаат сопствен јазик за кој треба да се води сметка за моменталниот историски момент. Феминистичките уреднички/ци се појавија во редакциите за да обезбедат содржината да престане да ги промовира стереотипите, и да ги анализираат структуралните причини кои стојат зад насилството врз жените и LGBTQ + лицата.“

Може да изгледа дека медиумите во нашиот регион се прилично далеку од прифаќањето на ваквиот пристап, но од исклучително значење е да се зборува за оваа тема, имајќи предвид дека, за жал, жените, па така и новинарките, во регионот не се изолирани кога зборуваме за родово заснованото насилство, дискриминација и мобинг. Медиумските редакции би требало да почнат да размислуваат за новите пристапи на уредничките политики и фокусот на посеопфатен пристап кон темите како што се насилство и дискриминација кои се гледаат низ сите сфери на животот. Со пишувањето од феминистичката перспектива за сите теми, од човековите права, политиката до културата и спортот, се дава посеопфатна слика на општеството и подобар увид во системското и вековното насилство кое постои врз жените и маргинализираните групи. Со пишувањето од феминистичката перспектива се отвора простор за доаѓање до новата публика, онаа која е прилично запоставена. Голем број жени не добиваат информации за сите теми на начин тие да ги засегаат и нив, со што тие се оставаат по страна. Имајќи предвид дека медиумите сакаат да привлечат нова публика, да ја зголемат гледаноста/читаноста на своите медиуми, оваа перспектива добива на уште поголема важност бидејќи медиумите секако можат да имаат позитивни бенефити доколку би донеле една ваква одлука.

Ваквиот пристап сигурно не би им одмогнал на медиумите, туку може да придонесе улогата на медиумите да не остане единствено на просто пренесување на информации и перпетуирање на стереотипите, туку да ги смени општествените перцепции и придонесот во борбата против родовите стереотипи и на крај во борбата против родово заснованото насилство.

И за крај, важно е да се нагласи дека пишувањето од феминистичка перспектива не значи пишување за „женските прашања“ и „женските теми“, туку пишување за секојдневниот живот на сите и за покривање на сите теми преку поинаков пристап. Пристапот кој вклучува повеќе пишување за заднината на настаните и перспективата на влијанијата на патријархатот, општествено наметнатите хетеронормативни норми, кои на крај имаат големо влијание врз однесувањето на општеството.

 

Ocijenite kvalitet članka