VR/360 видео: Нови димензии на приказните со интеракција и на новинарите/ките и на публиката

03.09.2021. / 08:48

"Во иднина ти ќе бидеш ликот. Приказната ќе ти се случува на тебе." Вака Chris Milk, фотограф и immersive artist  ја коментирал примената на технологијата во новинарството. Во проширената реалност публиката веќе не е пасивен сведок.

Различните форми и можности на проширената реалност  им донеле на медиумите сосема нови начини на презентирање на информациите, истражувачките приказни, важните општествени прашања.

Една од тие приказни е насилството во интимните врски меѓу паровите во Индија. Тоа е зачестена појава и големо табу во индиското општество.

Како видеото 360°  во новинарството ги руши табуата  и  стигмите

"Дали е ова љубов? (Kya Yahi Pyar Hai)” е приказна за Ануја и Манојо, невенчан пар во раните дваесети кои живеат во Мумбаи во Индија. Целта на ова видео била да се создаде свест кај индиската младина за овој вид на насилство – екстремната посесивност, економската контрола или сексуалното насилство. Филмот е снимен во 2Д, со сараунд звук, трае 6:58 минути и е на хинду јазик. 

Во текстот  за создавањето на оваа приказна, Catarina Gomes VR360 impact стратег и продуцентка, вели: “Кога првпат ја претставивме идејата, сфативме дека и покрај вревата околу VR/360 видеото, сеуште нема целосно разбирање за тоа што вклучува продукцијата на таквото искуство и по што се разликува од создавањето на линеарен филм. И покрај почетната состојба на возбуда, набрзо дознавме дека НВО мора да постигне квантитативен ефект; со други зборови, организацијата Love Matters India морала да се залага за бројот на прегледи. А тоа лесно би можело да стане проблем од неколку причини.”

Трендовите во медиумската индустрија не значат секогаш позитивни поместувања на пазарот затоа што не е сигурно дали публиката, која придонесува за цената на огласите во медиумите, ќе може и ќе знае да ја консумира содржината.

Кога е во прашање проширената реалност, гледачите/ките во Индија (како и во многу други земји во светот) не биле запознаени со VR технологијата и би можеле да се уплашат или дури и да не разберат што треба да направат. Иновативноста, која може да биде корисна во промоцијата на приказните и на човековите права, може да има и негативен ефект ако публиката не знае што да направи.

Уште една претпоставка која влијаела на планирањето на оваа приказна е пристапот кон технологијата. “Ако мислиме дека во западниот свет процентот на луѓе кои дома имаат VR слушалки е низок, замислете го процентот во регионот со низок пробив на интернет и на технологија.” - рекла Gomes.

Според податоците на Internet Live Stats од 2016 година пенетрацијата на интернетот во Индија и понатаму била ниска, дури 34,8 проценти. Овие бројки претставувале предизвик за досегот на приказната кој бил клучен елемент.

Gomes тогаш рекла: “Шансите не ни одеа во прилог. Наш голем предизвик беше да се пронајде нашата публика и да им се пренесе VR/360 искуството. Клучот беше во офлајн дистрибуцијата.”

Истовремено била покрената кампања во двата најголеми индиски градови, Њу Делхи и Мумбаи. Според зборовите на продуцентката Gomes кога ја завршиле кампањата, повеќе од 5000 луѓе го гледале 360 видеозаписот на јавните инсталации во текот на 10 дена, користејќи само шест слушалки, колку што имале на располагање.

Видеото 360°  не е само локација

Раните примери на употребата на проширената реалност во новинарството често на прво место ја истакнуваат локацијата и информациите кои се поврзани со неа. Еден таков пример бил креиран од Види вака за да ја покаже состојбата во која се наоѓаат халите на фабриката Купрум.

Меѓутоа, приказните креирани со помош на видео 360° технологијата не мора секогаш да бидат поврзани првенствено за локацијата. Како што покажува примерот кој бил реализиран во Индија, чувствата и човековите права можат да бидат исклучително интензивно претставени и доловени. 

Во ваквите приказни локацијата за која се врзани актерите на приказната е споредна информација без која приказната и понатаму би имала смисла. 

За ова зборувала и Clàudia Prat, виша продуцентка во магазинот TIME: “Ако го погледнеме првиот бран на новинарски продукции од 360/VR во 2015 година, повеќето новинари и продуценти имале иста идеја: внесете ја камерата на места кои биле тешко достапни. Конкретно, постоел тренд на внесување на камери од 360/VR во затворите и во бегалските кампови. Овие рани дела имале неверојатна способност да го испитаат потенцијалот на медиумот.”

Две години подоцна, New York Times Daily 360 објавува прилог за затворот во кој е видлива разликата во раскажувањето на приказните. Видео 360° раскажува хуманизирана приказна за влијанието на затворот на семејствата и на децата на затворениците. 

Како видео 360° станува  виртуелна реалност

Сите видеозаписи со виртуелна реалност се снимени така што овозможуваат публиката да гледа 360 степени околу себе. Бидејќи за гледање на виртуелната реалност се потребни слушалки или уред, што не е случај кај видео 360°, видео 360° не може секогаш да се категоризира како VR. Видео 360° не е интерактивен формат и може да се види во 2Д или во 3Д.

Истиот формат кој на гледачите/ките, со помош на слушалките за виртуелна реалност, им ја дава илузијата „да се биде таму“ станува виртуелна реалност.

Со користењето на VR слушалки корисникот целосно се нурнува во дигиталното окружување:

  • има мобилност во дигиталниот свет,
  • има можност за одење, трчање, подигнување на објекти,
  • има можност за интеракција со околината.

Додека виртуелната реалност ги води корисниците во дигиталниот свет, видеозаписите од 360° се дејствие во живо кое ја снима реалноста онака како што се гледа во тој момент. Видеозаписите од 360° се снимаат со посебни камери од 360 степени, но можат да се гледаат на било кој уред вклучувајќи ги апликациите, паметните телефони, компјутерите и друго. 

Видео 360° исклучиво е во рацете на снимателот. Гледачите/ките не можат да влијаат на тоа каде видеозаписот го води корисникот, иако можат да гледаат околу себе во текот на видеото, но само од перспектива на снимателот.

Збунувачки е дека денес за креирање на приказни имаме видео 360°, 360°/VR и обичното (старо, добро) видео. Сите тие имаат и секогаш ќе имаат своја примена во новинарството. Единствена разлика меѓу нив е фактот дека виртуелната реалност е медиум на искуство. Тука публиката не ја гледа приказната, туку ја доживува.  

Затоа за секој дел од приказната е важно: Можете ли да понудите единствена гледна точка? Можете ли да создадете подлабоко разбирање? Дали ќе се создаде зајакната емоционална врска со приказната со тоа што и публиката ќе биде таму?

Ocijenite kvalitet članka