

Во свет каде што дигиталниот пејзаж постојано се развива, медиумите се соочуваат со нови предизвици во обидот да ја досегнат нивната публика. Сѐ поголемата доминација на социјалните медиуми и на нивните алгоритми, кои го стеснуваат досегот на објавите и таргетираат специфични демографски групи, доведе до намалување на сообраќајот што го добиваат медиумите преку овие платформи. Овој тренд ја нагласува важноста на различноста во стратегиите за досегнување до публиката, особено на оние кои не ги вклучуваат исклучиво социјалните мрежи.
Во оваа статија, ги истражуваме различните стратегии и платформи кои медиумите можат да ги користат за ефикасно досегнување до нивната публика, и покрај предизвиците кои ги создаваат социјалните медиуми.
Алгоритамските ограничувања на Facebook
Facebook во 2023 година воведе некои ограничувања кои влијаат на видливоста и на досегот на медиумската содржина. Ограничувањата се реализираат преку алгоритамот на Facebook, кој е задолжен токму за збирот на правила кои ја рангираат содржината на платформата, како и за тоа по кој редослед содржината ќе се појавува кај корисниците/чките.
Алгоритамот на Facebook ја проценува секоја објава, реклама, приказна и Reel. Ја бодува содржината, а потоа ја организира во опаѓачки редослед на интересите за секој/а поединечен/а корисник/чка. Овој процес се случува секогаш кога корисникот/чката ќе го освежи неговиот/нејзиниот feed. Токму овој алгоритам Facebook и го нарекува “персонализирано рангирање”.
Методите за алгоритамска проверка се следниве:
- Инвентар (Inventory): Facebook ги зема во предвид сите содржини што би можеле да се појават во вашиот feed. Ова ги вклучува објавите од луѓето со кои сте пријатели/ки, содржината од страниците што ги следите и групите на кои сте им се придружиле.
- Сигнали: Алгоритамот потоа ја проценува релевантноста на секој дел од содржината врз основа на илјадници сигнали. Ова ги вклучува сигналите како на пример кој ја објавил и колку често комуницирате со нив. Исто така, гледа кога ја поставиле објавата и кое време е за вас. Тука се вклучени и сигналите како што се видовите на содржина и каква интеракција сте имале со слични објави. Со други зборови, се обидува да ја процени релевантноста преку разбирање на природата на содржината и вашето однесување.
- Предвидувања: Потоа со користење на гореневедните сигнали креира предвидувања за тоа што сакате да видите. Алгоритамот ќе го анализира вашето претходно однесување за да се обиде да разбере колку е веројатно дека ќе се ангажирате со делот од содржината.
- Релевантност: Секој дел од содржината добива оценка за релевантност, објавите со највеќе бодови се поблиску до врвот на вашиот feed.
Како последица на овие промени, објавите на страниците станаа помалку видливи, што доведе до тоа да се намали бројот на посети на веб-страниците кои се потпираат на Facebook за привлекување на нивната публика. Ова во практика значи дека медиумите преку нивните Facebook страници привлекуваат сѐ помалку и помалку луѓе на објавените статии, односно дека доаѓањето до веб-страницата на медиумот преку социјалните мрежи веќе не е како претходно. Исто така, постои и проблем со намалување на интеркацијата на корисникот/чката со објавите, што резултира со помал број на кликнувања на линковите што водат до медиумските веб-страници.
Уште кон средината на оваа година, Press Gazete известуваше за падот на прегледите на страниците кои доаѓаат преку Facebook. Повикувајќи се на податоците од аналитичката компанија Chartbeat, во 2018 година 27% од прегледите доаѓале преку Facebook, додека оваа бројка драстично се намалила во 2023 година и таа изнесува 11%.
Овој тренд секако ќе продолжи и на другите социјални мрежи, што секако става големи предизвици пред медиумите кога зборуваме за досегот на публиката.
Стратегии кои можат да помогнат во досегот на публиката надвор од Facebook
Постојат различни стратегии кои медиумите можат да ги користат за досегнување на нивната публика надвор од Facebook.
Некои од овие стратегии се вклучување на е-маил билтени за информирање на публиката, приспособување на содржината која ја управува SEO стратегијата, како и диверзификација на платформите.
- Е-маил билтени: Е-маил билтените им овозможуваат на медиумите директно да комуницираат со нивната публика преку ажурирање, промоции и пријателски потсетници да останат во контакт. Е-маилот е речиси исто стар колку и интернетот, но и понатаму функционира како маркетинг метод. Е-маил билтените се всушност уште еден начин за дистрибуција на постоечката содржина. Тие им овозможуваат на медиумите редовно да испраќаат ажурирани вести, статии и други релевантни информации директно во сандачето на нивните претплатници/чки. Преку персонализирани пораки, медиумите можат да изградат посилен однос со нивната публика, зголемувајќи го ангажманот и лојалноста. За секој е-маил билтен што ќе го испратите, се генерираат статистики кои им нудат вредни податоци на медиумите за однесувањето на нивната публика, што им овозможува подобро да ги разберат интересите на нивната публика и да ја приспособат нивната содржина за што подобро да ги задоволат овие интереси.
- SEO-управувана маркетинг содржина: Креирањето на содржина која е управувана од SEO може да биде ефикасен начин за досегнување до таргетираната публика. Ова е пристап што медиумите можат да го користат за привлекување на таргетираната публика. Овој пристап вклучува креирање на содржини (статии, блогови) насочени кон термините и темите кои се пребаруваат на интернет, со крајна цел да се промовира медиумот што ја напишал. SEO маркетинг содржината се фокусира на производство на содржина што е насочена кон клучните зборови кои привлекуваат квалитетен сообраќај од Google на веб-страницата на компанијата. За SEO оптимизацијата на вашиот медиум и на содржината можете да прочитате во серијата на текстови кои ги пишувавме токму за вас во изминатиот период.
- Диверзификација на платформите: Наместо да се потпирате само на една платформа, размислете за користење на различни платформи за досегнување до публиката. Диверзификацијата на платформите е клучна стратегија што можат да ја користат медиумите за досегнување до поширока публика. Оваа стратегија вклучува користење на различни онлајн платформи за дистрибуција на содржината, наместо да се потпира само на една. Секоја платформа има нејзина единствена публика и специфични начини на кои корисниците/чките ја консумираат содржината. Со користење на различни платформи, медиумите можат да ја приспособат нивната содржина за најдобро да одговара на секоја платформа, со што се зголемува ангажманот и досегот. Овие платформи можат да бидат различни социјални мрежи, но и други веб-страници и блогови, споменатите е-маил билтени, подкасти, видео платформи како што е YouTube, како и мобилна апликација. Секоја од овие платформи нуди единствени предности и може да биде ефикасен начин за досегнување до публиката надвор од традиционалните социјални медиуми.
Во свет каде што алгоритмите на социјалните медиуми сѐ повеќе го обликуваат начинот на кој информациите досегнуваат до публиката, новинарството се соочува со нови и сложени предизвици. Стеснувањето на досегот на содржината на платформите како што е Facebook го поставува прашањето за одржливост на овие канали како примарни средства за дистрибуција на вести. Меѓутоа, овие предизвици исто така отвораат и нови можности. Интегрирањето на различни канали и стратегии за досегнување до публиката, вклучувајќи ги е-маил билтените, SEO-управуваната маркетинг содржина и диверзификацијата на платформите, може да обезбеди решенија за овие проблеми. Преку иновација и приспособување, новинарството може да продолжи да напредува и покрај предизвиците кои ги претставуваат социјалните медиуми.