Алатката SMAT со отворен код: Анализирајте го говорот на омраза и дезинформациите на интернет

14.11.2022. / 08:31

Пред две години, соработничката на Mozilla, Emmi Bevensee ја покрена бесплатната интуитивна алатка Social Media Analysis Toolkit (SMAT) со отворен код, за испитување на онлајн разговорите. Алатката е достапна на англиски и на шпански јазик.

Алатката за анализа на социјалните медиуми (SMAT) е дизајнирана за да може на активистите/ките, на новинарите/ките, на истражувачите/ките и на другите општествено одговорни организации да им ја олесни анализата и визуелизацијата на штетните трендови на интернет како што се говорот на омраза и дезинформациите на интернет.

SMAT е збир на отворени алатки за анализа на содржините од веб-страниците кои се познати по нивната поврзаност со насилството низ светот, а кои обично поминуваат без модерирање и предизвикуваат ширење на омраза и на опасни идеи. Изградена е и ја користи заедницата на истражувачи/чки, хакери/ки и активисти/ки, од кои многумина останаа анонимни поради заканите за нивната безбедност.

Алатката има и платени услуги и алатки што ги користат истражувачите/ките и новинарите/ките за да раскажат важни приказни. Во последните две години оваа технологија се користи за различни видови на истражувања.

SMAT го користи интуитивниот UX и јасните визуелизации на податоците за да го распакува она што се зборува на Twitter, Reddit, 4chan, 8chan, Telegram, Parler и Gaba. Структурата на базата на податоци на SMAT значи дека резултатите се вчитуваат моментално, на сличните алатки вчитувањето може да биде бавно поради интеграцијата со различни API софтвери. Сите резултати можат да се извезат како CSV датотека.

smat

Корисниците/чките можат да анализираат сѐ, од она што е во тренд за време на определен временски период, кој го покренува разговорот, па сѐ до тоа кои врски најмногу се споделуваат и се шират. На пример, истражувачот/чката кој/а ги истражува заговорите околу COVID пандемијата може да утврди кога започнал заговорот, кој го води разговорот и кои вести, објави на блоговите и други линкови најчесто се појавуваат во онлајн разговорот.

Emmi Bevensee ја добила идејата да ја креира SMAT алатката преку нејзиното дотогашно истражување на форумите на тема за слободата на говорот.

Почнав да се интересирам за поврзаноста на руските шовинистички пропагандни мрежи и надмоќта на белците на Западот. Навистина ме вознемирија крајно десничарските трендови и колку брзо интензивните насилни групи се мобилизираат. Почнав да ги забележувам овие веб-страници; во тоа време 8chan беше најозлогласен. Сега ги има многу повеќе, користејќи различни технологии кои се поотпорни”. наведува Emmi.

Со алатката SMAT можете да ги истражувате трендовите со помош на голем број на алатки за визуелизација на податоците кои моментално вклучуваат: временска линија, бројач на врски, детектор на хаштагови и можност за пронаоѓање на најпопуларните корисници/чки и подфоруми кои дискутираат за определена тема.

За напредни анализи, алатката нуди голем број на услуги кои вклучуваат: големи преземања на приспособени податоци, пристап до контролните плочи за напредна анализа, известување за предупредувањата, истраги, OSINT обука, нови додатоци за збировите на податоци, пристап до API со голем сообраќај и различни услуги за класификација на вештачката интелигенција. Постојано се додаваат нови услуги и бесплатни понуди, а ажурирањата можете да ги следите преку нивниот Newsletter.

Една од неодамнешните приказни која беше создадена со употреба на алатката SMAT се однесува на масакрот што се случи во украинскиот град Буча, снимките кои го потресоа целиот свет. Тимот на SMAT одлучи да ги искористи своите алатки за да ја открие вистината, истражувајќи кој е одговорен за извршувањето на овие воени злосторства.

Elena Rubanchevska во нејзиниот текст за SMAT апликацијата и за истражуваниот масакр зборуваше за процесот на ова истражување, наведувајќи дека процесот на истражувањето започнал од пребарувањето на стотици групи на Telegram, па продолжил понатаму до другите комуникациски апликации до кои ги одвела истрагата.

Она што и оваа истрага го покажа е дека податоците до кои се доаѓа се сурови и неуредни и дека е важно да се филтрираат и да се проверуваат, а дека за ова е најдобро да се здружат силите со другите кои се занимаваат со истражувања и во соработка со нив да дојдете до проверени и вистинити информации. Алатките како што е SMAT стануваат почетна, но многу важна точка на истражувањето и алатките како оваа се дефинитвно неопходни за да се олесни процесот на прегледување на илјадници и илјадници податоци и информации што постојат на комуникациските канали.

Ocijenite kvalitet članka