Дали подкастот и радиото се ист медиум?

21.01.2022. / 08:42

Во моментов има повеќе од два милиони подкасти и повеќе од 48 милиони епизоди што се достапни за преслушување. Тоа е неверојатен раст со оглед на тоа дека во 2018 година имаше само 500.000 подкасти.

Честопати во изминативе години пишувавме за неверојатниот раст на подкастите и за користа што ја има новинарството. Подкастите ѝ носат квалитетно новинарство на новата публика и придонесуваат за иновативни начини на презентирање на информациите на постоечката публика.

Сѐ поголемата популарност на подкастот става пред медиумите нови задачи за приспособување кон публиката и отворање на простор што ќе им овозможи ваков вид на пристап до медиумите и до темите кои ги обработува тој медиум.

Често се поставува прашањето дали подкастот ќе го замени радиото како медиум. И дали всушност подкастот е ист медиум како и радиото.

Според податоците на Nielsen од 2019 година, подкастот нема да го замени радиото.

Радиото не бара никаква форма на месечна претплата, бидејќи го финансираат огласувачите, за разлика од многу медиумски услуги во моментов. Дури и подкастите често се наоѓаат на страниците со претплата како што е Spotify, што го прави радиото бесплатна алтернатива кога повеќето други услуги стануваат сѐ поскапи.“ – наведува James Mulvany во текстот Четири причини зошто радиото е сѐ уште популарно.

Иако се чини дека за време на пандемијата опадна слушањето на радио, затоа што повеќето луѓе многу помалку се возеа во автомобилите, кое беше најчесто место за слушање на радио, тој процент сигурно ќе се зголеми со заминувањето на пандемијата и со враќањето на нормалниот живот.

Разликата помеѓу подкастот и радиото

Ако некогаш сте се запрашале која е разликата помеѓу подкастот и радиото, одговорите ви ги даваме во продолжение.

Накратко кажано, радиото е уметност на емитување на програма за јавноста за слушање преку радио брановите. Подкастите се, на некој начин, ремедијализирана радио содржина фокусирана на определена тема и претставена како серија од дигитални аудио датотеки што слушателите можат да ги преземаат и да ги слушаат.

Подкастот не е само повторено и малку намалено радио, туку тоа е нова форма на медиум во кој начините на производство, презентација, ангажманот на публиката и целта се јасно разграничени помеѓу тие два медиума. Главната разлика помеѓу двата медиума е распоредот. Имате однапред поставен распоред со радио емисии до кој мора да се придржувате. Има фиксен распоред кога се раскажуваат приказни или кога е време за вести или кога е време за дневните временски прогнози. Со подкастите, нема временско ограничување затоа што слушателите можат да ја преземаат и да ја слушаат содржината кога и да посакаат.

Уште една голема разлика помеѓу подкастот и радиото е публиката која ја привлекуваат. Радиото е медиум за масовна комуникација што користи неколку различни видови на содржина за да привлече масовна публика. Содржината се сосредоточува на различни теми, имајќи го во предвид интересот на слушателите/ките. Подкастите, од друга страна, со својата приспособена и богата содржина повеќе привлекуваат потесен круг на публика. Една голема предност на подкастот е тоа што всушност можете да видите колку луѓе го преземале подкастот. Некоја подетална аналитика на публиката е сѐ уште во развој и зависи од давателот на услугата, но и овој податок за бројот на преземања се исто така чекор напред во однос на традиционалната радио програма. Повеќето големи дистрибутери на подкасти нудат подетални податоци за слушаноста на епизодите по бројот на слушатели/ки, по должината на слушање и по бројот на преземања.  

Главната разлика помеѓу подкастот и радиото е испораката на содржина. Подкастите се серија од дигитални аудио датотеки кои главно се однапред снимени, што значи дека секој со пренослив медиумски уред може да го преземе подкастот и да го складира на неговиот уред и може да го слуша било каде и кога ќе посака. Тука се и подкастите во живо кои се емитуваат во живо за публиката да ги слуша во реално време. Од друга страна, радио емисиите главно се преноси во живо, што значи дека содржината не може повторно да се форматира или да се уредува откако е веќе емитувана. Подкастите можат да се форматираат во делови и можат повторно да се снимаат.

Радиото и подкастот се различни медиуми

Радиото е повеќе инстант медиум, што значи дека штом ќе започне радио емисијата, се вклучува и после некое време исчезнува. Како слушател/ка, не можете повторно да се вклучите во истата емисија откако таа ќе заврши. Ова не е случај со подкастите. Всушност, подкастите се секогаш тука и секој може да ги слуша своите омилени епизоди од подкастот кога и да посака, дури и ако се епизодите стари. Подкастите имаат долг рок на траење и за разлика од радио емисиите, може да се слушаат после повеќе месеци или години.

Иако подкастингот споделува определени практики со радиото, сепак постојат фактори што ги раздвојуваат овие два медиуми. Значи, кога зборуваме за подкаст и за радио, зборуваме за два различни медиуми кои имаат своја публика и различни начини на пристап, како и навики за слушање. Бидејќи денес сѐ повеќе имаме радио пристап преку интернет страницата на медиумот, можен предлог за оние медиуми што имаат само радио како медиум, може да биде создавање на дополнителни подкаст емисии во кои ќе се зборува за определени теми, кои честопати се безвременски. На тој начин радиото како медиум може да привлече дополнителна публика која денес почесто слуша подкаст, а која може да се заинтересира секојдневно да слуша радио.

Ocijenite kvalitet članka