Апликацијата Keybase за безбедна комуникација

28.07.2022. / 09:21

Апликациите за безбедна комуникација на редакциите, како и на новинарите/ките со изворите на информации и со другите новинари/ки со кои разменуваат доверливи информации е исклучително важно за секојдневната работа.

Прашањето за доверливост и за заштита на податоците никогаш не било поважно. Пронаоѓањето на соодветна апликација со која ќе можете да комуницирате, да споделувате датотеки и истите тие да ги зачувате, за секој/а новинар/ка претставува предизвик.

Претходно пишувавме за различни апликации кои можат да им бидат корисни на новинарите/ките за комуникација, а денес ви презентираме уште една таква.

Keybase со end-to-end енкрипција

Keybase апликацијата ви овозможува безбедна размена на пораки и на датотеки. Апликацијата е со отворен код и целосно е енкриптирана со комуникација end-to-end.

Кога работите заедно онлајн, алатките за комуникација како што е Slack може да бидат многу корисни, но тие му дозволуваат на давателот на услугата да ги чита вашите пораки. Keybase го поедноставува процесот на безбедно споделување на датотеките и на разговорите.

Важно е да се напомене дека кон средината на 2020 година, Keybase беше купен од Zoom, кој имаше доста безбедносни контроверзии, што наведе некои од корисниците/чките на Keybase да бараат од компанијата да го направи поголемиот дел од нејзиниот код јавно достапен. Паралелно со тоа, искуството на тимот на Keybase му помогна на Zoom брзо да воведе end-to-end енкрипција, овозможувајќи им на милиони корисници/чки безбедно да разговараат преку видео.

Започнување на работа со Keybase

За да почнете да го користите Keybase, потребно е да одите на нивната страница и да ја инсталирате апликацијата. На врвот на страницата, во десниот агол се наоѓа опцијата “Install”, а апликацијата е достапна и за мобилните уреди преку iPhone App Store или Google Play Store на Android.

Откако ќе одлучите на кој уред сакате да го инсталирате Keybase, следете ги инструкциите за инсталација.

Откако ќе биде инсталиран, отворете го Keybase и изберете "Create an account" и изберете го вашето корисничко име. Вашето корисничко име не може да се смени, па затоа внимателно одлучете кое ќе биде тоа име.

Ќе треба да додадете и име на уредот, кое ќе биде прикачено на вашиот профил и ќе биде јавно видливо на веб локацијата на Keybase.

Доколку сакате можете да додадете и број на телефон и е-маил адреса. Тоа зависи од вас, но имајте на ум дека, ако ги испратите овие податоци за контакт, секој ќе може лесно да ве пронајде преку вашиот телефонски број или преку е-маил адресата во самата апликација Keybase.

На крајот кликнете "Заврши" за да започнете разговор.

Како да започнете разговор

Keybase функционира слично како и сите други платформи за разговор.

На картичката Chat можете да започнете нови разговори со другите корисници/чки на Keybase. Кликнете на "Нов разговор" за да го/ја побарате пријателот/ката користејќи го неговото/нејзиното корисничко име на Keybase. Кога ќе ја пронајдете вистинската личност, кликнете на "Start" и започнете со разговорот.

KEYBASE

Создавање на тим

Оваа апликација нуди и креирање на тимови, слично како што постои и во Slack, така што може да биде одлично за редакциските тимови.

Кога поканувате некого во тимот, можете да му дадете четири различни типови на членови на тимот, во зависност од тоа колкава контрола врз групата сакате да им дадете:

·       Читатели: Читателите можат да пишуваат во четот и да читаат (но не и да испраќаат) датотеки во тимската папка.

·       Писатели: Писателите можат да креираат канали за чет, како и да читаат и да пишуваат во тимските папки.

·       Администратори: Администраторите можат да прават сѐ што може да прави и писателот, плус да додаваат и да отстрануваат членови/ки и да ги менуваат улогите на членовите/ките на тимот.

