Дали HR менаџерите во редакциите се рецепт за поуспешно носење на вработените со предизвиците?

11.12.2020. / 12:36

„Уверен сум повеќе од кога и да било дека би требале да разговараме за поставување на експертите за човечки ресурси на раководни позиции во редакциите.

Ако не можеме да ги промениме луѓето, ако не можеме ефикасно да регрутираме, ако не можеме да направиме образованието и учењето да станат дел од културата и ако немаме менаџери и работна сила кои би можеле постојано да се менуваат, треба да се посветиме на управувањето со човечкиот капитал кој е насочен кон новинарството и предизвиците со кои новинарите/ките денес се соочуваат.“

Вака уште во 2014 година во текстот за Niemanlab.org пишувал Мет ДеРиенцо, советникот за медиумска индустрија.

Тоа било пред пандемијата со КОВИД-19, пред огромните финансиски притисоци врз медиумите и пред да ескалира несигурноста за работата на новинарите/ките во целиот свет.

Зошто новинарството е една од најстресните професии на светот

Според American Psychiatric Foundation, најчестите причини за стресот, бесот и тескобите на работното место се:

  • Високите барања на работата

  • Недоволно ресурси

  • Нерамнотежа со која се надградува напорот, каде вработените сметаат дека нивните напори наидуваат на низок надоместок или слабо признавање

  • Целите врзани за работата се сметаат за исклучително тешки, но не и за остварливи предизвици

Сите овие причини  по ред се обележје на новинарската работа веќе со децении без оглед на тоа какви прилики владеат во општеството. Ако на вообичаените стресори им ја додадеме пандемијата со КОВИД-19 која новинарите ја следат од самиот почеток, известуваат и ги ажурираат податоците секојдневно, свесни сме дека притисоците се уште поголеми.

„Не би требало да се случи пандемија за да го признаеме силниот притисок под кој секогаш сме биле, надополнети со неизвесноста на смените и долгорочната работа.“ изјавил еден од новинарите во анкетата која неодамна ја спровел PressGazette.co.uk.

Во претходниот текст Лејла Хуремовиќ навела дека „од исклучителна важност е да се имаат уредници/чки со добри менаџерски способности, а во вакви околности може да биде од круцијална важност. На кој начин ќе се донесуваат и применуваат одлуките кои не би требало да го загрозат непрекидното медиумско и професионално известување, а притоа да се води сметка за здравјето на своите новинари/ки, станува приоритетно прашање на секоја редакција.“

Врз уредниците е голема одговорност за точноста и вистинитоста на податоците, за добро покриени сите теми кои луѓето ги очекуваат, за квалитетно известување кое на луѓето во изолација им е единствената врска со светот. Дали можат уредниците/чките да испочитуваат сé што се очекува од нив, да внимаваат на здравјето на вработените и на крај да се грижат за едукација на сите вработени во редакцијата? Требаат ли?

Воведување на менаџер/ка за човечки потенцијали би бил вистински одговор на овој предизвик.

Како менаџерите/ките за човечки ресурси можат да придонесат за редакциите

Медиумите секојдневно се менуваат под влијание на промената на однесувањето на нивната публика.

Таа количина на промени и понатаму не е доволна.

Секојдневно редакциите се соочуваат со предизвици како што се лажни вести, сензационализам, лоши пристапи во известувањето за маргинализираните групи...

Важно е да се нагласи дека не се работи секогаш за лов на кликнувања и за желба на медиумот да ѝ се додвори на публиката, понекогаш недостатокот на луѓе, знаење и подобар пристап до темите е вистински проблем.

Каде е тука местото на човечките ресурси?

Истражувањата на британската издавачка индустрија покажале дека големината на работната сила во медиумската индустрија се намалила од 308 500 во 1997 година на 225 000 во 2014 година. Меѓутоа, структурните промени и приспособување на човечките ресурси создале далеку попродуктивна работна сила. Намалувањето на стресот директно влијае врз зголемување на продуктивноста.

Вработувањето на менаџерот за човечки ресурси во редакцијата нема да го направи новинарството помалку стресна професија, која со пилотите, пожарникарите и припадниците на вооружените сили е една од најстресните. Човечките ресурси ги решаваат прашањата кои се однесуваат на вработените, тие се одговорни за обезбедување на доброто на вработените и решавање на сите предизвици поврзани со луѓето.

Планирано управување со потенцијалите на вработените со советување за развојот на кариерата на новинарите/ките може да доведе до зголемување на продуктивноста и подобар пристап кон работата. Овој аспект е особено важен кај искусните и квалитетни новинари/ки кои имаат специфични знаења. Задржувањето на ваквиот кадар не е можно само со висина на платата. Дополнително образование, слобода во пристапот до некои теми, можности за напредување се само дел од она што HR менаџерите можат да го унапредат во редакцијата.

Вработување на милениалците кои влегуваат во работната сила влијае врз позициите и свеста на работодавачот, дури и во медиумската индустрија. Милениалците барат можности за активно придонесување за некоја заедница. Денес постојат очекувања организациите да делуваат на општествено одговорен начин, а медиумите тука не се исклучок.

Технолошкиот развој бара постојана обука за да се стекнат технички вештини потребни за извршување на работата. Разбирањето на основните метрики, анализа на посетеноста на веб страницата, кликнувањата и конверзиите се важни вештини за оние кои се вклучени во која било форма на создавање на содржини за веб. За да се завладее со овие вештини, потребни се вложувања во едукација на работната сила.

Развој и насочување на културата на толеранција, промовирање на различностите во редакцијата, но и спрема надворешните јавности би требале да бидат цели на менаџерите/ките за човечки ресурси во медиумите. Без разноликоста во редакциите некои прашања нема да се покренат. На индустријата ѝ се потребни повеќе новинари/ки со инвалидитет, повеќе членови на маргинализирани групи за вистински да се применат промените.

Работата на менаџерот за човечки потенцијали во медиумите не е исклучително интервјуирање на кандидатите за работа и ажурирање на табелата со родендени на вработените. Потребите на редакциите се далеку покомплексни. Уредниците не можат и не стигаат да ги покријат сите потреби на редакцијата и вработените, особено оние кои се однесуваат на едукации и личната благосостојба на вработените.

Ocijenite kvalitet članka