Anchor апликацијата за подкаст има нова опција за намалување на вревата

23.11.2022. / 11:00

Anchor е една од неколкуте важни апликации што постојат денес за креирање на подкасти, а нејзината повеќекратна намена и можноста за снимање на подкастите на едно место ја прави една од најдобрите апликации за подкаст. За Anchor апликацијата пишувавме пред неколку години, а со неа можете да снимате, да уредувате и да хостирате или преку бесплатната телефонска апликација или онлајн на Anchor.fm.

Опцијата што ја поседува Anchor во вид на хостирање и на автоматско испраќање на вашиот подкаст на други платформи, како што се Apple Podcasts, Spotify и Google Podcasts, ја прави оваа апликација уште попривлечна меѓу подкастерите/ките.

Една од важните карактеристики е дека можете да снимате на вашиот телефон, компјутер или можете да вметнете снимка од друг уред. Овој вид на флексибилност ви овозможува да излезете надвор и да го снимате вашиот подкаст каде и да сакате. Anchor поседува сопствен вграден микрофон, па затоа намалувањето на вревата ќе биде многу поедноставно. Поради тоа е многу погоден за попатни изјави или за непланирани интервјуа, таму каде што нема да имате подготвен простор без врева.

Креирање на епизода на Anchor

Што се однесува до креирањето на самата епизода и распределбата на вашите сегменти, апликацијата е многу едноставна. Anchor овозможува мешање на вашите снимки, редизајнирање на епизодите, намалување на шумовите и вревата. Исечените видеозаписи можете да ги распоредите по ваша желба.

Важно е да се напомене дека постои ограничување од 15 минути за пренос на WAV датотека и дека Anchor има ограничување од 250 MB. Но, она што можете да го направите е да ја конвертирате во MP3 вашата датотека или да ја разделите на делови за да можете да работите со неа во Anhcor.

Самата програма за креирање на епизоди работи одлично. Има сосема доволен зум за да можете реално да скролате и да уредувате.

Со Anchor, сѐ што треба да направите кога ќе го снимите и ќе го уредите аудиозаписот е да го изберете копчето на кое пишува "Дистрибуирај го мојот подкаст насекаде". Anchor автоматски ќе го испрати вашиот подкаст на Apple Podcasts, Google Play Music, Overcast и Pocket Casts. После тоа ќе добиете известување дека подкастот е достапен на секое од овие места. Овој процес обично трае меѓу 24 и 48 часа.

Нова опција за подобрување на звукот

Anchor неодамна додаде нова опција која ќе ви помогне вашиот звук да биде беспрекорен. Имено, сега постои опцијата Audio Enhancement.

Само еден допир ве дели од тоа вашиот звук да биде како да сте снимале во професионално студио. Можете автоматски да ја намалите вревата во позадина додека го изедначувате вашиот глас и го ставате во прв план. Резултатот е звук што звучи поквалитетно, дури и ако е снимен во гласно кафуле, на улица или на кое било друго место. Оваа опција ќе придонесе за тоа уште повеќе луѓе да почнат да ја користат оваа апликација за снимање на подкасти без да мораат да имаат студио или скапа опрема.

Како што наведуваат од Anchor: Со Audio Enhancement, светот е вашето студио.“

Кога ќе го снимите вашиот говор или говорот на вашиот гостин преку апликацијата Anchor, тогаш е доволно само да кликнете на опцијата Подобри (Enhance) за значително намалување на вревата во позадина. Audio Enhancement го подобрува она што вградениот микрофон на вашиот телефон не може.

anchor
Опис на сликата: Вклучете го и исклучете го Подобри (Enhance) за да ја слушнете разликата на вашата снимка

Audio Enhancement е достапен за сите Anchor креатори/ки ширум светот во мобилната апликација Anchor на iOS и на Android и е бесплатен.

Ocijenite kvalitet članka