Дали ни се потребни национални вести во локалните медиуми

08.12.2023. / 08:19
Автор/ка
Share
lokanle vijesti
lokanle vijesti

Ова прашање на прва изгледа како едноставна анализа на тоа кои вести ќе одат, а кои не.

Одговорот, како и секој што се однесува на планирањето на медиумскиот бизнис, е комплициран со многу слоеви.

Многу локални медиуми на Балканот не се создадени за да работат на развојот на заедницата. Тие се создадени како алатка за генерирање на приходи од рекламите. Ако целта е лесно остварлив приход, неа ја следи идејата да се инвестира што е можно помалку во создавањето на содржини.

Тука се појавуваат нијансите кои го создаваат проблемот.

Зошто да се дискутира за тема за која не постои решение?

Во многу делови на Балканот наскоро ќе има избори. Невозможно е редакциите да ги следат сите активности и за секоја од нив да креираат соодветна содржина. Затоа тие ќе ги преземаат содржините што ги креираат и ги обликуваат штабовите на партиите. Насловите, изјавите и резимеата на вестите можат драстично да влијаат на јавноста.

Дали во локалните медиуми ни се потребни вести што не се локални

Без силни локални медиуми, луѓето за информации ќе се вртат кон помалку регулирани форуми, како што се групи на Facebook кои се полни со непроверени информации и дезинформации.

Веродостојните изворни вести за заедницата ја подобруваат таа заедница.

Денешните локални медиуми се полни со спротивности: емитуваат содржина за националната политика и за светските настани.

Joshua P. Darr, вонреден професор по политичка комуникација на Manship School of Mass Communication за NiemanLab изјавил: Локалните медиуми треба да престанат да го полнат нивниот медиумски простор со вести што не се локални и да се сосредоточат на она што ги прави единствени, дури и ако тоа не е во согласност со очекувањата на многумина. Разбирам дека за тоа ќе бидат потребни повеќе ресурси, но тие нема да ги привлечат или да ги задржат претплатниците со повторно објавување на приказни за теми што не се локални.”

Потребата од локални медиуми е голема, како и од вести од локалните заедници. Но, најчесто во овие заедници нема доволен број на новинари/ки кои ќе се погрижат заедницата да ги има вестите што ѝ се потребни.

Тука стапуваат на сила соопштенијата за јавноста кои ги пласираат општините (вести за градските и за општинските совети), полициските станици (вести за црната хроника), а дури потоа обилно се користат агенциските вести за пополнување на просторот. Одличен микс за кликови.

Ваквите пристапи ни донесоа десетици портали со агенциски вести, а кога ни треба информација за тоа какви градежни работи се случуваат на нашата улица и зошто е блокиран сообраќајот, медиум за ваква информација не постои.

Како да се процени дали веста сепак треба да се објави во локалниот медиум

Проектот Мрежа на плурализмот им помага на редакциите да пронајдат решение за овие проблеми. На темата за инклузија на националните вести во локалните медиуми, спроведено е истражување кое покажа дека публиката е збунета околу тоа кој е одговорен за агенциските вести, дека насловите се премногу поедноставени, премногу се генерализирани или сензационалистички, а понекогаш дури и погрешно го толкуваат тоа што навистина се случило.

Ова прашање беше покренато во редакциите на американските локални медиуми, што резултираше со основање на здружение и започнување на дијалог кој ќе им помогне на локалните медиуми во донесувањето на одлуки и транспарентност при изборот на националните вести за локалниот медиум.

Резултатот од овој дијалог е усвојувањето на збир на прашања кои ќе помогнат во донесувањето на одлуките.

Одговорите на овие прашања можат да помогнат:

  • На кои извори на вести сме претплатени?
  • Зошто се тоа изворите или услугите што ги избираме и зошто им веруваме (кој е во нивната редакција , каде се наоѓаат, нивните етички политики, нивната посветеност на точноста итн.)
  • Како функционира процесот (што плаќаме, до какви видови на содржини имаме пристап)
  • Кои теми ги покриваме со агенциските вести?
  • Кој во нашата редакција избира кои приказни ќе ги вклучи и кои се нивните критериуми?
  • Како бараме повратни информации од публиката за овие приказни и што правиме со нив?

За еден локален медиум на Балканот, претплатата на Associated Press би бил непромислен деловен потег и оптоварување на буџетот, бидејќи публиката нема да разбере многу теми за кои нема доволен контекст. Но затоа претплатата на FENA (Федералната новинска агенција), MINU, FONET, HINU, MIA, Kosova Press е добар потег.

Дополнителните прашања за проценка на покриеноста на националните и на меѓународните теми се поврзани со вредностите за кои медиумот треба да се залага. Често се случува локалниот медиум да објавува теми од Холивуд или од некои далечни земји само затоа што тие се генератори на кликови.

Вредностите на кои се заснова уредувачката политика можат да се откријат со прашањата:

  • Како ги опишуваме нашите локални вредности и приоритети?
  • Како објаснуваме за што е задолжена редакцијата на локалниот медиум, а што сѐ не покрива?
  • Колку национални вести се објавуваат и зошто?
  • Колкаво внимание посветуваме на националната покриеност на платформите на социјалните мрежи?
  • Дали намалениот број на луѓе во редакцијата е причина за зголемување на бројот на агенциски вести?

Предноста на локалните медиуми на пазарот доаѓа од известувањето за нивната географска област, а исполнувајќи ги нивните страници со национални вести ја поттикнуваат публиката да го напуштат медиумот бидејќи има премногу портали со национални вести. Во сите средини недостасуваат локални медиуми.

Оценете го квалитетот на статијата