

Во време кога технологијата брзо се развива, вештачката интелигенција (AI) станува сеприсутна во многу индустрии, вклучувајќи го и новинарството. Со новите можности доаѓаат и нови предизвици. За да се обезбеди етичка и ефикасна употреба на вештачката интелигенција, неопходно е да се воспостават јасни насоки и процеси.
Вештачката интелигенција навистина нуди широк опсег на можности за медиумските организации во различни области, како што се уредувачкото, маркетиншкото или оптимизациското работење, наведува Journalism.co.uk.
На кој начин се видливи можностите преку овие три области?
- Редакција: Вештачката интелигенција може значително да го подобри уредувачкиот процес во медиумските организации. Вештачката интелигенција може да се користи за откривање на лажни медиумски приказни и плагијати, обезбедувајќи веродостојност на содржините. Исто така, може да ја поддржи новинарската рамнотежа во известувањето за вестите со откривање на пристрасност кај уредникот/чката во изборот или приоритетите на темата. На пример, можат да забележат дали почесто се бара експерт отколку експертка за да даде техничко мислење.
- Маркетинг: Вештачката интелигенција може да управува со сложени задачи, да анализира големи количини на податоци и да ги персонализира корисничките искуства кои ѝ служат и на публиката и на самиот медиум. Стратешкото усвојување на вештачката интелигенција во медиумот може да доведе до подобрено корисничко искуство преку персонализирани содржини, понуди и искуства. Решенијата кои ги управува вештачката интелигенција можат да анализираат податоци за потрошувачите и да креираат насочени маркетинг кампањи за подобрување на интеракцијата со публиката според нивните интереси и потреби. Таа помага во рекламирањето и разбирањето на одговорите на публиката во реално време, што може да биде клучно за приспособување на маркетинг стратегиите.
- Оптимизација на работењето: Когнитивната компјутерска технологија во компаниите (Enterprise cognitive computing – ECC) вклучува вградување на алгоритми во апликациите што ги поддржуваат организациските процеси. ECC апликациите можат да ги автоматизираат повторувачките, формулациски задачи и да обезбедат подобрувања во брзината на анализата на информациите како и во сигурноста и точноста на резултатите. Тие можат да ја зголемат продуктивноста и да ги ослободат вработените од извршување на работите на повисоко ниво. Вештачката интелигенција, исто така, може да ја зголеми ефикасноста преку автоматизација и поедноставени процеси. Значи, ја подобрува ефикасноста, планирањето и управувањето со продукцијата а може да ги автоматизира известувањата со што штеди време и ресурси.
Ова се само некои примери за тоа како вештачката интелигенција може да се користи во медиумските организации. Можностите се големи и продолжуваат да растат како што се развива технологијата за вештачка интелигенција.
Важноста на креирањето на насоки
Претходно пишувавме за етичките аспекти и за важноста на креирањето на насоки во самите редакции за користење на вештачката интелигенција. Креирањето на насоки е од исклучително значење бидејќи може да ви помогне за да можете полесно да ги користите сите нејзини можности.
Насоките помагаат во осигурувањето дека вештачката интелигенција се користи на етички прифатлив начин. NiemanLab издаде насоки кои значително ја нагласуваат важноста на човечкото учество и надзор во употребата на вештачката интелигенција, вклучувајќи и дополнително уредување и проверка на фактите пред објавувањето.
Креирањето на насоки може да помогне во намалувањето на потенцијалните штети, како што се пристрасност и неточност, кои можат да произлезат од содржината што е генерирана од вештачката интелигенција. Повеќе од 60% од испитаниците/чките во едно истражување изразиле загриженост поради етичките импликации на вештачката интелигенција на новинарските вредности, вклучувајќи ја точноста, правичноста и транспарентноста.
Насоките им овозможуваат на редакциите подобро да разберат како да ја интегрираат вештачката интелигенција во нивните операции. Associated Press, London School of Economics and Political Science и NiemanLab создадоа бесплатни образовни ресурси кои се дизајнирани за да им помогнат на редакциите да ги откријат сите можности на вештачката интелигенција, како и да ја подготват нивната редакција за вградување на технологии кои вклучуваат вештачка интелигенција за поддршка и развој на сите аспекти на работењето во медиумите.
Овој ресурсен хаб нуди навистина многу можности кои можат да ви помогнат за да го приближите користењето на вештачката интелигенција во вашите редакции, за да ги разберете нејзините потенцијали и начините како таа може да биде корисна за вашата секојдневна работа.
Јасно е дека насоките за користење на вештачката интелигенција во редакциите ќе играат клучна улога во обликувањето на иднината на новинарството, а на вас останува уште сега да почнете да креирате насоки кои ќе бидат приспособени на вашите потреби.
Четири чекори за градење на стратегија за вештачка интелигенција
Journalism.co.uk наведува четири чекори што можат да ги преземат редакциите за градење на стратегија за вештачката интелигенција:
1. Разберете ја можноста
Потребно е да стекнете знаење за вештачката интелигенција и да ги идентификувате областите во вашата редакција каде што таа може да биде најмногу корисна. На пример, генеративната вештачка интелигенција има способност за креирање на нова содржина, додека предвидувачката вештачка интелигенција користи историски податоци за предвидување на идните резултати, како што се трендовите на претплата. Постои и голем потенцијал за автоматизација на редакциските процеси кои можат едноставно да се имплементираат и да обезбедат поголем поврат на инвестицијата.
2. Тестирајте и учете
Не постои универзално решение. Ќе морате да испробате различни пристапи и да се соочите со неуспеси за да го откриете најефикасниот начин за користење на алатките кои ги управува вештачката интелигенција во вашата редакција. Иако информативната индустрија можеби не е позната по спроведување на експерименти, прифатете го експериметирањето како составен дел од создавањето на нешто ново.
3. Додадете структура
Исклучително е важно да се имплементираат управувачките процеси и да се формираат правила за примената на вештачката интелигенција во редакцијата. На пример, треба јасно да дефинирате кои активности треба, а кои не треба да се вршат со помош на вештачката интелигенција. Исто така, потребно е да се одредат приоритети меѓу експериментите, да се воспостави врска помеѓу вештачката интелигенција и вашата севкупна деловна стратегија, да се осигурате дека ресурсите се правилно распоредени и да се постават очекувања за персоналот и за учесниците.
4. Изградете способности
На крајот, посветете се на подобрување на вашите луѓе, процеси, технологии и податоци. Откако ќе воспоставите структура и ќе ги зајакнете и ќе ги усовршите вашите луѓе, тоа ќе ви обезбеди поголема самодоверба во она што го правите.
Иако е разбирливо дека редакциите можат да имаат отпор кон промените, особено кога станува збор за воспоставување на насоки за градење на стратегија за вештачка интелигенција, важно е да се разбере дека тие насоки ќе ја олеснат работата со вештачката интелигенција во иднина. Отпорот кон промените може да биде предизвик, но со оглед на неизбежноста на вештачката интелигенција во иднината на новинарството, прифаќањето и приспособувањето на овие промени може да донесе бројни придобивки. Преку јасни насоки, редакциите можат да го осигураат користењето на вештачката интелигенција на етички прифатлив начин, додека истовремено ја подобруваат ефикасноста и иновативноста на нивните операции. На крајот, успешната интеграција на вештачката интелигенција во новинарството не само што ќе го подобри квалитетот на работењето, туку и ќе помогне во обликувањето на иднината на индустријата.