

Google уште во 2015 година најави дека нивниот алгоритам ќе ги „казнува“ веб локациите кои не се приспособени на мобилните уреди.
Бројот на пребарувања од мобилните уреди веќе некое време го надмина бројот на пребарувања на десктоп. Затоа приспособеноста на веб страниците и сѐ што е на интернет им е од голема важност на мобилните корисници/чки. Корисниците/чките денес се многу нестрпливи и нема да се задржуваат на страниците кои бавно се вчитуваат.

Токму поради тоа е покрената заедничка иницијатива со отворен код на Google и уште неколку други технолошки и издавачки компании, наречена Accelerated Mobile Pages (AMP). Ова беше реакција на сѐ поголемата побарувачка за кратко време на вчитување на мобилните уреди.
AMP проектот е покренат во 2015 година, а од самиот почеток во оваа приказна се вклучени и неколку меѓународни новинарски портали. Некои од првите веб страници што имплементираа AMP се The Guardian (Обединетото Кралство), The Washington Post и Buzzfeed (САД), Frankfurter Allgemeine Zeitung и Die Zeit (Германија) и El Pais (Шпанија). Twitter и LinkedIn исто така се вклучени во AMP од почетокот како технолошки партнери.
Со AMP е можно да се изработат едноставни мобилни веб страници кои се вчитуваат речиси моментално. Карактеристични функции на AMP се намалените JavaScript и CSS елементи и користењето на мрежата за испорака на содржини (CDN).
Денес речиси сите големи онлајн медиуми ја користат AMP технологијата. Тие ја препознаа големата вредност што може да се добие од мобилните веб страници кои брзо се вчитуваат. Со помош на вистинските додатоци, корисниците на WordPress исто така може да објавуваат преку AMP.
AMP приказни
Google во 2018 година ги покрена AMP приказните, кои уште се викаат и Веб приказни (web stories), кои на издавачите на содржини им обезбедуваат формат насочен кон мобилните уреди за испорака на вести и на информации во форма на визуелно богати приказни на допир.
Сега Google има наменски оддел за AMP вести кој е сличен со Instagram и Facebook приказните кои се раскажани преку повеќе картички и доаѓаат со интерфејс кој може лесно да се допре.
Со AMP приказните, Google нуди одлично место на врвот на страницата со резултатите од пребарувачот (SERP) за вашите најдобри делови од содржината.
AMP вестите комбинираат видеозаписи, текстови и слики изградени на AMP рамка. AMP приказните можат да се вметнат на различни веб страници и апликации а поефикасни се во привлекувањето на корисниците/чките од вообичаените вести.
AMP приказните се наоѓаат на веб страниците, што значи дека не исчезнуваат после 24 часа како приказните на социјалните мрежи.
Обично AMP приказните имаат помалку содржина, а повеќе слики и видеозаписи, кои, кога ќе се кликнат, можат да се прошират на целата страница на вестите.
Медиумите треба да се сосредоточат на изработка на AMP приказни за нивниот портал со вести затоа што тие се оптимизирани за мобилните корисници/чки, имаат побрзо време на вчитување, интересни се и лесно можат да се споделуваат на различни платформи.
Разликите помеѓу Google AMP приказните и приказните на социјалните мрежи
Главните разлики помеѓу Google AMP приказните и приказните на социјалните мрежи се:
- Приказните на социјалните мрежи имаат јасна предност кога е во прашање создавањето. Со неколку кликови можете да објавите интересна приказна со вашата мрежа.
- AMP приказните ви даваат целосна контрола врз протокот и овозможуваат дополнителни интеракции со вашата публика, како што е вградена содржина или поврзани статии.
- Впечатлива предност на AMP приказните е можноста за прикажување во пребарувачот на Google и споделување со било кого на отворената мрежа.
Дефинитивно AMP приказните треба да бидат дел од вашата стратегија за маркетинг на содржината.
Елементи на AMP приказните
Google има детален туторијал за тоа како да ги креирате вашите AMP приказни следејќи го концептот и структурата на AMP приказните и нејзините главни елементи.
AMP приказната се состои од:
- Неколку страници
- Секоја страница користи слоеви за организирање на содржината (на пр. вертикално, хоризонтално, во колони)
- Слојот содржи HTML елементи и други AMP компоненти
· Последната страница се нарекува „bookend“ и ви овозможува прикажување на заслугите и на поврзаната содржина

„Како извор за најновите вести и информации, веб приказните ни овозможуваат да го покажеме нашето квалитетно новинарство кога постојат повеќе елементи кои сакаме да ги споиме. Комбинирајќи известување, фотографија, видеозаписи и графика на движење, тоа на читателите/ките им дава повизуелна влезна точка кога ја бараат нашата покриеност.“ - наведува Greg Manifold, директор за дизајн на The Washington Post.
Google AMP приказните се тука и сѐ повеќе медиуми ќе почнат да ги користат во нивната стратегија за содржината. Запомнете дека со AMP приказните имате контрола, ја поседувате содржината и го дефинирате текот на приказната.
Со едноставни веб функции приказните можете да ги поврзете со други страници, а пребарувачот може полесно да ги пронајде. Сетете се на процентот на луѓе кои си одат од страницата поради бавното вчитување, AMP приказните се брзи и импресивни. Вашата публика ќе биде воодушевена со приказните кои можете да им ги пренесете преку овој формат. За почеток, обидете се да експериментирате со овој формат и видете што може тој да ви донесе.
За медиумите што го користат Wordpress како свој систем за управување со содржината (CMS) Google создаде екстензија (plugin) за овој систем што ви овозможува едноставен визуелен интерфејс за креирање на AMP приказни кои се наречени Web stories. Важно е да се нагласи дека не морате да ја користите оваа екстензија за да креирате AMP приказни, но доколку не сте вешти со HTML таговите тогаш секако ќе ви ја олесни работата.