·       Сопственик: Сопствениците можат да направат сѐ што може да направи и администраторот, а исто така можат и да го избришат тимот.

При поставувањето на Teams, Keybase исто така може да бара и пристап до вашиот систем, за да ви овозможи да споделувате и да примате датотеки со членовите на тимот.

Автоматско бришење на пораките

Повеќето апликации за испраќање на пораки ќе ги задржат вашите пораки додека не биде избришан вашиот налог или додека вие рачно не ги избришете. Со Keybase можете да направите пораките да се бришат автоматски по определеното време што ќе го изберете. Ва рамките на било кој разговор, кликнете на иконата за мерење на времето на дното на екранот. Можете да направите пораките да "експлодираат" во тој разговор помеѓу 30 секунди и седум дена од испраќањето.

FDSA

Складирање и споделување на датотеки

Вашите датотеки можете да ги споделувате или да ги чувате во самата апликација. Можете да ги чувате во три типа на папки, во зависност од тоа како сакате да ги споделувате.

·       Приватни папки: За датотеките кои можете да ги читате само вие и било кој друг по ваш избор.

·       Јавни папки: За датотеките кои сакате да им ги направите достапни на сите на интернет.

·       Тимски папки: За датотеките до кои може да пристапи само еден од вашите тимови.

Користете приватна папка за пренесување на датотеки за определени личности. На пример, кога сакате да пренесете датотека за сопствено чување, можете да кликнете на вашата приватна папка и да го кликнете вашето корисничко име за да пренесете сѐ што сакате за вас. Во приватната папка исто така можете да кликнете на папката со името на контактот за да ги споделите датотеките со него/неа. Од тимските папки на сличен начин можете да ги споделувате датотеките со било кој тим на кој сте му се придружиле.

Исто така, можете да ги синхронзирате датотеките на вашиот уред, дозволувајќи му на Keybase автоматски да ја преземе најновата верзија на папката и нејзините датотеки. За да го овозможите ова, притиснете на прекинувачот "Синхронизирај со овој уред" во горниот десен агол на било која папка со датотеки.

Направете безбедносна копија

Со оглед на тоа што Keybase е енкриптиран со end-to-end комуникација, само вашите уреди можат да ги дешифрираат пораките. Во случај некогаш да го изгубите пристапот до вашите уреди, ќе ви треба резервен план. За да го зачувате пристапот до Keybase, ќе ви треба лозинка за итни случаи, која Keybase ја нарекува "paper key", што е случаен клуч за отклучување на вашиот налог. Генерирајте го вашиот клуч на следниот начин: Уреди > Додади уред или paper key > Креирај paper key.

Оттука можете да додавате и други уреди, како на пример мобилен уред. Чувајте ја копијата на вашиот клуч некаде на безбедно место, како на пример со управител на лозинки.

Важноста на безбедната комуникација во новинарството

Разбирајќи ја важноста за одржување на безбедна комуникација во онлајн сферата, една ваква апликација навистина може да им биде корисна на новинарите/ките и на целите редакции. Новинарите/ките секојдневно користат и бележат голем број на доверливи податоци, па затоа е важно да се имаат апликации каде што можете безбедно да ги споделувате и да ги чувате тие податоци.

Со опцијата како што е автоматското бришење или бришењето во определен временски период, вашите комуникации со другите новинари/ки или со изворите стануваат уште побезбедни. Оваа апликација може да им биде особено корисна на оние новинари/ки кои се занимаваат со истражувачко новинарство и што работат со чувствителни податоци.

Свесни за фактот дека денешната онлајн комуникација бара голема претпазливост, таа истовремено троши многу енергија, па ваквите и слични апликации им помагаат на новинарите/ките послободно да комуницираат, без страв дека некој ќе ја пресретне нивната комуникација.

Се разбира, ниту една алатка не е целосно безбедна и не е доволна самата таа целосно да ве заштити, па затоа ќе биде неопходно општо да се грижите за дигиталната хигиена и да ги користите сите оние совети за кои често пишуваме.

Ocijenite kvalitet članka